Фотографија: Донат Сорокин / ТАСС
Емил Ниами
Мојот дедо од мајчина страна, Саво Јаневски, се родил во селото Вруток на 10 јануари 1923 година. Тој потекнува од селско семејство што се занимавало со земјоделство. Во потрага по подобар живот уште како многу млад со својот татко заминува на печалба, најпрво во Романија, а потоа во Белград, каде работеле како градежни работници. Тука, во септември 1941 година, ги нашло бомбардирањето на Белград од страна на авијацијата на фашистичка Германија. Тогаш, заедно со татка си, се вратиле пеш во својот роден крај, кој е оддалечен од Белград цели 600 километри.
Социјално освестен за состојбата во земјата, како и за случувањата во Југославија, многу бргу со своите врсници се организираат и илегално дејствуваат против појавите што навестувале дека неволјите ќе го зафатат и овој крај. Имено, неговото родно место се наоѓа во западниот дел на Македонија кој граничи со Албанија, која, пак, била во сојуз со фашистичките земји – Германија и Италија.
Саво Јаневски |
Пред да премине во илегала се оженил со мојата баба Марија, која за сето време додека мојот дедо се борел, помагала со плетење волнени чорапи за војниците, со носење храна за партизаните, како и со криење илегалци.
Овој крај најмногу настрадал од балистите кои вршеле страшни злосторства, за разлика од италијанските окупатори кои не биле насилни. Една вечер мојот дедо кришум дошол да го посети семејството. Оваа информација му била предадена на локалниот оџа, кој, пак, истата им ја предал на балистите. Набргу во домот бил извршен претрес, но домашните го скриел мојот дедо меѓу јоргани кои биле ставени еден врз друг врз голем дрвен сандак. Тогаш тој успеал да се извлече. Но, по кусо време балистите се вратиле повторно во куќата и по детален преглед го пронашле мојот дедо. Тогаш го извеле на стрелање. Го спасил еден мештанин кој бил Албанец. Тој се повикал на неговата младост, застанал пред дедо ми и гарантирал за него. Ова, секако, не го исплашило дедо ми и тој повторно се вратил во партизанските редови каде војувал сè до ослободувањето.
Дедо ми беше многу горд со своето учество во Втората светска војна и со тоа што бил дел од победата врз фашизмот. Носител е на Партизанска споменица. Често знаеше да ни раскажува интересни случки од времето на војната, ни предочуваше историски факти, нè запознаваше со историјата. Тој беше особено почитуван во градот Гостивар, каде по војната се преселил со своето семејство. Кај него на гости доаѓаа многу луѓе – и стари и млади, и Албанци и Македонци и Турци, сите подеднакво го уважуваа и се гордееја што го познаваат. Тој почина во 2007 година, зад себе остави семејство со кое до крајот на животот се гордееше, а ние, неговите потомци, ја продолжуваме неговата мисија за мир и слобода, за живот без војна и со решеност да не дозволиме фашизмот повторно да се појави на нашава планета.
Вјачеслав Чарски
Сите мои прадедовци на овој или на оној начин се еден вид легенда во нашата фамилија. Дури ни моите дедовци и баби не ги памтат или одвај се сеќаваат на нив.
Некакви попрецизни податоци беа собрани дури минатата година, и тоа само за едниот прадедо од страната на мајка ми – Иван Авдонин – со помош на проектите што во последно време беа започнати, а кои се однесуваат на потрага по податоци за загинатите и за исчезнатите советски војници.
Иван Авдонин |
Иван е роден во селото Бељаково во Нижегородската област (тогашна Горковска област). Тука го минал своето детство, израснал и се оженил со мојата прабаба Нина Новожилова. Обајцата биле кројачи. На почетокот од 1941 година мојот прадедо го поканиле да работи во едно од најпознатите московски ателјеа. Но, не успеале да се преселат во Москва, зашто започнала војната. Иван заминал на фронт, а дома ја оставил жена си со своите пет ќерки.
Најпрво војувал некаде на југ, во близина на Саратов, потоа во близина на Москва, некаде кај населбата Химки, онаму каде што Германците во ноември и во декември 1941 година веќе опасно ѝ се приближија на Москва. Последното писмо од него стасало пет дена по раѓањето на мојата баба, на почетокот на март 1942 година, кога тој, по сè изгледа, повеќе не бил меѓу живите. Загинале некаде во Новогородската област за време на Торопецко-холмската офанзива. Неговата дивизија тогаш била во составот на Четвртата ударна армија на Северозападниот фронт.
Фотографијата на мојот прадедо во воена униформа има посвета „На ќерка ми Шура за спомен. Ви посакувам среќа во животот. Ваш тато“ и датум 25 јануари 1942. Сега ова е единствениот спомен на него. Со оваа фотографија мојот вујко Олег Радостин на 9 мај учествуваше во акцијата „Полкот на бесмртните“.
Другиот мој дедо од мајчина страна, Михаил Радостин, исто така заминал на фронтот од споменатото село Бељаково, но поконкретни податоци за тоа не се сочувани. Мојот дедо Борис тогаш имал 4 години. Прабаба ми Анастасија тогаш последен пат го видела Михаил. Се знае дека исчезнал уште во првите денови од војната, за време на една голема германска офанзива. Неговиот брат Иван Радостин војувал од првиот до последниот ден од војната. Во повеќе наврати бил одликуван. И тој на 24 јуни 1945 година учествувал на Парадата на победата на Црвениот плоштад, и во фрлањето на германското знаме на „подножјето“ на Мавзолејот.
Мојот прадедо од страната на татко ми, Владимир Чарски, чие презиме го носам и јас, потекнува од благородничко семејство од градот Самара на Волга (во советско време овој град се викал Кујбишев). Репресиите врз благородништвото допреле и до неговото семејство. Мојот дедо Вјачеслав паметеше дека во раното детство со семејството живеел во голема куќа во центарот на Самара, и дека имале прислуга. Прадедото Владимир служел во Црвената армија, и тоа како офицер на авијацијата. Летал со бомбардер. Загинал на воена задача во првите месеци од војната. Претходно неговата жена, мојата прабаба Зоја, веќе починала од тифус, така што дедо ми Вјачеслав од своите пет години останал сираче. Го исчувала куќната помошничка на семејството Чарски.
Другиот прадедо од страната на татко ми, Иван Вељмин, татко на мојата баба Нина, е единствениот од моите четири прадедовци кои успеале да се врати од војната. Служел како возач на камион и во првите месеци од војната, како и многу други црвеноармејци, се нашол во обрач и во заробеништво. Подоцна бил одведен во концентрационен логор во Западна Германија. На крајот од војната заедно со останатите логораши бил ослободен од американската војна. По заробеништвото веднаш го презеле припадниците на Народниот комесаријат за внатрешни работи, па уште неколку месеци поминал во логор за раселени лица. По сите проверки продолжил да живее сам, ги оставил жена си Ана и двете ќерки, очигледно зашто по логорот боледувал од туберкулоза. Неколку години подоцна, кон крајот на четириесеттите години од минатиот век, на семејството на мојата баба му било соопштено дека прадедо ми починал.
Екатерина Туришева
Мојата баба од страна на мајка ми, Анастасија Рибакова, есесовците ја одвеле во концентрационен логор додека била бремена. Во март 1943 година родила близначки – Марија и Пелагеја. По речиси една година во логорот се појавила епидемија на сипаници и кога се разболела Марија, била запалена жива. Пелагеја преживеала и подоцна раскажувала како, според кажувањата на нејзината мајка, некој Германец што поминувал во обиколка на бараките влегол во нивната, ја закачил Марија со кука, ја кренал и ја фрлил во вагонетка со која потоа била одвезена во печка за кремација.
Пелагеја Рибакова. |
Набргу потоа Анастасија умрела од туберкулоза. Пелагеја по ослободувањето, по враќањето во родната Белорусија, била примена во дом за згрижување деца. Постарата сестра на Ана сакала да ја посвои, но во тоа време во СССР посвојувањето деца било забрането со закон. Се сметало дека советските деца треба да ги воспитува државата.
Никој од моето семејство не се сеќава како се викал тој логор, единствено што знаат е дека се наоѓал во областа Рудов кај Берлин. Не се зачувани ниту документите на Пелагија во Германија, па затоа во Русија „според изјави од сведоците“ направени се нови, но во нов таа не била заведена како Пелагеја, ами како Полина.
Мојот прадедо по мајка Михаил Кучер бил воен комесар во украинскиот град Чудново. Оттаму заминал на фронт, а мојата прабаба заедно со синовите била евакуирана во Русија (таму во 1941 година се родил мојот дедо, па му било дадено името Михаил според неговиот татко). Мојот прадедо учествувал во војната од почетокот до нејзиниот крај и е награден со орденот Црвена ѕвезда. Тој никогаш не зборувал за тие времиња.
Мојот втор прадедо по мајка Јосиф Циунељ пред војната отпатувал од Белорусија на привремена работа во Астрахањ. Таму бил мобилизиран како митралезец. За него повеќе ништо не се знаело. Родителите неколку години чекале да им се врати нивниот син-единец, сè дури на 5 мај 1945 година не стасала и официјалната вест за неговата смрт. Ова известување не е зачувано. Кога мајката на Јосиф починала и писмото, по нејзина желба, било погребано заедно со неа.
Дури во минатата деценија кога на Интернет почнаа да се појавуваат дигитализираните воени архиви, се дозна дека Јосиф загинал на 16 март 1945 година во Чехословачка и дека е погребан во заедничка гробница во селото Лесковец (оваа гробница подоцна заедно со останатите воени гробници е преселена во словачкиот град Зволен). Во истите архиви се наведува дека Јосиф е награден со медал „За храброст“ и со орден на Татковинската војна од втор степен, но овие награди не стасале до нашето семејство.
Марија Смирнова
Мојот дедо по татова линија, Смирнов Алексеј Георгиевич, заминал во војната како доброволец во 1941 година, се борел во текот на сета војна и дошол дури до Берлин. Бил сериозно ранет. За жал, за него многу малку се знае. Кога тој почина, јас бев сосема мала и воопшто не се сеќавам на него. Татко ми ми велеше дека кога дедо ми го прашувале за војната, тој не сакал да раскажува и само велел дека било многу тешко. Толку тешко што тој не можел да зборува за неа. Тој, исто така, многу цртал и за време на војната има создадено цел албум.
Мојот друг дедо, Пољаков Пјотр Сергеевич, за време на војната работел во заднина. Во 1941 година тој имал 16 години, па затоа не го зеле на фронт, иако тој сакал. Заминал да работи во фабрика. Раскажуваше дека на 16 години тој бил толку низок што морал да се качува на дрвена гајба за да достигне до машината. Денот на победата дедо ми секогаш го празнуваше со особена радост и со гордост. Неговиот брат Василиј, кој заминал на фронт како доброволец, загинал кај Ржево во 1942 година, а неговата постара сестра Александра за сето време на војната служела во Црноморската флота.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче