Извор: EPA
Во четвртокот, на 16 април Владимир Путин по 13 пат ја одржа својата годишна директна линија со руските граѓани. Како и што се очекуваше, имаше многу прашања посветени на економијата. Односите со Украина, пак, отидоа на втор план. Луѓето се изморени од Украина, објаснуваат соговорниците на „Руска реч на македонски“. Кризата во земјата сега е многу позначајна, а претседателот успеа успешно да спроведе „сеанса на масовна терапија“ врз основа на зацврстувањето на рубљата и на порастот на цената на нафтата.
Второстепен конфликт
Впрочем, украинската тема тешко дека можеше сосема да се избегне. Луѓето, како и порано, не се загрижени само од последиците на конфликтот со соседите, туку и од веројатноста за негова ескалација. „Тргнувам од тоа дека вакво нешто е невозможно“, одговори Путин на прашањето за можноста од војна. Тој, исто така, забележа дека не „пропаднала“ украинската политика на Русија, туку дека „пропаднала“ самата Украина, чии проблеми ги искористиле националистичките сили, додека Украинците и Русите како и претходно се „еден народ“. Секако, сега Москва не очекува ништо од Киев, освен почитување.
Ставот дека „Русите и Украинците се еден народ, ќе има стратешки последици“, смета Сергеј Марков, директор на Институтот за политички истражувања кој е близок на Кремљ. Според него, негирањето на неуспехот поврзан со украинското прашање не ги задоволува оние што „сметаат дека Украина е де-факто земја окупирана од Американците“. Ова е единствената тема за која се чувствуваше незадоволство, смета експертот. „Темата за Америка овој пат беше дискутирана меко, дури и мирољубиво: Русија нема непријатели, освен тероризмот“, смета и раководителот на Независната експертска група Константин Калачев.
Во исто време независниот политиколог Дмитриј Орешкин смета дека претседателот се обидел да ја отфрли од себе одговорноста за украинскиот конфликт, нарекувајќи го „внатрешна работа на Украина“. Изразувајќи ја својата разочараност од Порошенко, кој малку се грижи за Донбас, и забележувајќи дека ќе има хуманитарна помош, Путин „фактички даде на знаење дека нема да има 'никакви инвестиции, снаоѓајте се сами'“, вели Орешкин. „Тоа е многу лош сигнал за Донбас“.
За кризата
За разлика од прашањата за надворешнополитичкиот сегмент, каде претседателот се чувствува послободно и покомпетентно, според мислењето на генералниот директот на Центарот за политички информации Алексеј Мухин, прашањата за економијата го ставија во не многу згодна положба. Всушност, Путин „мораше да бара оправдување за дејствијата на владата, кои многумина ги сметаат за недоволни, млитави и несовремени. Тука мораше да одговора на потешки прашања“, вели политикологот. На пример „претседателот беше доведен во ќор-сокак со прашањето за девизните хипотеки“.
Без оглед на тоа, одговорите на Путин би требало да ја задоволат јавноста. „Тој подвлече дека без оглед на санкциите, имаме дури и мал економски пораст. Иако паѓа нивото на животот, нема да дозволиме тоа да биде сериозно, и ќе ги искористиме санкциите за сопствени интереси, ќе го стимулираме порастот. Тоа е најглавно“, уверен е Марков.
Сè оди според планот
Во целост, степенот на социјалното чувство е подигнат, уверен е Калачев, а фобиите на населението времено се запрени. Според него, отсуството на остри моменти беше предвидливо, зашто дента луѓето го имаа вклучено телевизорот за да дознаат дека сè оди според планот, дека во земјата е стабилно и оти претседателот контролира сè. „Главната задача на директната линија е да спроведе масовна сеанса на терапија и да ги убеди сите дека не постојат нерешливи проблеми. За имиџот на Путин засега сè е идеално, тој ги покажа сите свои добри страни: компетентен, добар, решителен“, заклучува Калачев.
Со него се согласуваат и останатите соговорници на „Руска реч на македонски“. Според нив, директната линија поминала сосема очекувано, наместа здодевно, но во целост, сепак, онака како што требала да биде. „Првиот човек на земјава покажува дека е во добра форма и дека владее со информациите. Нормално дека сè е режирано, и за тоа нема поплаки. Би било чудно доколку би било поинаку“, смета Орешкин. „Владимир Путин мошне јасно ги формулираше оние тези што тој и претходно ги кажуваше, затоа немаше ништо особено ново“, констатира Мухин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче