Извор: Ројтерс
Според руските дипломати, резолуцијата што тие ја предложиле ќе спречи исламистите да добиваат приход од продажба на нафта што е добиена на окупираните територии, како и од нелегална продажба на антиквитети и од заробување заложници.
„Нацрт-реолуцијата веќе е претставена и се разгледува. Се надеваме дека таа ќе биде прифатена од страна на Советот за безбедност во следниве денови“, појасни порт-паролот на постојаното претставништво на РФ при ОН Алексеј Зајцев.
Според оценките на експертите, ИДИЛ секој месец извезува до 20 илјади барели нафта. Околу 100 илјади долари дневно тие добиваат како откуп за заложниците. Групата исто така добива помош и од муслиманските земји.
Главниот научен соработник на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, професорот на Вишата школа за економија Георги Мирски за „Руска реч на македонски“ изјави дека „нафта од ИДИЛ купуваат Турците, па дури и Башар ал Асад“. „Треба да се направи притисок врз нив. Токму тука е можна активна улога на Русија, со оглед на тоа дека таа има контакти со Ал Асад и со Анкара“, изјави тој.
Според Мирски, исто така треба да се пресечат каналите за помош од муслиманските земји: „Не станува збор за влади. Јас сум уверен дека саудиското кралско семејство нема да им даде на бунтовниците ни цент, со оглед на тоа што во ИДИЛ гледа закана за својата власт, но значителен дел од нафтените приходи на кралството се губат во религиозните фондови кои не даваат отчет пред владата. Овие структури имаат давано пари за борба со советската војска во Авганистан, а сега тие можат да ја финансираат и борбата со шиитските режими во Сирија и во Ирак“.
Приливот да пари е невозможно да се запре
Сепак, постои уште еден извор на финансирање на ИДИЛ, со кој, според мислењето на професорот Мирски, е мошне тешко да се справиме: „ИДИЛ е најпозната и највооружената исламска група во светот. Едни верници со душа стапуваат во нејзините редови, други, пак, даваат пари. Овие средства се пренесуваат со помош на алтернативни канали – преку курири кои е невозможно да се пронајдат“.
Мирски подвлекува дека дури и ако во целост се бомбардира нафтената индустрија, да се пресече финансирањето преку исламските фондови и да се дојде до тоа Турција и Ал Асад да престанат да купуваат нафта, парите од муслиманите од целиот свет и понатаму ќе продолжат да доаѓаат до ИДИЛ.
„Тоа значи дека ИДИЛ може да се уништи само со копнена операција. Само бомбардирања нема да донесат успех. Втората светска војна покажа дека воздушната војна е неефикасна против фанатиците“, резимира експертот.
Со Мирски се согласува раководителот на Центарот за арапски и исламски истражувања при Институтот за ориенталистика на Руската академија на науките Василиј Кузнецов. Во разговор со „Руска реч на македонски“ тој забележа дека ниту резолуциите на ОН, ниту ударите на владините војски или на Курдите нема да го решат проблемот со ИДИЛ. „Сè дури не се изработат меѓународни механизми, проблемот со ИДИЛ нема да се реши. Максимум може да се зборува за воздржување на ИДИЛ. Сега кај соседните држави исчезнуваат илузиите во врска со непостоењето на закана од страна на ИДИЛ. Тоа ги зголемува шансите за создавање единствен фронт“, смета експертот.
Впрочем, како што забележува Георги Мирски, на Блискиот Исток постојат само три држави кои можат да ја уништат ИДИЛ – Иран, Турција и Израел, но ниту една од нив нема тоа да го направи од политички причини.
Според Василиј Кузнецов, во услови на намалување на приходите од нелегалната продажба на нафта расте значењето на финансиската помош од надворешните спонзори. „Оттука ескалацијата на насилство, јавните егзекуции. Треба да им се покаже на спонзорите дека борбата продолжува“, додава експертот. Според него, ИДИЛ може да се ослаби со сурова блокада, но поради лошата контрола на границите меѓу државите, тоа е невозможно.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче