Што ја очекува руската опозиција по убиството на Немцов

Извор: AP

Извор: AP

Убиството на Борис Немцов кое го привлече вниманието на целиот свет го зададе прашањето за иднината на опозициските сили во Русија. Политиколозите се уверени дека не треба да се очекува ништо добро. Федералните власти само ја зајакнуваат реториката, а поголемиот дел од граѓаните, како и претходно, не е подготвен да ја поддржи опозицијата.

Убиството на лидерот на руската опозиција Борис Немцов кое го привлече вниманието на целиот свет многумина го нарекуваат „предизвик“. Очекувањето за обновување на односите помеѓу опозицијата и власта, а исто така и помеѓу опозицијата и јавноста, сега се високи како никогаш претходно. Но, ќе може ли земјата да го прифати овој предизвик? „Руска реч на македонски“ разговараше со експерти за перспективите на руската опозиција. 

Ќе расте притисокот врз опозицијата 


Во неделата во центарот на Москва, според различни проценки, се собраа помеѓу 16.5 до 70 илјади луѓе на траурен марш по повод смртта на опозиционерот Борис Немцов. Многу од учесниците во поворката велат дека неговото убиство го доживеале како лична трагедија, а за опозицијата ова претставува ненадоместлива загуба. Политиколозите, пак, сметаат дека сега без Немцов опозицијата уште потешко ќе се консолидира.

Курсот кон либерализацијата е една од политичките последици на убиството, за кој во опозициската средина засега најмногу се надеваат. Сепак, да се смета на омекнување на реториката во однос на прозападната опозиција е можно само во случај ако нарачатели на убиството на Немцов излезат руските националисти, смета Сергеј Марков директор на Институтот за политички истражувања кој е близок на Кремљ. „Но, најверојатно ќе се открие дека тоа го сториле западните специјални служби, па тогаш реториката само ќе се зајакне“, - вели тој. „Истото ќе се случи доколку нарачателот не биде пронајден. Властите во секој случај ќе сметаат дека станува збор за специјални служби, а дека опозицијата едноставно ги прикрива, обидувајќи се убиството да му го препише на раководството на земјата“. 

Дека опозицијата не треба да очекува ништо добро, уверен е и независниот политиколог Станислав Белковски. „Руската власт ќе настојува на тоа дека сè е организирано од страна на опозицијата со поддршка на САД. Притисокот само ќе се засили, опозицијата ќе биде дополнително обвинета за дестабилизација на ситуацијата во земјата“, смета тој. Никакви промени во политичкиот систем не очекува и раководителот на независната „Политичка експертска група“ Константин Калачев: Сега е можно, додека сè уште сме под впечаток на она што се случи, да повикуваме на намалување на агресијата во однос на оние што мислат поинаку, но, всушност, во политичката практика ништо нема да се смени“. 

Песимизмот на политиколозите го потврдува и предлогот на научниот совет при Советот за безбедност на РФ (СБ на РФ): да се преземат мерки за спречување на „револуции во боја“ во земјата. Ова на 4 март го објави весникот КоммерсантЪ. Меѓу мерките e спречувањето на поврзана активност и борба со „формирање револуционерно-романтичен стереотип во општеството“. „Убиството на Борис Немцов наспроти масовната акција можеше да стане иницијална каписла за формирање на управувана агресивна политичка толпа“, вели за КоммерсантЪ членот на научниот совет на СБ на РФ, поранешниот соработник на специјалните служби Андреј Манојло. 

Да не биде полошо 

Се појавија првите верзии за убиството на Борис Немцов
Додека трае официјалната истрага, во медиумите и на социјалните мрежи се појавуваат различни верзии кои зборуваат за убиството на Борис Немцов. Официјална Москва, пак, повикува да внимателна и детална истрага, додека жителите на Москва му оддаваат почит на Немцов на местото на кое вчера беше извршено убиството.

Сепак, како што сметаат соговорниците на „Руска реч на македонски“ сè уште е рано да се очекува пораст на активностите поради убиството на лидерот на опозицијата. „Не постојат шанси тоа да се случи“, вели Сергеј Марков. „Поголемиот број луѓе сметаат дека Немцов бил убиен поради девојката, а останатите дека го убиле Американците“. 

Смртта на Немцов веќе ги извади на улица оние што и досега не одеа на опозициските собири, претпоставува Станислав Белковски. „Ова го зголеми бројот на учесници на траурниот марш за 2-3 пати, <...> но тоа не значи дека постои некакво пролонгирано тежнеење кон протест, а уште помалку за организирање мајдан според киевскиот терк“, додава тој. 

Константин Калачев забележува дека сега опозицијата има свој сопствен маченик, но погинувањето на Немцов е слаб повод за експлозија на општеството. Мнозинството население денес се раководи според принципот „да не биде полошо“, објаснува политикологот, и „се фаќа за стабилноста и со раце и со нозе“, а опозицијата не се доживува како промена кон подобро, туку имено како дестабилизација. 

Не треба да се очекуваат сериозни протести со 85-процентен позитивен рејтинг за работата на Путин, смета и социологот на Левада-Центар, истражувачот на руското опозициско движење Денис Волков. „Ова е показател дека мнозинството не е подготвено да ја критикува власта. Но, продлабочувањето на економската криза ќе претставува сериозен предизвик за политичкиот систем“, прогнозира социологот. Тој додава дека засега постојат „воздушни перничиња“ во вид на резервни фондови, а има и време за маневрирање. „Но, владата е свесна дека овие средства се доволни за следниве две години, а што ќе се случи по две години е прашање“, вели тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.