Молдавија гласа

Извор: AFP/East News

Извор: AFP/East News

На 30 ноември во Молдавија ќе се одржат парламентарни избори. Тие се сметаат за решавачки помеѓу прозападните и проруските сили. Со какви сили и како работеше Москва?

Во последната година Молдавија се зближи со ЕУ како ниту една друга земја од ЗНД, а за Москва таа е една од зоните на своите привилегирани интереси. И колку повеќе се заострува кризата во Украина, толку повеќе Европската Унија ѝ се умилкуваше на малата република, без оглед на големиот број нерешени проблеми – од целосно корумпиран судски систем до замрзнување на приднестровскиот конфликт.

На крајот на јуни, кога бувна украинскиот југоисток, Молдавија со Европската Унија потпиша спогодба за асоцијација (во истото време таа беше ратификувана од Европскиот парламент), а во септември почна да функционира зоната на слободна трговија со ЕУ. Молдавските власти ги нарекуваат успесите заслужени и уверуваат дека тоа е резултат на сериозните реформи. Но, тешко е да се ослободиме од чувството дека во прегратката на Брисел Кишинев беше фрлен со бранот на украинската криза. 

Приднестровје: „дел од рускиот свет“?
На 2 септември во непризнаената Приднестровска Молдавска Република (ПМР) беше одбележана 24-годишнината од државноста. „Руска реч на македонски“ го објавува интервјуто со заменик-министерот за надворешни работи на републиката, Игор Шорников кој раскажа со какви тешкотии се судира ПМР денес и каква помош очекува таа од Русија.

На забрзаната евроинтеграција на Кишинев Москва одговори традиционално: во 2013 година РФ воведе ембарго за молдавскиот алкохол, а летово ограничување на увозот на земјоделски производи. Згора на тоа вицепремиерот одговорен за односите со Кишинев Дмитриј Рогозин десетина пати ги предупреди молдавските власти дека од зближувањето со Европа ним ќе им биде лошо, а од враќањето под закрилата на Русија, обратно, ќе им биде добро. 

Распоред на силите 

Доколку им се верува на анкетите, во молдавскиот парламент ќе влезат шест партии кои подеднакво се делат на условно проруски и прозападни. „Западниците“ се Либерално-демократската, Демократската и Либералната парија. Тие претходно ја сочинуваа владејачката коалиција и се залагаат за зближување со ЕУ. Либералите исто така настојуваат и за моментално стапување во НАТО. 

Наспроти „западниците“ е левата опозиција: Партијата на комунистите, партијата Патрија и социјалистите на Игор Додон. Тие се категорички против НАТО и во различен степен на интензивност ги критикуваат власта и ЕУ. Комунистите велат дека во спогодбата со ЕУ не се земени предвид националните интереси и затоа треба сериозно да биде редактирана. Патрија се залага надворешнополитичкиот вектор да се определува на референдум, додека социјалистите ветуваат моментално враќање на исток, штом ќе се најдат на чело на државата. 

Ниту една од шесте партии не може да освои мнозинство на изборите, со што би се овозможило да се формира влада. Односно, или тие ќе се договорат за коалиција по изборите, или изборите нема да бидат последни. 

Влоговите растат 

Вака или онака, Москва типува на левицата. Уште пред една година стана збор за тоа дека може да се соработува со комунистите. Како што дознава Комерсант „Власт“, во ноември 2013 година лидерот на Руската Комунистичка парија Генадиј Зјуганов му испрати обраќање на претседателот на РФ со барање да им се помогне на молдавските комунисти како на главен сојузник на РФ на молдавскиот фронт, а согласноста беше добиена. 

Уште на почетокот на оваа година победата се чинеше сосема веројатна. Комунистите ги изнесоа луѓето на улица, ја нарекоа асоцијацијата со ЕУ незаконска и побараа референдума за приклучување кон Царинската унија. Нивниот рејтинг порасна, а популарноста на партијата на власт и на идејата за евроинтеграции опадна. 

Но, односите со московските комунисти не успеаја. Во мај годинава лидерот на молдавските комунисти Владимир Воронин спроведе чистка во партијата, симнувајќи ги од раководните веста непомирливите критичари на власта, а исто така и нагло ја измени својата реторика, откажувајќи се од критиката на ЕУ. 

Царински такси за Украина, Молдавија и Грузијa
Русија одлучи да воведе царински такси за земјите кои имаат потпишано спогодба за асоцијација со Европската унија. Станува збор за поранешните советски републики – Украина, Молдавија и Грузија. Руските власти на овој начин сакаат да го заштитат внатрешниот пазар од европските производи кои до него би можеле да дојдат по пат на повторен извоз од овие земји. Мерката пред сè се однесува на сферата на земјоделските производи.

Потоа во Кремљ се свртеа кон претседателот на Партијата на социјалистите Игор Додон. На 4 ноември за време на приемот по повод Денот на народното единство со него се сретна Владимир Путин. 

Со медиумска и со политичка поддршка на Москва рејтингот на социјалистите започна да расте. Доколку на почетокот на есента анкетите покажуваа дека тие можат да добијат само 4% и не ја надминуваат границата од 6 проценти, според неодамна објавената анкета „Барометар на општественото мнение“ (БОМ) покажа дека тие имаат поддршка од 7% од вкупниот број анкетирани. 

Независен играч 

Третата, најтаинствена политичка сила во Молдавија е партијата Патрија („Татковина“). Прв на списокот на оваа партија е 36-годишниот бизнисмен Ренато Усати, чии активи, вклучувајќи го бизнисот, недвижноста и повеќе од половина милион акции на „Гаспром“, се наоѓаат во РФ. Освен тоа, тој истовремено е и постар вицепремиер на Сојузот на градежници на железнички пруги на РФ. 

Но, Усати тврди дека немал контакт со никого во Кремљ и дека кампањата ја спроведува со свои сили. Извори од партијата Патрија велат дека Усати бил повикан на преговори во кабинетот на претседателот на РФ, но дека тој наводно одбил. 

Популарноста на Усати меѓу населението кое е изморено од евроинтеграциите брзо расте: за него се подготвени да гласаат бизнисмените и продавачките во киосците. Погореспоменатата анкета БОМ покажа дека него го симпатизираат 8% од сите анкетирани и 12% од оние што се определени. Сепак на 27 ноември Апелациската комисија на Молдавија ја отстрани партијата на Усати од учеството во парламентарните избори. 

На крајот 

Извори кои се запознаени со работата на администрацијата поврзана со Молдавија, велат дека Москва смета на левоцентристичката коалиција  составена од комунистите, од социјалистите и од луѓето од списокот на Усати. За да можат да формираат коалиција на мнозинство потребно им е најмалку 51 од 101 место во парламентот. Создавањето ваква коалиција го усложнува и фактот што комунистите ги сметаат социјалистите за предавници (Игор Додон беше пратеник од Комунистичката партија, но потоа премина кај социјалистите) и во повеќе наврати велеа дека немаат намера да комуницираат со нив.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња