Извор: Илја Питалев / РИА Новости
На 22 април првиот човек на руското МНР имаше 2-часовно интервју за радиостаниците „Спутник“, „Ехо на Москва“ и „Зборува Москва“. За време на разговорот Сергеј Лавров изјави дека смета оти екстремистичката организација ИДИЛ е „главен непријател во моментов“. „... Стотици државјани на Русија, стотици Европејци, стотици Американци војуваат на страната на ИДИЛ, меѓу кои и граѓани на ЗНД“, изјави Лавров. Според него „тие веќе се враќаат дома, малку ќе војуваат, па се враќаат на одмор, и за сопствено задоволство можат да направат гадости дома“.
Разочараност од Обама
Одговарајќи на прашањето за можните закани за Русија од страна на Кина, министерот изјави дека за единствена закана за безбедноста на земјата го смета американскиот систем за противракетна одбрана. „Не гледам закана од страна на Кина. Воопшто не гледам ниту една закана од Истокот, освен една – противракетната одбрана која претставува глобален систем на САД и која се создава и на територијата на САД, и на европската сцена, и во североисточна Азија, со што на чудесен начин се обиколува границата на РФ“, рече Лавров.
Зборувајќи за политиката на САД и на нејзиниот претседател, Лавров рече дека Москва имала голема надеж во врска со претседателот на САД Барак Обама, сепак за време на неговото претседателствување се случиле низа воени конфликти.
„Не сакам да зборувам за личноста, но постоеше голема надеж, тука беше и Нобеловата награда за мир секако, но по неа следуваа многу војни, при што тоа беа нелогични војни кои не беа во согласност со интересите за стабилноста во соодветните региони“, рече министерот.
САД и украинската криза
Зборувајќи за можноста за вклучување на Обама во „нормандискиот формат“ за разрешување на украинската криза, Лавров ја потенцираше улогата на францускиот претседател. Според него „нормандискиот формат“ беше инициран од претседателот на Франција Франсоа Оланд, па затоа прашањето за вклучување на Обама во понатамошните преговори треба да биде адресирано до францускиот лидер.
Притоа, шефот на руската дипломатија изјави дека не е уверен оти преговорите во Минск во февруари годинава би поминале толку успешно доколку на нив земеше учество Барак Обама.
Лавров, исто така, го искажа своето мислење за целите на САД во украинскиот конфликт. Според него на САД им било важно да не дозволат продлабочување на партнерството помеѓу Русија и Европската унија, особено помеѓу Москва и Берлин. „И ова не се претпоставки, имам информација“, додаде тој.
Откажување од тврдоглавоста
Во интервјуто Лавров ги определи задачите на политиката на Русија во однос на Украина. Според него, Украина „треба да остане целосна“, зашто расколот „ќе означува само едно нешто: од страна на Запад, од страна на НАТО ќе се прават обиди Украина да се направи антируска...“.
За зачувување на единството на земјата министерот ги посоветува Украинците „да се откажат од тврдоглавоста во однос на задолжителното зачувување на унитарниот карактер на Украина, за што се залагаат и претседателот (Петро) Порошенко, и министрите од владата на Украина. Да се откажат од она што тие го нарекуваат украинизација“. Според него, Украина треба да остане„неутрална во воено-политичка смисла“.
С-300 за Иран
Лавров беше прашан и за неодамнешната одлука на претседателот на Русија да ја укине забраната за испорака на комплексите за противвоздушна одбрана С-300 за Иран. Шефот на руското МНР подвлече дека испораката на С-300 ќе биде реализирана од страна на Москва, со оглед на тоа дека Русија не сака Иран да стане нова цел на нелегитимна примена на сила.
Откако Техеран ќе ги добие С-300, оние што ќе сакаат да удрат по Иран ќе се помислат двапати, изјави Лавров. Притоа не е потребен воен сојуз помеѓу Русија и Иран, изјави тој. Според Сергеј Лавров, тоа е нереално.
Зборувајќи за воената соработка во други правци, министерот изјави дека Москва нема намера да стационира свои нуклеарни сили во странство.
Тој, исто така, не гледа неопходност за создавање целосна руска воена база надвор од границите на државата, меѓу другото и во Венецуела, како што тоа го прави Америка.
Поплаки за Гаспром
Лавров, исто така, ги коментираше официјалните обвинувања на Европската комисија за рускиот гасен гигант „Гаспром“ за нарушување на антимонополското законодавство, што ЕУ го покрена во средата.
Според рускиот министер, сите спогодби на „Гаспром“ се во согласност со правниот режим.
Лавров подвлече дека Русија е подготвена да го обнови енергетскиот дијалог со Европската Унија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче