Русија се заканува со напуштање на ПССЕ

Шефот на руската делегација Алексеј Пушков. Извор: Михаил Џапаридsе / ТАСС

Шефот на руската делегација Алексеј Пушков. Извор: Михаил Џапаридsе / ТАСС

Русија може да донесе одлука за излегување од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Ова на 28 јануари во Стразбур го изјави шефот на руската делегација Алексеј Пушков. Впрочем, експертите и европските политичари претпоставуваат дека Москва ја сфаќа соработката со ПССЕ и ќе се ограничи со временско откажување од учеството во работата на оваа организација.

„Го напуштаме Парламентарното собрание до крајот на годината, ѝ честитаме на Парламентарното собрание за донесувањето на неадекватната одлука, која нанесува мошне сериозен удар врз општоевропскиот меѓупарламентарен дијалог“, појаснува Пушков, коментирајќи ја одлуката на ПССЕ за одземање на правата на руската делегација до април. „Сакам да подвлечам дека досега во Русија не се разгледуваше можноста за излегување од Советот на Европа, а одлуката на ПССЕ ја става ваквата можност на дневен ред“ вели рускиот парламентарец.  

Извор од руската делегација за „Руска реч на македонски“ вели дека по потврдувањето на одлуката на ПССЕ за продолжување на санкциите воведени во април 2014 година поради присоединувањето на Крим кон Русија, неопходно е да се преземат кардинални решенија за учеството во оваа организација. „Пренесувајќи нè од сесија во сесија, тие ќе ја држат во неизвесност руската делегација, не давајќи ни право на глас и можност за целосна работа во ПССЕ“, појасни изворот, забележувајќи дека секој пат кога Русите ќе им одат во пресрет на европските парламентарци, ним ќе им се поставуваат нови и нови барања.

„Парламентарците на Советот на Европа во својата резолуција изнесоа низа барања кои навистина не можат да се исполнат и се апсурдни, зашто станува збор за враќање на Крим во составот на Украина и за повлекување на руската војска од територијата на полуостровот“, објаснува во интервју за РИА Новости членот на руската делегација во ПССЕ сенаторот Алексеј Александров. 

„Тоа е неконструктивен пат, но тоа е нашиот избор. Ние бевме подготвени да работиме во ПССЕ, да ги ислушаме критичките забелешки упатени на наша адреса, да ја искажеме својата позиција за едни или други забелешки, но нè лишија од глас и не сакаат да нè слушнат“, смета првиот заменик-претседател на комитетот на Советот на федерацијата за меѓународни работи Владимир Џабаров. 

Според извори на „Руска реч на македонски“, Русија треба да престане да плаќа членарина на ПССЕ, која изнесува околу 32.3 милиони евра годишно, што претставува 10.5% од буџетот на организацијата. 

Москва размислува за целосно раскинување на односите 

Впрочем, продолжувањето на санкциите во однос на делегацијата на РФ го става на дневен ред прашањето за излегување на Русија од Советот на Европа во целост. Пушков веќе објави дека ова прашање ќе се разгледува на крајот на 2015 година „во зависност од политичката ситуација“. 

Ќе стане ли Мариупољ повод за нови санкции?
Како резултат на нападите врз Мариупољ од 24 јануари загинаа десетици мирни жители. Набљудувачите на ОБСЕ за трагедијата ги обвинија бунтовниците. Сега, според експертите, тешко може да се очекува намалување или прекинување на санкциите за Русија. Сепак, постои надеж дека нема да следуваат жестоки мерки: Европа е зафатена со своите економски проблеми.

Коментирајќи ги изјавите на Пушков дадени за „Руска реч на македонски“, генералниот секретар на Советот на Европа Торборн Јагланд изјави: „Сметам дека не треба да се плашиме едни со други со закани за исклучување од Советот на Европа или со напуштање на Советот на Европа. Не можам да си претставам што може да се случи во Европа и ние повторно да ги делиме народите и да се исклучуваме еден со друг. Треба да ги надминеме проблемите што се испречија пред нас денес“. 

Јагланд е убеден дека Русија е заинтересирана за членство во Советот на Европа зашто „имено на ова место Русија има врска со останатата Европа и се прикажува себеси како европска нација“. Според него, ваквото сфаќање постои и во Кремљ. 

Шефот на одделот за стратешки оценки од Центарот на ситуациска анализа при Руската академија на науките Сергеј Уткин во интервју за Газета.ру изјави дека Русија најверојатно нема да излезе од ПССЕ: „Добивам впечаток дека заедничката полза од Советот на Европа сепак не се оспорува од мнозинството критичари на ПССЕ. Соодветно на тоа 'прекинот' може да изгледа исто како што изгледаше и претходно – одбивање на парламентарците дури и во онаа работа на собранието за која не се блокирани“.

Засега расте значењето за Русија за другите европски структури. „Сега целата парламентарна активност ќе ја пренесеме во рамките на парламентарното собрание на ОБСЕ, во парламентарното собрание на земјите од Средоземноморјето и во тие рамки ќе водиме активни дијалози за европската проблематика. Во прв ред тоа е архитектурата на безбедноста...“, изјави членот на комитетот на Советот на федерацијата за меѓународни работи Игор Морозов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња