Што се крие зад зборовите на Путин за „натовската легија“ во Украина?

Извор: ТАСС

Извор: ТАСС

Претседателот на Русија Владимир Путин ги нарече украинските доброволнички баталјони, кои војуваат на територијата на Донбас, „натовска легија“, чија дејност им противречи на интересите на Украина. Според експертите, рускиот лидер, потенцирајќи ја зависноста на киевските власти од Западот, го повика претседателот Петро Порошенко да ја промени позицијата во однос на кризата.

Во понеделникот, на 26 јануари, Путин, зборувајќи за доброволничките баталјони кои војуваат на истокот на Украина изјави дека „тоа всушност не е армија, туку е странска легија, во дадениов случај странска натовска легија која, секако, не ги следи целите на националните интереси на Украина“. „Таму има сосема поинакви цели, а тие се поврзани со постигнувањето на геополитичките цели на воздржување на Русија, што апсолутно не се совпаѓа со националните интереси на украинскиот народ“, додаде тој. 

Истиот ден изјавата на Путин беше прокоментирана во Брисел, каде се наоѓа седиштето на НАТО. Генералниот секретар Јенс Столенберг, кој воопшто не користеше дипломатски јазик, ја нарече изјавата на рускиот лидер „глупост“. 

„Несамостојност на Киев“ 

Според руските аналитичари, Владимир Путин ваквата изјава ја дал, стремејќи се уште еднаш да го подвлече несамостојниот карактер на политиката на украинските власти. „Се разбира, официјално вооружените сили на Украина не се дел од структурата на НАТО, но Путин рече дека фактички ... украинскиот режим во голема мера не настапува по сопствена иницијатива“, туку во име на САД. Вака ги интерпретираше за „Руска реч на македонски“ зборовите на рускиот лидер заменик-претседателот на Институтот за национална стратегија Виктор Милитарјов. 

Според експертот, Путин сакал да каже дека НАТО и, главно, САД „го користат киевскиот режим и неговите вооружени сили за геополитичка провокација против Русија“. 

Примирјето во Донбас заврши со војна
Во средината на јануари примирјето на југоистокот на Украина е практично прекинато. Уште во декември претставниците на самопрогласените Донецка и Луганска народна република (ДНР и ЛНР) изјавуваа дека украинската војска трупа сили и подготвува нова офанзива. Покрај тоа, тие се жалеа на редовното артилериско гранатирање на Донецк и соседните реони, од кое страдаше цивилното население. Слични обвинувања се слушаа и од страна на официјалните власти во Киев.

Како што смета копретседателот на Советот за национална стратегија Јосиф Дискин, Путин сметал дека со помош на украинските вооружени сили и на доброволничките баталјони САД се обидуваат да стават клин меѓу Русија и Европа, намалувајќи ја глобалната конкурентност на ЕУ. 

Во исто време, како што забележува воениот експерт и главен уредник на опозицискиот Интернет-портал „Ежеднвени журнал“ Александар Гољц, со своите зборови рускиот претседател несакајќи ја претстави Русија како „учесник во конфликтот“. „Воените дејствија се водат на територијата на Украина, а не на Русија. Доколку, според мислењето на рускиот претседател, целта на воените дејствија е воздржување на Русија, тогаш со кого таму војуваат доброволничките баталјони?“, прашува експертот. 

Сигнал за Западот? 

Карактеризирајќи ги зборовите на рускиот претседател, аналитичарите ставаат акцент на силината на изјавата на Путин, која се разликува од претходните. Како што изјавува Милитарјов, рускиот лидер овој пат се изразил „максимално силно“, со што ја остварил својата цел. Според мислењето на аналитичарите, подвлекувајќи ја несамостојноста на властите во Киев, рускиот претседател го повикал Вашингтон на директни преговори за украинската криза. 

Како што сметаат експертите, предлогот даден до САД за директни преговори следува по повеќекратното блокирање на мировните иницијативи, кои се разработени во посреднички формат. 

Со ваквиот приод кон оценката на изјавата на Путин во целост се согласува Јосиф Дискин. Но, адресатот, според него, не е Вашингтон, туку Брисел. „Ова е сигнал за Европската Унија со цел да се замисли за своите интереси и да гради политика, без да тргнува од полумитската атлантска солидарност, туку тргнувајќи од интересите на ЕУ“, изјави експертот за „Руска реч на македонски“. 

Сепак, не се сите во можност во зборовите на Владимир Путин да видат гест кој е насочен кон Западот. Според Гољц, изјавата на рускиот претседател ја изразува неговата нервоза поврзана со тоа што не му успеало да го замрзне конфликтот во рамките на нормандискиот формат и со самото тоа да гарантира дека Украина нема да стапи во НАТО.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња