Извор: Getty Images / Fotobank
Официјално властите во Русија не го признаваат постоењето на ЛГБТ-тинејџерите, па затоа волонтерскиот проект се нарекува „Деца-404“, исто како одговорот на Интернет-пребарувачоот кога не ја пронаоѓа страницата. Оваа организација ја има создадено литературниот уредник и новинар Елена Климова од руска длабока провинција, од градот Нижни Тагил, кој се наоѓа на 1.700 километри од Москва. Откако напишала статија за законот со кој се забранува геј-пропаганда кај малолетниците, а кој стапи на сила во Русија минатата година, таа се запрашала дали постојат деца-хомосексуалци и кој ги штити? Климова ова прашање го поставила на социјалната мрежа „ВКонтакте“. „Си помислив дека ќе добијам пет-шест одговори, а ми дојдоа десетици, и сè уште продолжуваат да доаѓаат“, вели Елена Климова. Во текот на една година, откако постои проектот, таа примила повеќе од 1.500 писма.
Разговор со психолог
Писмата, со дозвола на авторот, Елена ги ставала на страницата на проектот на социјалните мрежи. Во секое писмо се чувствувала болка и очај од атмосферата на омраза, во која се нашле тинејџерите, откако осознале дека тие се вљубени во претставник на својот пол. Од триста деца што ги анкетирала Елена Климова, една третина размислувала за самоубиство поради хомофобијата, 50 се обиделе да извршат самоубиство, од кои 16 повеќепати се обиделе да се самоубијат.
Учесниците во групата ги коментирале писмата, поддржувајќи ги младите луѓе, уверувајќи ги дека животот не завршува тука. Оние нерамнодушните им ја нудеа својата помош, наоѓаа психолози кои имаа желба да разговараат со тинејџерите. Сега со проектот соработуваат 15 психолози. Консултациите обично се изведуваат на Интернет, па затоа помош може да добие жител на кој било град во Русија.
Кај психологот од Санкт Петербург Александар Емрис се обраќаат 1-2 нови члена неделно. Разговорите можат да траат од неколку дена до неколку месеци. „Обично тоа е допишување. Телефонските јавувања се многу поретки, а уште поретки се консултациите во живо. Тоа се има случено двапати, кога децата и преноќуваа кај мене. Нема каде да преспијат поради тормозењето од страна на родителите кога дознале за нивната ориентација“, изјави за „Руска реч на македонски“ Александар Емрис. Минатата година често му се жалеле тинејџери кои се среќавале со хомофобија. „Всушност, во прв ред сите тие доаѓаат за поддршка, за разбирање и за внимание, кои им недостасуваат“, додава тој.
Психологот се сеќава на еден случај кога кај него се обратило едно момче, кое страдало од панични напади и кое двапати се обидувало да се самоубие. „Тоа не сакаше да живее, сметајќи дека неговите родители не го сакаат, не сакаше да го преживува постојаното влошување на здравствената состојба, што ја беше криел од родителите“, вели Емрис. Психологот Успеал да го убеди тинејџерот да им каже за својата здравствена состојба на своите родители, а лекарите му пронашле рак на мозокот во почетна фаза. „Тогаш тој се заплетка. Требаше да му се објаснува дека се случуваат и многу полоши работи“, - раскажува Емрис. – Потоа тој престана да разговара. Дојдов до заклучок дека сум направил некаква грешка. Но, по еден месец преку Елена Климова тој ми порача: никогаш досега не сум се чувствувал толку добро.“
Во потрага по ноќевалиште
Волонтерите на проектот им помагаат на луѓето и во итни случаи. Тоа се тешка повреда на здравјето, бегање од дома, насилно хоспитализирање во психијатриска болница. Кога помош бараат малолетници, тогаш волонтерите можат да бидат ограничени. „Во такви случаи ние сме посредници помеѓу настраданиот тинејџер и ЛГБТ-организациите, вели Хана, координатор на психолошката група на проектот „Деца-404“. – Доколку кај нас се обратат полнолетни лица, тие имаат поголема можност за помош. Сега се занимавам со случајот на две лезбејки. Една од нив била со сила држена дома, била тепана, ѝ биле одземени документите и средствата за врска, а втората ѝ помогнала да избега. Колку што знам, родителите сакале овој случај да го претстават во сосема поинакво светло, па изјавиле дека девојките не сакале да учат и избегале“.
Во случај кога за младите луѓе е опасно да останат дома, како за нивното здравје, така и за нивниот живот, волонтерите за нив бараат привремено живеалиште. Обично тоа е станот на некој од волонтерите. Доколку е потребно се дава и правна помош, и помош со наоѓање работа. Често волонтерите одат кај родителите на ЛГБТ-децата и разговараат со нив.
„Кај нас се обрати и едно трансродно лице. Ни напиша дека дома го тепаат и го понижуваат. Татко му му кажал дека ако треба ќе го осакати, но дека ќе го направи нормален, - се сеќава волонтерката Надја. – Со трансродното лице позборува психолог, потоа му најдовме стан, во кој можеше да се тргне од родителите. Речиси цела година тој живееше кај мои пријатели. Ние разговаравме со неговите родители. Ни успеа малку да ги вразумиме. Сега тоа е веќе полнолетен човек, сè е во ред со него, работи, студира и живее под кирија“.
Во текот на едена недела на групата „Деца-404“ ѝ се обраќаат од 2 до 7 тинејџери со молба за помош, вели психологот од Перм (1.442 километри од Москва) Марија Најмушина. На прашањето дали таа била зачудена од бројот на ЛГБТ-деца во Русија, таа вели дека всушност ги има повеќе и многу од нив не знаат за проектот „Деца-404“.
За да им раскажат на луѓето дека ЛГБТ-деца постојат, основачот на групата Елена Климова има напишано книга, во која има и писма од тинејџерите. На сите обвинувања за геј-пропаганда таа одговара: тешко дека приказните за тоа колку е лошо и тешко да се биде геј, некому ќе му бидат привлечни.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче