Милениумскиот крст на Водно со нов сјај

Леонид Лебедев, член на Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација. Извор: Драган Митревски.

Леонид Лебедев, член на Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација. Извор: Драган Митревски.

Милениумскиот крст кој е едно од обележјата на град Скопје, од вчера блесна со ново осветлување.

Во присуство на амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Олег Шчербак, членот на Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација Леонид Лебедев, на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски како и на други официјални лица и гости, вчера во Скопје се одржа церемонија на пуштање во употреба на новиот систем за осветлување на Милениумскиот крст кој е поставен на врвот на планината Водно. 

Милениумскиот крст, кој во поновата историја претставува една од главните обележја на македонската престолнина и задолжителна дестинација за туристите, но и за жителите на Скопје, долго време имаше проблеми со недоволното осветлување, па затоа беше потребно да се преземат конкретни чекори за негово претставување во целосен сјај. Секако, за еден ваков проект потребна беше и солидна финансиска конструкција, на која и се чекаше долго време. 

Милениумскиот крст се наоѓа на врвот Крстовар на планината Водно. Изграден е во 2002 година како знак на стапувањето на човештвото во новиот милениум. Крстот е висок 66 метри и е една од највисоките градби во Република Македонија. Творци на овој споменик се архитектите Јован Стефановски-Жан и Оливер Петровски.

Значителни финансиски средства за финансирањето на проектот беа издвоени од страна на Леонид Лебедев, руски донатор и општествен деец. 

Демонтажата на стариот систем за осветлување и поставувањето на новиот, кој се засновува на современи енергетски штедливи технологии беа реализирани во периодот од септември 2014 година до јануари годинава. 

Она што е карактеристично за новиот систем за осветлување се неговата висока енергетска ефективност и економичност. Благодарение на современата опрема и на новите технологии вкупната потрошувачка на електрична енергија на Милениумскиот крст ќе се намали за 24 мегавати на час на годишно ниво, додека енергетската заштеда ќе изнесува околу 3.600 евра годишно. Трошоците за поправките како резултат на замената на старите светилки со светилки од нов тип ќе се намалат за 2.000 евра годишно, а трошоци за техничкото одржување на комплексот за осветлување ќе се намалат за 1.500 евра. Вкупната годишна заштеда на парични средства неопходни за експлоатацијата на системот за осветлување ќе изнесува 7.100 евра, додека рокот на експлоатација ќе биде најмалку 15 години.

Крстот е изграден на највисоката точка на планината Водно на место познато како Крстовар, што значи „место на крстот“, со оглед на тоа што на ова место во минатото се наоѓал помал крст. На 8 септември 2008, Денот на независност на Република Македонија, во внатрешноста на крстот беше вграден лифт, а од 2011 година од средината на Водно до него може да се стигне и со жичарница.

„ Замената на системот за осветлување е проект со чија реализација ќе се облагороди Милениумскиот крст и просторот  околу него. Техничките работи кои беа изведени од енергетичарите бараа сериозна финансиска инвестиција, широк дијапазон на технички познавања за работа во исклучително сложени услови на големи височини и изложеност на сурови климатски услови, солидна стручна експертиза во областа на енергетиката, како и вклученост на висококвалитетни експерти“, вели скопскиот татко Коце Трајановски.  

За Леонид Лебедев, истакнат член на Советот на федерацијата на Федералното собрание на РФ, Милениумскиот крст претставува споменик од светско значење кој ги симболизира универзалните хуманистички вредности, како што се толеранцијата и сочувството, милосрдието, мирот и хармонијата во општеството. „Тој (Милениумскиот крст – заб. ред.) со право се смета за гордост на градот Скопје и на цела Македонија. Сега овој прекрасен споменик има ново, достојно осветлување кое е во потполна хармонија со архитектонските решенија искористени при градбата на споменикот“, изјави Лебедев. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.