ХИВ вирусот нема да ве избрка од Русија

Извор: Алексеј Даничев / РИА Новости

Извор: Алексеј Даничев / РИА Новости

Странските граѓани кои се инфицирани со вирусот ХИВ нема да можат да бидат депортирани од Русија и да бидат лишени од правото на влез врз основа на дијагнозата – ваква одлука донесе Уставниот суд. Борците за човекови права оваа одлука ја сметаат за сериозно постигнување во областа на заштитата на правата на инфицираните со вирусот ХИВ.

Уставниот суд на Русија донесе одлука според која ХИВ вирусот не може да биде причина за депортација на странските граѓани од Руската Федерација. Претходно руските судови носеа одлуки како за депортација, така и за оставање на странците на територијата на земјата доколку тие се носители на ХИВ вирусот.

Посебен случај 

Станува збор за тоа што во највисоката судска инстанција пристигнаа три жалби од лица инфицирани со ХИВ вирусот, а кои се државјани на Украина и  Молдавија во врска со „Начинот на влегување во РФ и излегување од РФ“, „Правната положба на странските државјани во РФ“ и „Имунодефицитот на човекот“. Овие лица укажале на тоа дека низа членови на овие закони не се во согласност со Уставот, со тоа што одлуката за престој на лица на територијата на Русија е сведено само на присуството на ХИВ вирусот.  

Човек со позитивен ХИВ статус не треба априори да се смета за опасен за општеството. Доколку човекот има оформено семејство, доколку е примерен член на општеството, прима лекарства и е под лекарски надзор, одбивањето на влез или депортација само врз основа на постоењето на ХИВ вирусот безусловни претставува нарушување на правата.

Марија Ануфриева

Здружение на луѓето со ХИВ вирус

Судијата на Уставниот суд Николај Мељников појасни дека граѓаните кои се обратиле во судот се во брак со руски државјани и не ги нарушуваат законите. „При сиве овие услови странските државјани не смеат да бидат депортирани, да бидат одбиени за влез или да не им се издава дозвола за привремен престој“, изјави тој. 

„Човек со позитивен ХИВ статус не треба априори да се смета за опасен за општеството. Доколку човекот има оформено семејство, доколку е примерен член на општеството, прима лекарства и е под лекарски надзор, одбивањето на влез или депортација само врз основа на постоењето на ХИВ вирусот безусловни претставува нарушување на правата, - појаснува за 'Руска реч на македонски' директорот на јавната организација „Здружение на луѓето со ХИВ вирус“ Марија Ануфриева. – Сметаме дека одлуката на судот претставува сериозно достигнување во областа на заштитата на ХИВ позитивните лица. Семејството е безусловна вредност и неговите интереси треба да бидат многу повисоки од миграциската политика“. 

Претседателот на „Лигата за заштита на пациентите“ Александар Северски забележа дека проблеми со ХИВ позитивните лица постојат и во самата земја. „Работодавачите бараат информации за здравствената состојба на своите вработени, со што фактички се бара да се обелодени лекарската тајна“, појаснува тој. Александар Северски исто така додава дека често стравовите во однос на инфицираните се неоправдани и се придружени со неадекватно однесување. „Од страна на државата и на општествените организации треба да биде спроведена едукација за однесувањето“, вели тој. 

Условно ограничени 

Директорот на јавната организација „Здружение на луѓето со ХИВ вирус“ Марија Ануфриева изјави дека законите кои се однесуваат на ХИВ вирусот треба постојано да бидат повторно разгледувани, имајќи ја предвид измената во реалната ситуација. „Ова се однесува и на влезот и на престојот во Русија, и на прашањата поврзани со ограничувањето на правата на ХИВ позитивните лица за посвојување и за згрижување, и правата за квалитетна медицинска услуга“, додава таа. 

Директорот на Московското биро за човекови права, член на Советот при претседателот на РФ за развој на граѓанското општество и на човековите права Александар Брод напомена дека во февруари спикерот на Советот на федерацијата Валентина Матвиенко изјавила дека е потребно да се разработи закон за нормите на депортација на странците болни од СИДА и од туберкулоза: „Државата не може да преземе одговорност за овие болни во тешки периоди за болните што се дојдени. Сосема е поинаква работата доколку некој работел во Русија и заболел. Тогаш треба да се направи сè што е можно за да му се даде помош тука“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња