Извор: Кирил Калиников / РИА Новости
Војниците на договор од еден од руските гарнизони стапиле во конфликт со началството, претпоставувајќи дека можат да ги испратат на територијата на Украина. Газета.Ru направи истражување и дозна која е таа единица, се поврза со двете страни од конфликтот и доби снимка од говорот на заменикот на командирот на која тој ги мотивира војниците на договор да заминат во Донбас.
Членот на претседателскиот Совет за правата на човекот (СПЧ) Сергеј Кривенко испратил барање до Министерството за одбрана на Русија со цел да се провери информацијата за тоа дека наводно војниците на договор од Мурманската област биле предупредени за можно извршување на воени задачи на територијата на Украина.
„Кога тие прашале на која основа, им било кажано: 'Татковината треба да се сака, таму Руси гинат, треба да ги заштитите'“, раскажува Кривенко.
Според него, ваквите формулации на заменикот на командирот не се правна основа за примена на руската војска во странство.
Газета.Ru успеа да се поврзе со еден од војниците на договор на 536 одделна крајбрежна ракетно-артилериска бригада на 10544 единица, кој се согласил да зборува со изданието под услов да остане анонимен (Газета.Ru го знае неговото вистинско име и звањето, а Сергеј Кривенко го поднел барањето во име на овој војник на договор).
Војникот на договор изјавил дека на 28 јануари 2015 година тој и уште 58 други војници биле повикани на состанок кај началството. Таму било обелоденето дека војниците на договор ќе бидат испратени во гарнизонот во местото Спутник во Мурманската област, а потоа во Ростов, при што индиректно им било кажано дека ќе бидат префрлени во Донбас.
Треба да помагаме на секаков начин
На 31 јануари поради незадоволство на војниците во Спутник дошол заменикот на командирот на гарнизонот 10544 потполковникот Вјачеслав Оканев. Тој ги повикал војниците на разговор. Газета.Ru поседува снимка од разговорот на Оканев со војниците на договор во траење од 1 час и 12 минути.
„Сега вие исполнувате задача од воена обука. <…> Доколку има наредба можете понатаму да одите на пат на обука во непознато место“, вели Оканев.
Тој додава дека патот може да биде во кој било воен округ. На оние што не сакале да ја извршат наредбата, Оканев им предложил да го раскинат договорот.
- Никој ни нема објавено војна, зошто би требало да се бориме на некаква друга земја? – се буни еден од војниците на договор.
На ова на војниците им било одговорено дека „да, војна никој никому официјално не објавил“, „но треба на секој начин да помагаме, човечки, етички, воено и секако поинаку“.
Еден од присутните прашал дали неговото семејство ќе добие компензација доколку со него се случи нешто. Заменикот на командирот одговорил дека доколку се случи нешто тој не може да тврди дека војниците нема да ги заборават и дека на нивните семејства ќе им биде исплатена компензација. Но „горе седат паметни луѓе“, додава тој, „тие сега, најверојатно, го разгледуваат тоа прашање“, „со цел да се донесе статусот на учесниците во воените дејствија, за социјалните плаќања, за паричните, медицинските услуги“.
Некој се плаши, па затоа и нешто се мати
Газета.Ru успеа да стапи во контакт со командирот на гарнизонот полковник Јуриј Рјазанцев. Тој изјави дека не планира никого да испраќа во Украина, едноставно офицерите на еден месец биле прекомандувани во бригадата на морската пешадија и дека наскоро ќе се вратат.
„Некој од некаде им кажал дека ќе бидат испратени во Украина. Јас разговарав со нов и заменикот на флотата им велеше дека никој никаде нема да оди, во никаква Ростовска област, а уште помалку во Украина. Некој се плаши, па затоа и нешто се мати“, појасни Рјазанцев.
Газета.Ru исто така успеа да се поврзе и со заменикот на командирот на гарнизонот Оканев. На прашањето дали ваквиот говор пред војниците на договор се случил, тој одговори дека е „можно“, но забележа дека „зборувал теоретски“, „зашто украинските лица официјално објавиле дека планираат да организираат парада во Севастопољ, дека за еден месец ќе организираат напад кон Чеченската област, а таму се наоѓа и Ростовската област, Ставропољ, Краснодар, Брјанската област“. Ние сме должни да бидеме подготвени за тоа, додаде тој, но „тоа дека ние ги повикуваме да одат некаде, е информација извадена од контекст“.
Кредит за војници
Сопругата на еден од војниците на договор, повикувајќи се на раскажувањата од својот сопруг, тврди дека не е првпат да се испраќаат војниците на договор од воениот гарнизон 10544 во Спутник.
Според податоците на Газета.Ru слични маневри можат да се случат и на други места во Мурманската област. Борецот за човекови права Ирина Пајкачева уверува дека минатата година се случил сличен инцидент. На поранешните војници, според неа, им предлагале да склучат договор за понатамошна служба со можност за заминување во Украина. За возврат им ветувале многу работи – од хипотекарен кредит до вонреден одмор со можност понатаму да заминат во „поспокојни“ гарнизони.
Раководството на Министерството за одбрана сите обвинувања за учество во конфликтот во Украина категорички ги отфрла. Државниот секретар на Министерството за одбрана Николај Панков за Газета.Ru изјави дека ова не е прв обид да се обвини воениот ресор за испраќање војници и офицери во Украина. Според него, доколку се направи внимателна анализа, секој пат овие информации излегуваат лажни. „Сега ние, секако, внимателно проверуваме, но можам да ве уверам дека никого не сме испратиле во Украина, дека не испраќаме, и нема да испраќаме“, вели Панков.
Членот на парламентарниот комитет за одбрана Виктор Заварзин смета дека ваквите изјави не треба да се сфаќаат сериозно и дека станува збор за обид да се искористи моменталната ситуација за нечии интереси. „Не постојат никакви факти. Еве, покажете ја наредбата. Овој несериозен бум треба да престане“, смета Заварзин.
Тој исто така потсети дека „никој официјално никого не испраќа“, но „доколку некој е отпуштен или е на одмор – има право да оди каде што сака“.
Оригиналот наgazeta.ru
Сергеј Кривенко, член на претседателскиот Совет за човекови права, специјален коментар за „Руска реч на македонски“: ''Коментар од Министерството за одбрана сè уште немаме добиено, но Советот за човекови права има договор со овој ресор за размена на информациски материјали кои се однесуваат на правата на војниците, постои канал, така што очекуваме одговор. Како што ни рекоа колегите од Мурманската област, комисија од Министерството за одбрана отпатувала таму. Ситуацијата е мошне загрижувачка и чудна. Кога Министерството за одбрана во повеќе наврати изјавува дека таму нема никаква руска војска, а тука пред војниците на договор сепак зборуваат командири и нивни заменици и директно велат дека тие можат да бидат испратени во Украина, секако, тоа повлекува прашања. Имено тоа сакаме и да го разјасниме: дали војниците не разбрале како што треба, дали командирот не се изразил како што треба или е во прашање нешто друго. Ова е прв случај на колективно обраќање во кој е добиена согласност за откривање на вистинските имиња и во кое има потпис под изјавата. Досега имаше само пораки од поединци на СОС линијата за тоа дека се нуди ваков тип на распоредување. Јас самиот заминав таму за да проверам дека не станува збор за некаква шега. Навистина станува збор за војници на договор, кои се подготвени да исполнат наредба, но законска наредба. Советот за човекови права нема сили и можности да спроведува сопствена паралелна истрага, но ја следиме ситуацијата. Доколку Министерството за одбрана каже дека немало никакви нарушувања, а жалбите продолжат, ние и понатаму ќе ја анализираме ситуацијата, ќе собираме информации.'' |
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче