Верка Бунтеска. Фотографија: Емил Ниами
Неодамна бевте во посета на Русија. По чија покана заминавте и која беше целта на вашата посета?
Да. На покана на претседателот на Рускиот сојуз на ветераните, генерал на армијата Михаил Мојсеев, а по повод 70-годишнината од победата во Големата татковинска војна 1941-1945 и во Втората светска војна, при што учествував на Меѓународниот состанок на раководителите на ветеранските организации од земјите на антихитлеровската коалиција во периодот од 27 до 28 март во Москва. Таму и потпишавме договор за соработка меѓу нашите две организации.
Кажете ни нешто повеќе за организацијата и за настаните на кои учествувавте. Какви се вашите импресии од посетата?
Организатор беше Рускиот сојуз на ветераните, а на конференцијата учествуваа делегации на највисоко ниво. Триесетина држави и разни сродни здруженија, како и претставници на државните органи на Руската Федерација. Главни поенти на дискусијата беа дека не постои сила на светот која може да го победи народот и дека секој обид за тоа завршува со пораз. Исто така се осврнавме на тоа дека желба на сите е никаде и никогаш да не се повторат страдањата од Втората светска војна. Посебно беше акцентирана улогата на Народноослободителната војска и на партизанските одреди под команда на Јосип Броз Тито, која била голема, впечатлива, видна во текот на целата Втора светска војна, а особено во завршните операции за ослободување на Југославија, заедно со Црвената армија.
Оваа година се одбележуваат 70 години од крајот на Втората светска војна. Се разбира дека Сојузот на борците на Македонија ќе има свои активности. Што се планира по овој повод?
70 години од победата над фашизмот и од крајот на Втората светска војна во Европа е настан кој за Сојузот на борците на Македонија е многу значаен и затоа неговото одбележување вклучува повеќе манифестации. Со програмата е предвидено централно место да има 9 мај, Денот на победата над фашизмот, за што временски се усогласуваме со другите учесници.
Одбележувањето на 70-годишнината од пробивот на Сремскиот фронт, како важен и клучен настан непосредно пред конечната победа го одбележавме со свечен собир на Главниот одбор на 17.4.2015 година во Скопје и со учество на побројна делегација на истата манифестација во Шид, Србија. Поголем број македонски војници биле убиени или ранети на овој фронт непосредно пред победата над фашизмот. Го одбележавме и 4 мај како 35 години од смртта на Ј.Б. Тито од аспект на неговиот придонес во формирањето и во развојот на македонската државност. На 15 мај, пак, заедно со младите антифашисти ќе организираме трибина на тема „Антифашизмот денес“.
На крајот, ќе земеме и учество во манифестациите што ги организираат и другите субјекти во земјава и надвор од неа доколку бидеме поканети. Значи, предвидени се поголем број манифестации во чест на Денот на победата врз фашизмот и крајот на Втората светска војна.
Каква е според вас улогата на Втората светска војна за современиот светски поредок?
Познато е дека Втората светска војна како многу долга, со многу жртви, во која се урна речиси сè, заврши со пораз на фашизмот. Сакам да верувам дека во мирот по неа се барани оптимални решенија, помалку или повеќе праведни, а кои ќе ги задоволат амбициите на победниците. Потоа следува релативно студен мир и развој на општествата на економски, културен, социјален план, со други зборови напредок. Светот денес на 21 септември секоја година го одбележува Светскиот ден на мирот, на кој ветеранските организации посебно го истакнуваат значењето на мирот во светот како услов за напредок и за благосостојба. Паралелно постои и реална слика дека во светот постојат многубројни жаришта на конфликти и локални војни. Светот се менува постојано и ќе продолжи да се менува, останува сите ние заедно да направиме сè што можеме за да не се повторат страдањата од Втората светска војна. На светот не му е потребна нова војна.
Голема поддршка на Југославија во Втората светска војна има дадено и Црвената армија на тогашен СССР. Какви се вашите оценки во врска со нивните активности на овие простори?
Непобитен историски факт е дека Црвената армија на тогашниот СССР даде милиони жртви по сите основи и во 1945 година заедно со другите членови на антихитлеровската коалиција воено го победи фашизмот. Директното воено учество на Црвената армија многу се почувствувало во северните делови на Југославија (тогашна).
Кога станува збор за Македонија, која сама се ослободила и, патем, го забавувала процесот на концентрација на непријателските сили непосредно пред победата, треба да се истакне дека во партизанските единици учествувале заробени припадници на Црвената армија кои избегале од заробеништво и им се приклучиле на борбата во земјава. Тоа биле многу храбри и искусни борци кои во битките во Македонија дале свој придонес за победата врз фашизмот заедно со народот на Македонија.
Денес од многумина што сакаат одново да ја испишат историјата слушаме оспорувања на антифашистичкиот отпор, особено на улогата на Црвената армија. Колку, според вас, ваквите тези можат да се сфатат сериозно?
Независно од какви било дневно-политички потреби, децениски утврдените факти за настаните во Втората светска војна ја потврдуваат вистината дека тоа беше војна во која беше поразен милитантниот фашизам и дека слободољубивите народи заеднички застанаа зад антихитлеровската коалиција. Во таа борба огромен придонес за победата дадоа советските војници, од чие херојство многу народи беа инспирирани да се приклучат на оваа борба. Македонскиот народ и неговите партизани се горди што беа дел од антихитлеровската коалиција и што во таа борба ја извојуваа својата национална слобода и што оформија своја држава.
Соработува ли Сојузот на борците на Македонија со Сојузот на воените ветерани на Русија и каква е соработката? Какви се вашите планови за иднината? Ќе продолжи ли соработката помеѓу двете организации?
Сојузот на борците на Македонија повремено соработувал со Сојузот на воените ветерани на Русија, најчесто во врска со 9 мај, Денот на победата над фашизмот и крајот на Втората светска војна.
Како што кажав претходно, меѓу двете ветерански организации беше потпишан договор за континуирана соработка во следните четири години, а со кој заеднички се обврзавме дека ќе работиме на зајакнување на мирот и на безбедноста во светот. Особено внимание ќе се посвети на спречувањето на обновување и ширење на фашизмот, како и на борбата против тероризмот, настани кои денес се актуелни во светот.
Сојузот на борците на Македонија е непомирлив противник на фашистичката идеологија и на нејзините современи појави, кои во некои случаи се директно поттикнати од националистичките страсти кои повикуваат на екстремизам, ксенофобија и на антисемитизам. Народите и нивните лидери се повикани во мир и дијалог да ги надминуваат предизвиците што овој екстремизам ги наметнува за реализација на своите црни сценарија. Борците на Македонија нема да потклекнат на патот на новите генерации да им предочат кои се позитивните придобивки на светската цивилизација од борбата против фашизмот, без оглед во кој дел на светот тој се појавува.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче