Извор: Photoshot / Vostockphoto
Како што изјави помошникот на претседателот на РФ Јуриј Ушаков, позицијата на Москва во однос на изборите во самопрогласените републики на југоистокот на Украина Министерството за надворешни работи јасно ја изрази со зборот „почитуваме“.
„Официјалната позиција на Русија е изразена во кратка, но длабока изјава на МНР која се однесува на изборите. Во неа се користи зборот 'почитуваме', изјави Ушаков.
Помошникот на претседателот подвлече дека меѓу зборовите „почитуваме“ и „признаваме“ нема знак на равенство. „Тоа се различни зборови. Зборот 'почитуваме' е намерно избран. Ние принципиелно ја почитуваме волјата на гласачите“, додаде Ушаков.
Пред почетокот на гласањето во Донецката и во Луганската област на Украина министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров изјави дека „ние, секако“, ги признаваме резултатите“. Сепак, по настаните на изборите од 2 ноември реториката на надворешнополитичкиот ресор кај Русија се смени.
Официјалната позиција на Русија е изразена во кратка, но длабока изјава на МНР која се однесува на изборите. Во неа се користи зборот 'почитуваме'.
Јуриј Ушаков
помошник на претседателот на РФ
„Ние ја почитуваме волјата на жителите на Југоистокот. Избраните претставници добија мандат за решавање практични задачи за враќање на нормалниот живот во регионите. Со оглед на тоа дека изборите се одржаа мошне е важно да се преземат активни чекори за отпочнување цврст дијалог помеѓу централните украински власти и претставниците на Донбас според договорот кој беше постигнат во Минск“, се вели во изјавата од МНР.
Позицијата на Украина за изборите во ДНР и во ЛНР
Претседателот на Украина Петро Порошенко излезе со предлог за укинување на законот за посебен статус на самоуправување за Донецката и за Луганската област. Сега документот за промена на статусот се наоѓа на разгледување во Врховната рада на Украина.
Законот за посебен статус на регионот беше камен на сопнување уште за време на преговорите во Минск. Секоја од страните во конфликтот ја интерпретираше спогодбата на свој начин. Според изјавите на Киев, изборите во регионот биле спроведени еден месец порано и дека го нарушуваат договорот кој беше постигнат за време на преговорите.
Потребни се нови правила на игра
„Русија нема да соработува со ДНР и ЛНР, но ќе им помага – не само материјално и со хуманитарни конвои“, изјави за „Руска реч на македонски“ раководителот на Центарот за меѓународна безбедност на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките Алексеј Арбатов.
Според мислењето на аналитичарот, Москва нема формално да ја признае независноста на републиките, зашто таквиот чекор е во спротивност со минската спогодба – единствената основа за мирен процес во Украина, а исто така и механизам за избегнување студена војна и за повторна соработка меѓу Русија, ЕУ и САД.
„Изборите се одвиваа под паролата за 'независнот', за што директно зборуваат лидерите на ДНР и на ЛНР. Во минската спогодба сосема јасно се вели дека двата региона на Украина се сметаат како дел од земјата: нека се и со посебни права и со извесна автономија“, забележува Арбатов.
Академикот подвлекува дека територијалниот интегритет на земјата и посебниот статус на регионите се пропишани во третата и во деветтата точка на минската спогодба, а потоа треба да бидат во целост легитимизирани со закон за посебен статус на Донбас (на 18 октомври парламентот на Украина го донесе нацрт-законот со кој им се дава посебен статус на Донецката и на Луганската област – заб. ред.).
„Затоа да се почитуваат изборите е едно, а да се признаат победниците како законски шефови на републики е сосема друго. Русија нема да го направи тоа. Тоа би бил последен чекот за разурнување на односите со Украина“, вели експертот.
Според него, Русија не се стреми да ги одвои Луганск и Донецк од Украина, но сака да има политичка контрола над двете области. „Целта е овие две енклави да останат во состав на Украина, но да бидат под контрола, под влијание и под заштита на Москва. Тоа би била кочница со која Кремљ би го задржувал Киев од чекори во правец на НАТО или ЕУ. Оттука произлегува и позицијата која е сосема логична: ние го 'почитуваме' изборот, но не го 'признаваме' легитимитетот на овие власти“, вели Арбатов.
Како што изјави за „Руска реч на македонски“ почесниот претседател на Советот за надворешна и за одбранбена политика Сергеј Караганов, Русија ѝ приоѓа на ситуацијата во Украина од гледна точка на своите стратешки интереси, меѓу кои е и ставање крај на 25-годишната експанзија на Западот во сферите кои се од животен интерес за Москва.
„Кремљ ги користи сите методи на борба за кои смета дека се неопходни. Сите чекори што ги презема Русија, меѓу кои и минската спогодба и 'почитувањето', но не и 'признавање' се дел од оваа стратегија. Москва нема намера да ги признава изборите, со оглед на тоа дека таквиот чекор би значел признавање на независноста на ДНР и ЛНР од Украина“, забележува аналитичарот.
Како што претпоставува Караганов, Москва сака да си ги остави рацете слободни и да им наметне на странските партнери нови правила на игра наместо „игра без правила“. „Нашите западни партнери ќе се меткаат и ќе бараат варијанти за одговор на чекорите на Кремљ. Сега Русија ќе „дели карти“, а Западот ќе реагира. Претходно ситуацијата беше обратна“, подвлекува експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче