Репортажите што ги немаше

Весникот „Правда„ од 9 ноември 1989 година. Белешка на дописникот на „Правда„ од Берлин Мај Подкључников. Фото: Марк Бојарски.

Весникот „Правда„ од 9 ноември 1989 година. Белешка на дописникот на „Правда„ од Берлин Мај Подкључников. Фото: Марк Бојарски.

На 9 ноември 1989 година светските медиуми објавија за уривањето на ѕидот кој го делеше Берлин на западен и на источен дел. Колку и да е чудно, печатот во СССР го премолчи овој настан. Советски луѓе тие денови можеа да дознаат за паѓањето на ѕидот само по гласовите или по некакви нафрлања, кои се најдоа во централните печатени изданија.

На 9 ноември 1989 година советските киосци за весници не добија голем дел од централните печатени изданија. Не излегоа „Московски комсомолец“, „Советскаја Росија“, „Комсомољскаја правда“, како и весникот „Труд“. На овој ден се појавија нови броеви на само два весника „Правда“ и „Известија“. Сепак во овие изданија читателите не можеа да најдат ниту збор за уривањето на Берлинскиот ѕид, иако за политичкиот живот на ГДР беа напишани неколку збора. 

Читај меѓу редови 

„Промените во ГДР“ – вака е насловена белешката на дописникот на „Правда“ од Берлин Мај Подкључников од 9 ноември, во која беше соопштено за оставката на владата на Источна Германија. Подкључников го цитира обраќањето на Советот на министри на ГДР. „Им се обраќаме на сите наши граѓани кои имаат намера да ја напуштат државата, уште еднаш да се преиспитаат“. Оние што читаат внимателно од овие зборови можат да заклучат дека граѓаните на ГДР добиле можност да излезат од земјата, а тоа значи дека Берлинскиот ѕид повеќе не постои.  

Во вакви случаи дописникот беше должен да напише „затворено писмо“, и тоа не до редакцијата, туку директно до Централниот комитет на партијата. Во писмото тој подробно ја опишува целата ситуација. А, пота, партиските службеници носеа одлука за тоа што и како ќе биде напишано во „Правда„. 

Николај Кожанов

 „Правда", главен весник на Комунистичката парија на СССР

Алузијата за реалната состојба на работите може да се најде и во бројот на „Правда“ од 11 ноември. Во белешката „Посетата е прекината“ се известува дека канцеларот на ФРГ Хелмут Кол ја прекинал својата посета на Полска и се вратил во Бон „поради драматичната состојба на границата помеѓу двете германски држави“. Министерот на внатрешни работи на ФРГ Волфганг Шојбле изјави дека „ФРГ и понатаму има намера да ги прими сите Германци што сакаат да се преселат во ФРГ“, но ги замоли граѓаните на ГДР „сериозно да размислат за своето излегување, со оглед на тоа дека долго време ќе треба да живеат во тесни животни услови“. 

Во втората декада од ноември „Правда“ продолжи да ги следи политичките настани во ГДР и ФРГ, но во ниту еден текст го нема зборот „ѕид“. Во исто време во бројот од 12 ноември во репортажата на истиот оној Подкључников повторно се зборува за преселби и за враќањето на партиските книшки на Социјалистичката единствена партија на Германија од страна на источните Германци. 

На крајот на 14 ноември се приклучи и весникот „Московски комсомолец“, која во рубриката „Накусо“ објави вест за наредбата дадена на граничната војска на ГДР. Наредбата гласеше дека „тие се должни да направат сè што е потребно за да помогнат за редот и непреченото одвивање на исполнувањето на новите правила со кои се регулираа новиот режим за премин на границата на ГДР со ФРГ и Западен Берлин“. А, во ноемвриските броеви на „Комсомолска правда“, „Труд“, на „Советскаја Росија“ и на „Московские новости“ ништо вакво немаше. На 10 ноември, на Денот на советската милиција, сите весници беа украсени со репортажи за доблестите на стражарите на редот, додека темата за Берлинскиот ѕид не беше ни покрената. 

„Правда“, но не целосна 

А, што имаше тој ден на телевизија и на радио? Во едно недамнешно интервју со репортерот на францускиот телевизиски канал France 2 Лоран Бусје, новинарот на ТАСС Алексеј Гољаев, кој во минатото беше на чело на европската информациска служба на агенцијата, изјави: „На 9 ноември на советското радио и на телевизија беше дадена само една мала информација, составена од три реда“. 


Николај Кожанов, еден од најстарите вработени во „Правда„. Фото: Марк Бојарски.

Може да се претпостави дека забраната за информирање за берлинските настани беше наложена непосредно од раководството на земјата. За коментар во врска со ова прашање се обративме во редакцијата на весникот „Правда„, која до денешен ден постои во Русија, но повеќе тој не е главен весник на земјата. Според Николај Кожанов, еден од вработените во „Правда„, во моментот во весникот речиси и да не останал ниту еден од новинарите што работеле во редакцијата во 1989 година. Сепак, Кожанов се сомнева дека постоела некаква директива за забрана, уште повеќе не на хартија. 

„Новинарите на „Правда„ отсекогаш се истакнувале со своето политичко чувство. И секако, кога дојде информацијата за паѓањето на Берлинскиот ѕид, тие не побрзаа да ја објават. Овој настан во основа значеше крах на социјалистичкиот систем, и соопштувањето за него означуваше признавање на тој крах. Мислам дека нашите колеги се надевале дека нештата ќе бидат ставени под контрола“, вели Кожанов. 

Според Кожанов, настаните кои можеа да нанесат удар врз репутацијата на владејачкиот режим, во „Правда„, главниот весник на Комунистичката парија на СССР, беа обелоденувани со голема внимателност. „На пример, во 1953 година, по смртта на Сталин, во ГДР започнаа големи штрајкови на работниците. Работата дојде дотаму што штрајкувачите ги растеруваше војската. Во „Правда„ во тоа време пишуваа дека во Берлин работниците само фаќаат кривина (односно сакаат да избегнат да одат на работа), - вели Кожанов. – Никој не сакаше да им соопштува на советските граѓани дека германските работници се кренале, зашто тоа можеше да предизвика слични настани во СССР“. 

„Не треба да се мисли дека дописникот на „Правда„ во Берлин не знаел за она што се случува, - вели Кожанов. – Во вакви случаи дописникот беше должен да напише „затворено писмо“, и тоа не до редакцијата, туку директно до Централниот комитет на партијата. Во писмото тој подробно ја опишува целата ситуација. А, пота, партиските службеници носеа одлука за тоа што и како ќе биде напишано во „Правда“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња