Се појавија првите верзии за убиството на Борис Немцов

Извор: Михаил Джапаридзе / ТАСС.

Извор: Михаил Джапаридзе / ТАСС.

Додека трае официјалната истрага, во медиумите и на социјалните мрежи се појавуваат различни верзии кои зборуваат за убиството на Борис Немцов. Официјална Москва, пак, повикува да внимателна и детална истрага, додека жителите на Москва му оддаваат почит на Немцов на местото на кое вчера беше извршено убиството.

Првиот вицепремиер на руската влада Аркадиј Дворкович пред почетокот на третиот работен ден на Краснојарскиот економски форум во Сибир замолил за едноминутно молчење во чест на загинатиот опозиционер Борис Немцов. „Денес се случи голема несреќа, ѕверски беше убиен Борис Ефимович Немцов. Млад, впечатлив политичар, мошне талентиран човек. Многумина од оние што денес се наоѓаат тука, го познаваа лично. Со него имаме минато многу години во руската политика“, изјави тој. Според вицепремиерот, Борис Немцов остави впечатлива трага на рускиот живот од деведесеттите години од минатиот век, како и од периодот што следуваше потоа. Како што од своја страна изјави ректорот на Руската академија за народно стопанство и државна администрација Владимир Мау, во последниве дваесет години Борис Немцов беше еден од оние кои активно учествуваа во политичкиот и во економскиот живот на земјата. Учесниците во дискусијата, кои претставуваа различни нивоа на руската власт, се заложија за што поскоро откривање на злосторството. Краснојарскиот форум е еден од главните економски форуми во Русија се одржува секоја година во Сибир, на 4.100 километри на исток од Москва.

Во меѓувреме во интервју за радиостаницата КоммерсантЪ-FM портпаролот рускиот претседател, Дмитриј Песков, забележа дека „на политички план тој [Немцов] не претставуваше каква и да е закана <...> за моменталното раководство на Русија и за Владимир Путин“.

Адвокатот на Борис Немцов, Вадим Прохоров, за руските медиуми изјави дека пред неколку години на социјалните мрежи се појавиле закани од „некој хулиган“, но тој, сепак, не верува дека има некаква поврзаност со тоа. Тој смета дека убиството на Немцов е политички мотивирано, со оглед на тоа дека тој неодамна се вратил од Украина, каде имал чести контакти со новото раководство на Киев.

Мислењето на Прохоров го дел и поранешниот премиер на РФ и близок човек на Немцов, Михаил Касјанов. „Тој беше следен од различни организации. Постојано беше оцрнуван. Тој се бореше Русија да биде слободна земја, каде човековите права се над сè“, коментира Касјанов за Комерсант.

Засега не е познато кој би можел да биде убиецот. Осомничени и приведени нема. Постојат сведоци, но нивните изјави засега не се објавуваат. „Се разгледуваат сите верзии за настанот, меѓу кои и нарачано убиство“, изјави официјалниот претставник на Истражниот комитет на Русија за Москва Јулија Иванова.

Во медиумските кулоари се појави и верзија за тоа дека убиството на Немцов претставува одмазда. Имено, во новинарските кругови се шпекулира дека Борис Немцов ја натерал својата љубовница, која наводно носела негово дете, да направи абортус, и дека убиството е извршено како одмазда за овој чин.

Во меѓувреме Касјанов изјави дека маршот на опозицијата кој требаше да се одржи утре во Москва е откажан. Наместо тоа во центарот на Москва ќе се одржи траурен марш, со што ќе му де оддаде почит на Немцов.

Премиерот на Руската Федерација Дмитриј Медведев ги повика истражните органи да направат сè што е во нивна моќ, со цел да се определи целиот круг лица кои би можеле да имаат некаква врска со убиството на Немцов.

Додека истрагата продолжува, жителите на Москва положуваат цвеќе и палат свеќи на местото на кое ноќеска беше убиен Немцов.

Од 1991 до 1997 година Борис Немцов беше прв губернатор на Нижегородската област, пота работеше во владата како министер за гориво и за енергетика (1997), по што стана прв вицепремиер на владата. Тој се залагаше против државниот монопол и против тесната врска на државата со олигарсите. Него го сметаа како наследник на претседателот Борис Елцин. Од 1999 до 2003 година Немцов работеше во Државната дума, а потоа замина во крајната опозиција. Во 2004 година неговата партија „Сојуз на десните сили“ отворено ја поддржа изборната кампања на идниот претседател на Украина Виктор Јушченко, од 2005 до 2006 година Немцов беше негов надворешен советник. Во следните години тој беше член на различни форми на опозициски сили и беше организатор на масовни протести. Меѓу другото тој беше и еден од организаторите на масовните митинзи во 2001 и 2012 година против наводните фалсификувани избори.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња