Американскиот претставник Крис Марфи (Конектикат) и кандидат за американскиот сенат им се обраќа на поддржувачите за време на својата победа во Хартфорд, Конектикат, 6 ноември 2012 година.Извор: Ројтерс
Неговиот тон на општото американско ниво изгледа без преседан. Надворешната политика во балканскиот регион во неговото излагање претставува комбинација на манипулации, преку кои тој претпоставува враќање на САД на Балканот, каде Вашингтон од 2001 година нема никаква координирана политика, со оглед на тоа што, според него, САД повеќе не можеле да најдат на полуостровот достоен противник. Сега противникот е идентификуван во лицето на Москва.
„Успеавме да го спречиме засилувањето на влијанието на Русија“
Сенаторот, кој себеси се позиционира како „најголем специјалист“ во САД за Балканот, одлета од Белград дента кога во Србија допатува Владимир Путин. Според него „Путин мислел дека во Србија ќе добие повеќе во областа на воената соработка, сметал на Јужен тек, но благодарение на тоа што Србија и другите држави од регионот решиле да останат на евроатлантскиот пат и тие ја потврдиле приврзаноста кон оваа обврска“, проширувањето на соработката со Русија е спречено.
Главната закана за интересите на САД на Балканот Марфи ја гледа во руското идеолошко влијание, кое се шири со помош на „моќната милитаризирана пропагандна машина“. Од гледна точка на сенаторот, на ова треба веднаш да се реагира: „Сè што ни е потребно е да се даде точна и јасна информација, да се коригира лагата на информациската машинерија на Русија. Толку. Тоа ќе биде доволно“.
Марфи е уверен дека „ние повеќе не можеме да живееме во свет во кој земјите се принудени да избираат помеѓу политичко-економската соработка со Русија или со ЕУ и САД“. Со други зборови, Русија нема право да влијае на меѓународната политика, а САД треба да направат сè за да ја лишат од таквите можности. Конкретно во Србија САД се подготвени да создадат ситуација во која Белград ќе ги задржи пријателските односи со Русија, но притоа таа сепак ќе влезе во ЕУ. Впрочем, сенаторот призна дека „до влегувањето на Србија во ЕУ ќе помине многу време“, но ѝ посоветува на земјата „да го искористи правилно“ и ја даде за пример Хрватска која „нема да прави пречки за Србија“ кога работата ќе дојде до реално влегување на Белград во „заедничкото европско семејство“.
Притоа за сенаторот односите на балканските земји со ЕУ е придобивка од минатото, а обидите на ЕУ да води сопствена игра на Балканот предизвикува недоверба, па дури и непријатност. Овој обид за „вмешување“ се случи имено во оној момент кога САД го олабавија притисокот на „младите демократии“, и почнаа да се занимаваат со Ирак и со Авганистан.
„Русија никаде нема да оди, таа ќе продолжи со притисок“
Марфи смета дека проблемите со кои се соочува регионот треба да се решаваат земајќи ги предвид американските политички и економски интереси. Така, Марфи ги поздравува преговорите помеѓу Белград и Приштина, сметајќи дека е апсолутно достигнување тоа што српските власти „се подготвени“ за дијалог со Косоварите.
Македонија е подготвена за влез во НАТО, можеби дури и повеќе од Црна Гора. Секако, ова се мали земји кои даваат некакво зголемување на потенцијалот на НАТО, но мислам дека никој нема да спори дека додека не се реши спорот за името, Македонија нема да влезе во НАТО.
Крис Марфи
„Фактот дека постои времена спогодба според која српската влада, иако официјално не го признава Косово, но е подготвена да работи со нас како рамноправен партнер е прекрасно! Не можевме ни да помислиме дека тоа ќе се случи толку брзо! И тоа само пред пет години! Мојот личен впечаток е дека сегашната влада на Србија е апсолутно за нормализација на односите со Косово“, изјави Марфи.
Запирањето на Јужен тек сенаторот го оценува како победа на САД и можност за почеток на енергетска игра во регионот според свои услови.
„Со сенаторот Меккејн бевме во Бугарија дента кога проектот беше замрзнат, а исто така сакав да ѝ соопштам на владата на Србија дека сум среќен што овој проект не се развива. Но, САД не само што треба да бидат против Јужен тек, туку и да предложат алтернатива, што е нормално. За САД алтернатива е течниот природен гас, тоа е потенцијален извоз од САД, така што е потребна инфраструктура за негова испорака во регионот, нов терминал за кој се разговара во Хрватска“, вели сенаторот.
Смената на власта во Грција Марфи ја карактеризираше како „само нов повод за лидерство на САД, ЕУ и НАТО“ во регионот. „Да, ситуацијата таму се менува и може да влијае на цела Јужна Европа. НАТО треба да биде отворен за нови членови и да им го олесни патот, а не да создава проблеми“.
Зборувајќи за Македонија, Марфи увери дека САД можат „да ја притиснат Македонија, за таа да се врати на вистинската траекторија“, но заедно со тоа „треба поактивно да го искористат лидерството на САД во решавањето на спорот со Грција“.
„Да, Македонија е подготвена за влез во НАТО, можеби дури и повеќе од Црна Гора. Секако, ова се мали земји кои даваат некакво зголемување на потенцијалот на НАТО, но мислам дека никој нема да спори дека додека не се реши спорот за името, Македонија нема да влезе во НАТО“, изјави Марфи, сумирајќи го разговорот за Грција и Македонија со тоа дека „Стејт департментот знае подобро што треба таму да се прави“.
„Сакам да сфатат дека Русија нема никаде да оди, таа ќе продолжи со притисок и ќе продолжи да истражува. Во Црна Гора тие понудија, тоа е отворена информација, зделки од многу милијарди за нова воено-морска база на брегот на оваа земја. За Црна Гора, која преживува економски тешкотии, тешко е да се откаже од ваков предлог. Но, тие се откажаа и рекоа „Не“. Принципиелно. Зашто тие сакаат да бидат дел од НАТО и од ЕУ“, изјави Марфи.
Со својот настап сенаторот потврди дека САД преминале во напад на Русија практично насекаде онаму каде Москва има свои интереси или традиционални позиции. Половичноста на политиката на некои влади, па дури и на елити во балканските држави (во прв ред во Србија и во Црна Гора) дава добри стартни позиции за „враќање“ на Вашингтон во регионот.
Целиот текст на руски јазик.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче