Спутник – нов медиум од Русија

Извор: Алексеј Филипов / РИА Новости

Извор: Алексеј Филипов / РИА Новости

На 10 ноември МИА „Русија денес“ го претстави својот нов медиумски проект „Спутник“ за странските слушатели. „Спутник“ ќе претставува меѓународна новинска мрежа која нема да произведува содржина во Москва, ами во светските метрополи. Генералниот директор на МИА „Русија денес“ Дмитриј Кисељов изјави дека целта на проектот е „да му претстави на светскиот аудиториум алтернативен, неангажиран од западните мас-медиуми поглед на настаните во светот“. Странските медиуми во „Спутник“ видоа обиди на Кремљ да го модернизира и да го прошири пропагандниот апарат кој се активираше со почетокот на украинската криза.

Меѓународниот мултимедијален проект „Спутник“ ќе биде составен од новинска агенција, сајтот Sputniknews.com, прес-центар и мрежа од радиостаници кои имаат програма на 30 јазици од 34 земји во светот. Главна одлика на новиот медиумски проект за емитување програма од странство, според зборовите на неговите основачи, ќе стане производството на содржина не во Москва, ами на места каде се случуваат настани. Дописништва на „Спутник“ веќе се формирани во 17 земји на постсоветските простори. На 11 ноември радио „Спутник“ започна со емитување програма во Грузија. 

„Спутник“ ќе обедини десетици сајтови, а исто така  ќе ги користи капацитетите на радиокомпанијата „Гласот на Русија“ која емитуваше програма за странство за животот во Русија почнувајќи од декември 1929 до декември 2013 година кога беше расформирана во согласност со указот на претседателот „За некои мерки за зголемување на ефективноста  на работата на државните средства за масовно информирање“. Врз основа на истиот указ беше ликвидирана „РИА Новости“ – најголемата меѓународна информативна агенција која функционираше од 1941 година и која ги снабдуваше светските и руските средства за масовно информирање со навремени информации за Русија, а на нејзина база беше формирана МИА „Русија денес“.

Новиот медиум ќе понуди шоу со анализа, разговори со експерти, забавни емисии кои ќе се одликуваат со  изборот и ракурсот на темите, а најважно – со поинакво разбирање на светот. 

Маргарита Симоњан, главен уредник на МИА „Русија денес"

МИА „Русија денес“ функционира од декември 2013 година. Агенцијата има за цел да ѝ презентира на странската публика не само вести за Русија, туку и да ги покрива меѓународните настани со земање предвид на руските ставови. На чело на агенцијата е новинарот од странската редакција Дмитриј Кисељов, главен уредник е Маргарита Симоњан. Во западните медиуми Кисељов и Симоњан ги нарекуваат главни пропагандисти на Кремљ.

Објаснувајќи ја мисијата на МИА „Русија денес“ Кисељов истакнува: „Агенцијата се стреми да воспостави фер однос кон Русија како земја со добри намери која е важна за светот“. За новиот медиумски проект „Спутник“ Симоњан изјави: „Новиот медиум ќе понуди шоу со анализа, разговори со експерти, забавни емисии кои ќе се одликуваат со  изборот и ракурсот на темите, а најважно – со поинакво разбирање на светот“. 

RT е антизападниот мегафон на Москва

Основниот ресурс на МИА „Русија денес“ е 24-часовниот информативен канал RT кој емитува програма од Москва во над 100 земји во светот на англиски, арапски и шпански јазик и кој е достапен на 700 милиони гледачи. Во Вашингтон и Лондон телевизискиот канал има свои сопствени студија од каде емитува во етерот. Каналот многупати беше номиниран за меѓународни награди во областа на новинарството, сепак односот спрема него во странската новинарска заедница е многузначен. RT често го споредуваат со западните таблоиди кои се занимаваат со скандали, многупати го обвинуваа за необјективно известување за меѓународни настани. Така, на 10 ноември британскиот совет за радиодифузија  Ofcom го обвини RT за „субјективно известување за настаните во Украина и претставување на позициите исклучително на руските власти“. Маргарита Симоњан ги отфрли тие обвинувања и изјави дека во нив гледа „обид да се влијае на уредувачката политика на каналот“.

Ликвидацијата на радиостаницата „Гласот на Русија“ и ИА „РИА Новости“, формирањето на МИА „Русија денес“ која обедини различни руски медиумски ресурси, беше оценето од некои странски аналитичари како потег кој ги потврдува обидите на Кремљ да ја позиционира Русија во својство на главен антиамерикански глас. Ова предизвика во Европа дискусии за тоа дали треба да се обнови руското емитување на странски јазици кое, како што ѝ изгледаше на генерацијата на 90-те, ја изгуби актуелноста со завршувањето на студената војна. 

ТАСС е првата

Најстара државна информативна агенција која постои во Русија од 1904 година е ИА „ТАСС“. Во годините на Втората светска војна во ТАСС беше формирана специјална фронтовска редакција. Многумина кореспонденти на агенцијата работеа на првите борбени линии.

Во 1992 година таа беше преименувана во ИТАР-ТАСС, но во септември 2014 година, како резултат на ребрендирање, му се врати на поранешното историско име ТАСС. Агенцијата ја покрива внатреруската и меѓународната проблематика и ја поседува најраспространетата дописничка мрежа во 70 регионални центри и дописништва во Русија и во 63 земји во светот. Медиумските содржини на ТАСС се достапни на 6 странски јазици: руски, англиски, француски, германски, шпански и арапски. А, фотоархивата на агенцијата содржи неколку милиони фотографии и негативи. 

„Пропагандата во медиумите е синоним за лошо новинарство“ 

„Руска реч на македонски“ како дел од проектот Russia Beoynd the Headlines успешно работи веќе две години, а исто толку време еднаш месечно во дневниот весник „Нова Македонија“ излегува и прилогот „Руска реч“.

Голем руски медиумски ресурс кој емитува програма за странскиот аудиториум е меѓународниот проект на „Росијскаја газета“ Russia Beyond the Headlines, кој постои од 2007 година. RBTH се стреми да го прошири руското информативно присуство во странските медиуми и издава во 23 земји печатени прилози кои се дистрибуираат во вид на подлистоци во водечките весници во светот. Карактеристична особеност на ресурсот е во тоа што тој ги информира странските читатели не само за руските проблеми, за историјата, културата, традициите, туризмот, туку и за меѓународни настани во кои е инволвирана Русија. Главниот принцип на работа е ориентацијата кон стандардите, принципите и традициите на квалитетното новинарство на земјите каде излегува изданието. Повеќе од 70% од публикациите се оригинални материјали, останатите се одбираат од водечките руски медиуми, се преведуваат и се адаптираат од страна на уредниците на RBTH во согласност со стандардите на весниците-партнери. Издавачот на RBTH Евгениј Абов вели: „Материјалите од руските печатени медиуми ретко се пренесуваат во странскиот печат поради несовпаѓањето на новинарските традиции во Русија и во странство. Во текот на заедничката работа со странските партнери кои отпрвин се плашеа од неизбалансирано известување, нам ни успеа да ги убедиме дека пропагандата не е ништо повеќе освен синоним за лошо новинарство. Ние, RBTH, раскажуваме за Русија со јазикот на квалитетното новинарство кое не дозволува пропагирање на само една позиција и игнорирање на други погледи и гледишта.“

Прилогот на RBTH се дистрибуира во 23 земји во вид на подлистоци во 29 влијателни странски весници, меѓу кои се „Њујорк Тајмс“, „Вол Стрит Журнал“ и „Вашингтон Пост“ во САД, „Фигаро“ во Франција, „Ханделсблат“ во Германија, „Република“ во Италија, „Паис“ во Шпанија и „Глобал Тајмс“ во Кина. RBTH поддржува и 20 сајтови на 16 јазици.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња