Излегувањето на РФ од ДОВСЕ е сигнал за Западот

Извор: Алексеј Малгавко / РИА Новости

Извор: Алексеј Малгавко / РИА Новости

Русија објави дека излегува од Договорот за обични вооружени сили во Европа (ДОВСЕ), нарекувајќи го „бесмислен“. Експертите сметаат дека Москва на ваков начин му го искажува на Западот своето незадоволство од неговите дејствија во контекст на украинската криза.

На 11 март Москва објави дека се откажува од ДОВСЕ, изјавувајќи дека договорот станал „бесмислен од политичка и од практична гледна точка“. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столенберг во врска со ваквата одлука изјави дека алијансата е разочарана од потегот на Русија. 

Демонстративен гест 

Експертите ја поврзуваат одлуката на Москва со настаните поврзани со украинската криза. Алексеј Арбатов, прв човек на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за светска економија, во интервју за „Руска реч на македонски“ чекорот на Русија го нарече „демонстративен гест како одговор на зголемувањето на силите на НАТО покрај руската граница“. Според експертот, Русија на фонот на префрлување на американската тенковска бригада во Латвија (ова се случи пред неколку дена) сака „уште еднаш да потсети“ дека во овој договор таа повеќе не учествува. Притоа, според него, „на префрлувањето на бригадата треба да се гледа како на нарушување, во крајна мера, на духот на договорот“. Како што појасни Арбатов, се претпоставуваше дека со текот на времето за балтичките земји кои влегоа во НАТО во 2004 година, исто така ќе постои определен дозволен лимит на вооружување (ниту во ДОВСЕ, ниту во неговата адаптирана верзија балтичките земји не се споменуваа). 

Првиот човек на Рускиот совет за меѓународни односи Андреј Кортунов исто така смета дека излегувањето на Русија од договорот претставува сигнал на Русија за западните партнери, со кој таа сака да им стави на знаење дека не е задоволна од воената активност на НАТО во близина на својата граница. 

Голема грешка 

Русија го ратификуваше адаптираниот ДОВСЕ, иако во него не само што не се споменуваа балтичките земји, туку и лимитот за вооружување на земјите-членки на НАТО ги надминуваа за трипати ограничувањата што беа предвидени за армијата на РФ. Сепак и тогаш НАТО не сакаше да го ратификува документот. 

Во НАТО ратификацијата беше условена со исполнување од страна на РФ на таканаречената Истанбулска спогодба од 1999 година, со која се предвидува повлекување на руската војска од Грузија, од Абхазија, од Јужна Осетија и од Приднестровје. Во Москва оваа врска ја нарекоа вештачка, забележувајќи дека спогодбите за повлекувањето на војската потпишани со Грузија и со Молдавија се билатерални и немаат врска со ДОВСЕ. 

„Земјите-членки на НАТО не брзаа да го ратификуваат адаптираниот договор (барајќи повлекување на руската војска), иако Русија ја повлече речиси целата војска, останаа сосема мали контингенти и објекти. Западот продолжи со притисокот, барајќи Русија да ја повлече сета војска, повикувајќи се притоа на Истанбулската спогодба. Од страна на НАТО, како што ми се чини, ова беше крајно кусогледо, ова беше голема грешка“, вели Арбатов, додавајќи дека алијансата на крајот го „дотепа“ режимот на контрола на обичното вооружување во Европа. 

Зголемен сомнеж

Во исто време експертите обрнуваат внимание на тоа дека излегувањето на РФ од ДОВСЕ не беше проследено со конкретни иницијативи кои се однесуваа на тоа како може повторно да се врати потребното ниво на стабилност и безбедност. 

„Доколку се откажувате од нешто, дури тоа и да е праведно, треба да предложите нови варијанти за решавање на проблемот“, забележува Кортунов, претпоставувајќи дека начинот на кој Русија излезе од договорот ќе придонесе за понатамошно зголемување на антируското расположение и на нови сомнежи од страна на западните земји.

ДОВСЕ, со кој се предвидуваше определено ограничување во однос на бројот на тешкото вооружување, беше потпишан во 1990 година од страна на земјите-членки на НАТО и државите на Организацијата на земји на Варшавскиот пакт. Во 1999 година беше одобрен текстот на адаптираната варијанта на договорот – со оглед на тоа дека НАТО се прошири, беше намален лимитот за вооружување на земјите-членки на алијансата, а на Русија ѝ беше дозволено да има повеќе воена техника на северозападот од земјата и во Кавказ. Москва го ратификуваше адаптираниот договор (во 2004 година), иако од 30 земји што требаше да го потпишат договорот, примерот на Русија го следеа три земји – Белорусија, Казахстан и Украина. Во 2007 година Русија го прекина исполнувањето на договорот, иако фактички Москва од него излезе дури сега.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња