Извор: Едуард Песов / МНР на Русија
Минхенската конференција за безбедност се одржа многу бргу по уште еден обид за надминување на кризата во Украина. Но, додека резултатите од вонредната средба на рускиот лидер со германскиот канцелар Ангела Меркел и со претседателот на Франција Франсоа Оланд во Москва засега не се јасни, шефот на руското МНР Сергеј Лавров во Минхен веќе констатираше дека „партнерството на Русија и ЕУ не го помина тестот на издржливост“. Изјавата на министерот содржеше уште многу изјави во врска со општоевропската безбедност и конфликтот на Украина, сепак ниту една од нив не прозвучи со позитивен тон. „Руска реч на македонски“ со експертите дискутираше за тоа што стои зад настапот на Лавров.
Пораката на Лавров
Настапот на Сергеј Лавров на минхенската конференција ја означи границата за западните партнери, смета соговорникот на „Руска реч на македонски“, шефот на одделот за европска безбедност при Институтот за Европа на Руската академија на науките Дмитриј Данилов: Русија нема намера принципиелно да ја менува својата позиција во врска со Украина, а Западот треба „да ја прифати реалноста“. Според мислењето на експертот, дипломатските напори, најмногу оние во нормандискиот формат, „дојдоа во ќор-сокак“, и сега Лавров на западните партнери им дава „јасна порака како да си го задржат образот во однос на Киев, и пред сè со Русија“. Тие треба да им покажат поголема одговорност на киевските власти и да почнат вистински преговори со опозицијата во Украина, оти немаат друг пат.
Ќе ги слушнат ли Европа и Вашингтон овие тези? По сè изгледа треба да бидеме подготвени за тешка конфронтација, предупредува продеканот на Факултетот за светска економија и светска политика при Вишата школа за економија Андреј Суздаљцев. Според мислењето на експертот, Европа е сè уште далеку за да почне да дејствува без согласност и одобрение на САД, кои не се за омекнување на реториката кон Русија. „Нема да има раскол помеѓу Западот и Вашингтон во врска со руската тема, за Европа сега руската позиција во врска со Украина не е приоритетен проблем“. Дека курсот на конфронтација продолжува, смета и директорот на Меѓународниот институт за хуманистичко-политички истражувања Вјачеслав Игрунов. “И, најверојатно, Вашингтон ќе го сфати излагањето на Лавров во Минхен како дополнителен предизвик“, смета експертот. Сепак, ова „безусловно ќе влијае на Европа, на која ѝ е појасна ситуацијата во Русија, и која ќе почне дискусија со Америка во врска со Русија“.
Промена на реториката
Настапот на шефот на руската дипломатија во Минхен според тонот се одликуваше со особена силина, а тоа го забележаа и сите соговорници на „Руска реч на македонски“. Но, без оглед на тоа, тие сметаат дека рускиот министер во Минхен ништо принципиелно ново не кажал, Русија само го има потврдено континуитетот на својата надворешна политика. „Неговиот настап беше сосема систематски, Русија дејствува континуирано“, изјави генералниот директор на Агенцијата за политички и економски комуникации Дмитриј Орлов. Русија многу одамна зборува за неприфатливоста на обидите на Западот да ја изолира Русија или да го намали нејзиното влијание врз решавањето на меѓународните проблеми, така што „Лавров покажа дека постојат различни, меѓу другите доволно цврсти аргументи за дијалог во врска со Украина и други прашања“, забележува господин Орлов.
„Ваквата силна реторика беше предвидена и оправдана, - вели Вјачеслав Игрунов. – Денес позициите се формирани, така што играчите на меѓународните преговори не слушаат обични аргументи“.
Според Дмитриј Данилов, канцеларот на Германија Ангела Меркел веќе се обидела на извесен начин да ја омекне крајно критичната позиција на Западот во однос на Русија со својот настап во Минхен. „Можеби тоа претставува определен сигнал“, но Москва и Лавров покажаа дека сега чекаат од западните колеги сосема поинаков приод, смета Данилов. Тие не чекаат „омекнување на дипломатската реторика, туку реални дејствија кои ќе доведат до постигнување компромис“, вели тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче