Москва сака да ја „тргне“ границата со Абхазија

Извор: Алексеј Маишев / РИА Новости

Извор: Алексеј Маишев / РИА Новости

Помошникот на претседателот на Русија Владислав Сурков изјави дека помеѓу Русија и Абхазија не треба да постои граница. Притоа тој се повика на неодамна потпишаниот руско-абхаски договор за партнерство, кој во Грузија беше наречен „чекор кон анексија“ на републиката која прогласи независност. Сепак, руските експерти се уверени дека тука не може да стане збор за никаква форма на аншлус и дека на суверенитетот на Абхазија, чија независност Русија ја призна во 2008 година, ништо не му се заканува: Москва и Сохуми се стремат кон поедноставување на граничниот режим.

За време на посетата на Абхазија на 16 февруари Владислав Сурков рече дека „на крајот границата треба да се тргне“. Претседателот на Абхазија Рауљ Хаџимба, со кого се сретна помошникот на рускиот лидер, беше повнимателен во формулацијата. Според него станува збор за олеснување на минувањето на границата – ова прашање бара заедничка работа и мошне скоро тоа ќе биде решено. 

„Да се тргне“ и „да се ликвидира“

Уште во август минатата година, кога беше кандидат за претседател, Хаџимба изјави дека е неопходно „да се отвори границата со Русија“. Според него, во таков случај треба да се очекува пораст на бројот на руски туристи во Абхазија, додека поедноставената царинска процедура ќе стане „силен стимул“ за абхаските фармери. 

Притоа раководството и на Русија и на Абхазија измената на граничниот режим ја поврзуваат со новиот договор „за сојузништво и стратешко партнерство“ помеѓу Москва и Сохуми, кој неодамна беше ратификуван од двете страни. Во него се вели дека РФ и Абхазија се обврзуваат да обезбедат „целосна слобода во преминувањето на абхаско-руската државна граница со ограничувања што се поврзани со безбедносни причини“. 

Очигледно е дека во договорот не станува збор за ликвидација на границата како таква. Според мислењето на експертот од Центарот за проучување на Централна Азија, на Кавказот и на Урало-Поволжјето при Институтот за ориенталистика на Руската академија на науките Александар Скаков, ниту Сурков не мислел нешто такво. „Зборот 'тргне' не е исто што и 'ликвидира'. Границата останува, се ликвидираат формалностите – се трга бодликавата жица, се тргаат поголем број гранични терминали“, вели експертот за „Руска реч на македонски“. Според него, кога руски државјанин ќе влезе во Абхазија ќе треба едноставно да го покаже својот пасош. Како што подвлекува Скаков, ова „се право со цел во Абхазија [како Руси] да не можат да влезат државјани од други земји“. 

Границата со Грузија и бегалците 

Прашањето за иднината на руско-абхаската граница се објаснува во новиот договор за заедничка заштита со Русија на границата помеѓу Грузија и Абхазија. Сепак, некои експерти во ова гледаат определени проблеми. 

Јужна Осетија: Да се биде со Русија или не?
Новиот нацрт-договор со Москва предизвика незадоволство кај приврзаниците на обединувањето.

Како што забележува шефот на одделот за Кавказ при Институтот за земјите од ЗНД Владимир Евсеев, иако договорот предвидува заедничко обезбедување на абхаско-грузиската граница, „Абхазија всушност нема гранична полиција“. Затоа е нејасно кој точно ќе ја обезбедува границата. Како што изјавува експертот, потребно е исто така да се изврши демаркација на морскиот дел од границата помеѓу Абхазија и Грузија, што засега не е направено, и не се знае кога и како тоа ќе се случи. 

Во ситуација кога не е јасно како ќе се обезбедува границата со Грузија, тешко е да се зборува за ликвидирање од руско-абхаската граница, смета Евсеев, иако вели дека „тргањето на границата, за кое зборува Сурков е можно, а и Абхазците го сакаат тоа, зашто ќе им се овозможи непречено движење“. 

Во исто време тој ја детектира и причината зошто Абхазците не сакаат во целост да се откажат од границата со Русија – тие се плашат од масовното враќање на грузиските бегалци, кои ја напуштија Абхазија по вооружениот конфликт со Грузија од почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Во Тбилиси изјавуваат дека од Абхазија како резултат на војната во 1992-1993 заминале повеќе од 200 илјади бегалци. 

По потпишувањето на договорот со Абхазија, Русија смета на скоро потпишување на сличен документ со Јужна Осетија, втората република што се отцепи од Грузија. Во врска со ова на 18 февруари во Москва беше потпишан договор за руско-јужноосетинската граница.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.