Извор: AP
Шефовите на надворешнополитичкиот ресор се сретнаа двапати во текот на денот. Освен ситуацијата во Украина, тие дискутираа и околу ситуацијата во Сирија, борбата со радикалните структури на Исламска држава, како и за иранската нуклеарна програма.
Главно внимание беше посветено на придржувањето кон режимот на прекин на огнот на истокот на Украина. Според Лавров, тој го замолил Кери да го искористи своето влијание врз Киев за целосно исполнување на условите за примирје од украинската страна, кои предвидуваат прекинување на огнот и повлекување на тешкото вооружување. Како што соопшти руското МНР, за време на преговорите Лавров исто така го потсетил својот американски колега „за обврските на Киев за спроведување уставни реформи давање посебен статус на Донбас“.
Кери изразил надеж дека целосната реализација на примирјето е работа на „неколку часови“. Притоа тој ѝ се заканил на Русија со нови економски санкции. Американскиот државен секретар изјави дека Москва ќе се соочи со „понатамошни последици“ доколку условите за прекинување на огнот не бидат исполнети.
Не само преговори со Кери
Во Женева Лавров зеде учество и на конференцијата за разоружување и на сесијата на Советот за човекови права при ОН. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот ја коментираше содржината на новиот извештај на Советот. Според рускиот министер, некои работи од овој документ треба да се разјаснат.
„На пример, извештајот се повикува на тоа дека согласно доверливи сознанија, во Украина се наоѓа руска војска“, рече тој. Како што подвлече Лавров, „не толку одамна, и никој друг, туку началникот на генералштабот на Вооружените сили на Украина ги демантираше овие изјави и рече дека во Украина нема единици на руската армија“.
Министерот исто така го забележа ограничувањето на движењето помеѓу Донбас и другите делови на Украина од страна на украинските власти, кое е споменато во извештајот. Лавров го критикуваше овој чекор на киевските власти.
Како што изјави за „Руска реч на македонски“ првиот човек на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за светска економија Алексеј Арбатов, дискутирајќи го исполнувањето на минската спогодба во Женева, страните ставаат акцент на оние точки, кои ги сметаат приоритетни за себе. САД настојуваат на точките кои предвидуваат повлекување на сите странски војски и враќање под контрола на украинските власти на границата помеѓу Русија и Луганската и Донецката област на Украина. Русија, пак, настојува на повлекување на украинската армија. „И едните и другите спорат во врска со уставните реформи и локалните избори, кои се предвидени со спогодбата од Минск“, вели експертот.
Според експертот, заканите на Кери во врска со санкциите, имаат, пред сè, ритуален карактер. „Во САД постои мислење дека не треба да се намали притисокот врз Русија, инаку Москва нема да влијае врз бунтовниците за тие да ги исполнат обврските од минската спогодба“, подвлекува Арбатов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче