Извор: Ројтерс
На смртта на кралот на Саудиска Арабија Абдула светскиот нафтен пазар реагираше со пораст на цените на нафтата на берзите за речиси 2% (цената порасна на 47 долари за барел). Во земјата која е најголем светски извозник на нафта на власт дојде 79-годишниот полубрат на Абдула – Салман, а за наследник на Салман е прогласен принцот Мукрин. До смртта на кралот Саудиска Арабија во ОПЕК се придржуваше кон позицијата која се однесува на извозните квоти на нафтата и силно се спротивставуваше на нивно намалување. Кралството во неколку наврати изјавуваше дека нафтата повеќе никогаш нема да чини 100 долари за барел. Ваквата политика не ја подгреваше надежта на пазарот дека ќе дојде до пораст на цените. Но, сега се појавија очекувања дека Саудиска Арабија ќе го промени својот став. Тие делумно се поттикнати со скокот на цените на берзите. Но, експертите не предвидуваат позначителни промени во нафтената политика на кралството, но затоа со повеќе оптимизам прогнозираат други негови надворешнополитички правци, меѓу другото и соработка со Русија.
Очекувањата поврзани за „повисока“ нафта
Движењата на пазарот на нафта експертите ги објаснуваат исклучиво како спекулативни игри во контекст на природните очекувања дека Саудиска Арабија со доаѓањето на Салман ќе ја промени својата политика. Токму поради тоа „цените на нафтата во скоро време можат да покажат движење во различни правци“, вели за „Руска реч на македонски“ Александар Курдин, началник на Управата за стратешки истражувања во областа на енергетиката при Аналитичкиот центар при владата на РФ.
Кога станува збор за сириското прашање ние бевме и останавме непријатели на Саудиска Арабија. Во овој поглед во нашите односи ништо не се менуваше за време на кралот Абдула, и ништо нема да се промени со доаѓањето на власт на Салман
Евгениј Сатановски, политиколог
„Шпекулантите ја користат можноста со помош на покачување на цената малку да ги надоместат загубите од претходното намалување“, вели за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на Институтот за енергетска политика Владимир Милов, објаснувајќи го порастот на цената на нафтата за 2 отсто. Експертот истакнува дека е залудно да се очекува ублажување на нафтената политика на Саудиска Арабија, зашто нејзината нафтена индустрија стравува дека со намалувањето на производството ќе го изгуби својот удел на светскиот пазар на нафта.
Нафтата ќе поскапи, но засега, смета Милов. „Во втората половина од годинава, односно поблизу до нејзиниот крај, цената на нафтата ќе се врати на нивото од 70-80 американски долари за барел. Пазарот нема да го издржи моменталниот дијапазон на цените во подолг период, зашто ќе биде презаситен со нафта, пред сè поради нејзината експлоатација од наоѓалиштата на големи длабочини“.
Ќе дојде ли до дипломатско затоплување?
Иднината на билатералните односи меѓу Русија и Саудиска Арабија засега не е јасно одредена.
„Кога станува збор за сириското прашање ние бевме и останавме непријатели на Саудиска Арабија. Во овој поглед во нашите односи ништо не се менуваше за време на кралот Абдула, и ништо нема да се промени со доаѓањето на власт на Салман“, вели за „Руска реч на македонски“ Евгениј Сатановски, политиколог и директор на независниот Институт за Блиски Исток. Според него, Русија може да очекува определени промени дури кога власта ќе премине во рацете на генерацијата на внуците.
Во втората половина од годинава, односно поблизу до нејзиниот крај, цената на нафтата ќе се врати на нивото од 70-80 американски долари за барел. Пазарот нема да го издржи моменталниот дијапазон на цените во подолг период, зашто ќе биде презаситен со нафта, пред сè поради нејзината експлоатација од наоѓалиштата на големи длабочини
Владимир Милов
Институт за енергетска политика
Сепак, новиот крал Салман ќе ја демонстрира својата приврзаност кон умереното крило на политичкиот естаблишмент, „кое е прилично разнородно и опфаќа различни кланови“, така што тоа влева извесна надеж, смета Андреј Федорченко, директор на Центарот за проучување на Блискиот Исток при Московскиот државен универзитет за меѓународни односи. „Кадровските придвижувања можат прилично брзо да ја променат политиката на Арабјанците во позитивна насока кога станува збор за Иран, Ирак и Сирија, што, секако, е во интерес на Русија“, додава шефот на Центарот за проучување на Блискиот Исток.
Од друга страна, експертот не очекува сериозни придвижувања на политичко ниво, но затоа прогнозира нови можности во инвестициската соработка и во општествените контакти, на пример на религиозна основа.
Исто така можат да бидат обновени разговорите за создавање зона на колективна безбедност на подрачјето на Персискиот залив. „Русија оваа идеја ја изнесе уште во 2007 година, но не дојде до нејзина реализација поради заострување на ситуацијата на Блискиот Исток. Сега проектот може да биде активиран“, истакна Федорченко.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче