Извор: Ројтерс
Во својот говор на парискиот Институт за политички истражувања на 25 ноември Херман ван Ромпуј забележа дека која и да е мирна спогодба за Украина нема да се реализира сè дури „не биде најден начин за Украина да стане децентрализирана (или федерализирана) земја“. Децентрализацијата, според мислењето на европскиот политичар, ќе им помогне на Украинците да го определат своето место во Европа, продолжувајќи го притоа дијалогот со Русија. На презентацијата на извештајот „Русија и Украина: коридор на можности“ во МИА „Росија севодња“ на 25 октомври неговите автори – експертите на Рускиот совет за меѓународни работи Сергеј Маркедонов и Александар Гушчин, зборуваат за трите сценарија за иднината на Украина. Најмирно решение за украинската криза експертите сметаат дека е федерализација на земјата. Другите сценарија се конфронтациско-насилно и сценарио на „длабоко замрзнување“ (статус-кво), кои, според мислењето на експертите, ќе ја одолговлечат украинската криза на подолг период.
Децентрализациско-компромисно сценарио
Реализацијата на ваквото сценарио е можна доколку Русија, Украина и ЕУ најдат решение за гасот што ќе им одговара на сите, што, пак, во иднина би можело да стане основа за почеток на дискусијата за неблоковиот статус на Украина. Според мислењето на авторите на извештајот „Киев би можел да се откаже од стапувањето во НАТО само доколку Москва престане да се спротивставува на европскиот вектор на украинската политика“. Трет важен чекор кон реализацијата на децентрализациско-компромисното сценарио треба да биде определувањето на статусот на Донбас. „Како замена за симнувањето на санкциите, Русија би можела да го признае територијалниот интегритет на Украина, под услов Донецката и Луганската област да добијат широка автономија со елементи на федеративно устројство“. Маркедонов и Гушчин претпоставуваат дека децентрализациско-компромисното сценарио е најпогодно, но жестоката реторика околу Украина на самитот Г-20 во Бризбејн и воведувањето на економска блокада за Донбас од страна на Киев го направија невозможно. Експертите заклучуваат дека сценариото може да биде изводливо „доколку украинската парламентарна коалиција која е европски ориентирана успее ефикасно да управува со земјата и да ги решава внатрешните проблеми“.
Конфронтациско-насилно сценарио
Во согласност со ова сценарио ќе пропадне „минскиот мировен процес“ и ќе биде обновен воено-политичкиот отпор на југоистокот од Украина со можно директно вовлекување на Русија, САД или на НАТО. На промоцијата на извештајот Сергеј Маркедонов забележа дека „Западот не е подготвен отворено да стапува во конфликт со Москва, па затоа може да биде искористено сценариото 'Република Српска - 1995', кога хрватските војници со поддршка на САД, ја уништија инфраструктурата на непризнаената Република Српска и ја вратија целосноста на земјата“. Но, сличен развој на настани би означувало „пораз за Москва и запирање на сите интеграциски проекти на Кремљ, со оглед на тоа дека сојузниците во ЗНД ќе видат слабост и несигурност на Русија како сојузник“, додаде експертот.
Друга варијанта на ескалација на украинскиот конфликт е воена интервенција на Москва според „закавкаското сценарио од 2008“ и признавање на ДНР и на ЛНР. „Тогаш обидите на претседателот на Грузија Михаил Саакашвили да постави контрола над Јужна Осетија доведоа до воена интервенција на Русија во конфликтот и до признавање на независноста на Јужна Осетија и на Абхазија“, вели Александар Гушчин. Притоа „западните санкции против Русија ќе се засилат, конфликтот на југоистокот од Украина ќе се растегне на подолго време, а Москва не е заинтересирана за тоа“, додаде експертот.
Ова сценарио е најлошо за сите оние кои се вовлечени во украинскиот конфликт, со оглед на тоа дека „тој се заканува не само на Украина, туку у на европската безбедност и на безбедноста на сите постсоветски земји“, забележаа експертите Андреј Кортунов и Фјодор Лукјанов, кои учествуваа на прес-конференцијата.
Статус-кво
Најверојатно сценарио за развој на ситуацијата според мислењето на авторите на извештајот „Русија и Украина: коридор на можности“ е откажување на Киев од преговорите со претставниците на ДНР и на ЛНР и „длабоко замрзнување“ на решавањето на прашањето за нивниот статус, а исто така и статус-кво во односите помеѓу Русија и Украина, Русија и Западот. Доколку се реализира ова сценарио треба да се очекува „нов гасен конфликт на почетокот на пролетта 2015 година меѓу Русија, Украина и ЕУ, и продолжување на политиката на санкции на земјите една против друга“, се вели во извештајот.
Извештајот, како што забележаа експертите, не е рецепт за решавање на украинската криза, туку повик до меѓународната експертска јавност за конструктивна дискусија во врска со Украина.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.