Споменик на жртвите на политичките репресии ќе се појави во Москва

Виталиј Белоусов / РИА Новости

Виталиј Белоусов / РИА Новости

Руското раководство донесе одлука да се подигне споменик на жртвите на советските репресии во центарот на Москва. Ова за новинската агенција Интерфакс на 15 декември го изјави народниот правобранител на РФ Ела Памфилова. Овој меморијал активистите за човекови права го бараат одамна, но никако тој да биде подигнат.

Споменик на жртвите на политичките репресии ќе се појави на авенијата Сахаров. Ова е значенско место. Името на нобеловецот и творец на првата атомска бомба академик Андреј Сахаров се наоѓа на врвот на списокот на познати борци со Сталиновата идеологија. Освен тоа, токму на ова место во престолнината се одржуваат големи митинзи и маршеви од либерален карактер. 

„Разгледувавме неколку варијанти и се задржавме на оваа, според која авенијата Сахаров е најоптимална. Претседателот се согласи со предлогот на работната група. Политичкото решение е веќе донесено“, рече Памфилова. Народниот правобранител истакна дека веќе постојат неколку проекти за споменикот и дека, најверојатно, до крајот на 2015 година тој ќе биде поставен. 

Споменот мора да постои

Раководителот на „Меморијал“, здружение на активистите за човекови права, историја и просветителство, Арсениј Рогински за „Руска реч на македонски“ објасни дека поставувањето на ваков споменик е особено важен чекор за нашата земја. „За првпат ваков споменик беше споменат уште за време на Никита Хрушчов, водачот на СССР кој дојде по Сталин, - објаснува активистот за човекови права. – Наша организација си постави цел да се оствари неговото поставување. Затоа, јас сум многу среќен што е донесена ваква одлука“. Рогински ја објасни важноста на овој чекор со тоа што Русите треба да се сеќаваат на својата историја, па макар таа била и трагична. „Беа убиени милиони луѓе, на уште поголем број им беше загорчен животот, а напомнувања за тоа нема, - вели тој. – На пример, Москва е град кој е залиен со терор: тука луѓето биле стрелани, биле испраќани во ГУЛАГ, но нема никаква трага од тие трагични настани. Не постои дури ни меморијална плоча“. 

Активистот за човекови права забележа дека „без сеќавање на бесправноста е невозможно да се гради правна држава“. 

Сега во Москва постои еден споменик посветен на жртвите на политичките репресии, а тоа е „Соловецки камен“ поставен во 1990 година. 

„Умре главниот човек“
По повод 60-годишнината од смртта на Јосиф Сталин, веројатно најконтроверзниот прв човек на советската и на руската држава, „Руска реч на македонски“ ви претставува спомени на луѓе кои овие настани ги засведочиле со сопствени очи.

Според податоците на организацијата за правата на човекот „Меморијал“, во целиот советски период жртви на репресии биле од 11 до 39 милиони луѓе. За репресирани се сметаат оние што биле осудени од политички мотиви и оние кои биле однесени во затвор или биле стрелани, а исто така и оние што биле депортирани и што умреле од глад во 1932/33 година. 

Против репресии и за Сталин 

Сепак, експертите се сомневаат дека одлуката за подигање споменик ќе го измени односот на Русите кон Сталин, кого мнозинството од населението го сфаќаат како позитивна фигура, како човек кој ја добил Големата татковинска војна и кој ја спровел индустријализацијата на земјата.

„Споменикот не се поставува против Сталин, туку за жртвите на репресиите. Мислам дека во овој процес воопшто нема ни за се зборува за советскиот водач. Концептот на споменикот нема да има антисталински карактер, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на Центарот за политиколошки истражувања на Финансискиот универзитет при Владата на РФ Павел Салин. – За претседателот Путин ова не е прв ваков чекор, тој беше во посета на Бутовскиот полигон каде се извршувале егзекуциите во периодот на теророт“. Политикологот е уверен дека ваквиот чекор ќе му помогне на водачот на земјата покрај себе да ги обедини и либералните политички сили. Салин исто така забележува дека ваквиот чекот може да го подобри имиџот на Русија во странство, но само ако го забележат странските новинари. 

Историчарот и телевизиски водител Николај Сваниѕе уверува дека ваквата одлука ќе ѝ помогне на власта да се дистанцира од обвинувањата за архаичност и за конзерватизам. „Околу раководството на земјата се вртат многу луѓе со светоглед кој е далечен на активистите за човекови права, како што се, на пример, сталинистите кои себеси се нарекуваат патриоти. И овој споменик ја покажува желбата на власта да се дистанцира од ваквите луѓе и да даде до знаење дека луѓето со различни вредности од власта се подеднакво оддалечени“, вели тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.