Ќе стане ли Мариупољ повод за нови санкции?

Извор: AP

Извор: AP

Како резултат на нападите врз Мариупољ од 24 јануари загинаа десетици мирни жители. Набљудувачите на ОБСЕ за трагедијата ги обвинија бунтовниците. Сега, според експертите, тешко може да се очекува намалување или прекинување на санкциите за Русија. Сепак, постои надеж дека нема да следуваат жестоки мерки: Европа е зафатена со своите економски проблеми.

Уште една конфронтација во Источна Украина заврши со трагедија и со заемни обвинувања на засегнатите страни во конфликтот. Како резултат на нападите врз Мариупољ загинаа десетици мирни жители. Набљудувачите на ОБСЕ веднаш кажаа кој е виновен: пукаа бунтовниците. Уште пред трагедијата првиот човек на Донецката Народна Република Александар Захарченко изјави дека тие ќе тргнат во напад на Мариупољ. Сепак, подоцна тој ги демантираше намерите за напад врз градот, и операцијата ја нарече одговор на провокациите на вооружените сили со цел „потиснување на позициите на украинската војска“. Без оглед на обвинувањата насочени кон бунтовниците и кон Русија, руската позиција останува нејасна. 

Молкот на Русија 

Раководителот на Центарот за меѓународна безбедност на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, политикологот Алексеј Арбатов предлага молкот на Русија да се интерпретира како знак на согласување со заклучоците на набљудувачите на ОБСЕ. Експертот не верува дека Русија допрва ќе ја искаже својата позиција. „Сепак, кај нас се признава објективноста на ОБСЕ и често нивните заклучоци се земаат како докази. Ова особено се однесува на случаите кога тие забележуваат напади од страна на украинската армија“, вели тој. Според него, согласувањето во едни и несогласувањето во други случаи би било прикажување на „двојни стандарди“. 

Нови детали за трагедијата во Одеса
Заднината на трагедијата во Одеса, во која на 2 мај во пожар во Домот на синдикатите загинаа повеќе десетици луѓе и понатаму не е јасна, иако секој ден во медиумите се појавуваат нови поединости. Во првите извештаи од местото на пожарот каде загинаа најмалку 46 лица, се велеше дека поголемиот дел од жртвите се задушиле од чадот. Но, наскоро почнаа да се појавуваат податоци за примена на огнено оружје и насилство кон луѓето, а бројот на загинати почна да расте.

Уште еден соговорник на „Руска реч на македонски“, директорот на Меѓународниот институт за хуманистичко-политички истражувања Вјачеслав Игрунов смета дека „двојните стандарди“ поврзани со Мариупољ сепак се неизбежни. Кога беа запалени луѓето во зградата на синдикатот во Одеса „фактички немаше никаква реакција од страна на меѓународните поддржувачите на мајдан“, наведува пример Игрунов. Противниците постапуваат исто, забележува тој. Сепак нападот врз Мариупољ, според Игрунов, ќе биде искористен против Русија. 

Независна истрага 

Директорот на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања при Вишата школа за економија Тимофеј Бордачев верува дека Русија допрва ќе реагира на трагедијата. Реакција ќе следува и таа, како и секогаш, ќе биде воздржана и нема да заштитува ниту една од страните, вели за „Руска реч на македонски“ експертот. 

„Русија, како што е навикната, ќе настојува на спроведување независна истрага. Она што го кажаа набљудувачите на ОБСЕ веднаш по трагедијата не може да се смета за резултат на една таква истрага. Тука не постоеја никакви сериозни постапки“, вели тој. 

Санкции 

Доколку случајот со нападот врз Мариупољ не остане изолиран и доколку започне вистински напад врз овој или врз други градови, реакцијата на Западот ќе биде мошне остра, смета Алексеј Арбатов. „Тогаш е неизбежно да се очекува нов бран санкции. По нив, ќе следуваат и такви мерки, како што е испорака на оружје за Украина и зголемено воено присуство на НАТО во земјите од Источна Европа, меѓу кои и во Бугарија и во Романија“, смета Арбатов. Сепак, според експертот, тешко е да се сфатат плановите на бунтовниците: „тие денес зборуваат едно, а утре сосема друго“.  

Русија, како што е навикната, ќе настојува на спроведување независна истрага. Она што го кажаа набљудувачите на ОБСЕ веднаш по трагедијата не може да се смета за резултат на една таква истрага. Тука не постоеја никакви сериозни постапки.

Тимофеј Бордачев

Центар за комплексни европски и меѓународни истражувања

Вјачеслав Игрунов не ја исклучува можноста за нов круг санкции доколку бунтовниците тргнат во напад. Впрочем, тој претпоставува дека санкциите ќе бидат „меки“ со оглед на тоа дека Европа си доби свои сериозни проблеми, а тоа е Грција, која може да предизвика девалвација на еврото. Заладувањето на односите со Русија само ќе ги намали економските показатели на мошне „чувствителната“ Европа. 

Сепак, уште еден удар може да се очекува повеќе од страна на САД, одошто од Европската Унија. Како што пишува бизнис-весникот „Комерсант“, повикувајќи се на извор од Стејт департментот, не е исклучена можноста Соединетите Американски Држави да ја исклучат Русија од системот SWIFT, дури и ако Европејците не тргнат кон таа насока. Сепак руските експерти засега се држат до варијантата дека по секоја „воена спазма“ повторно ќе настапи релативен мирен период со преговори.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.