Дали терористичкиот напад во Чеченија има врска со Исламската држава?

Извор: Царнаев / РИА Новости

Извор: Царнаев / РИА Новости

Во центарот на чеченската престолнина, градот Грозни, во неделата навечер одекна експлозија: загинаа петмина полицајци, а 12 беа ранети. Според претпоставките на експертите, терористот би можел да биде поврзан со групата Исламска држава, но не сакаат да избрзуваат со заклучоци и со оценки.

Во главниот град на Чеченија, Грозни, на 5 октомври терорист-самоубиец на влезот на концертната сала изврши терористички напад. Во експлозијата загинаа петмина полицајци, а дванаесет лица се здобија со повреди. Во концертната сала требаше да се одржи празничен настан во врска со Денот на градот, кој се совпадна со роденденот на првиот човек на републиката Рамзан Кадиров. 

Терористот-самоубиец е 19-годишен жител на Старопромисловската населба на Грозни Апти Мурадов. Пред два месеци тој заминал од дома, и оттогаш неговото семејство нема никаква трага од него.  

Во голем дел стабилизацискиот модел на Рамазан Кадиров се сведува на тоа дека многу нешта постојат само на површината, а проблемите се премолчуваат. Нивното премолчување, порано или подоцна, може да се прелее во ваков терористички напад. 

Сергеј Маркедонов

политиколог

Првиот човек на Чеченија Рамзан Кадиров на својата профил на Инстаграм напиша дека настанот извршил влијание врз ситуацијата во републиката и таа „во целост е контролирана од страна на органите за ред и мир“. Тој исто така вети дека „ќе ги уништи сите кои се поврзани со терористичкиот напад“. 

Траги од Исламската држава? 

Експертите кои ги консултираше „Руска реч на македонски“ сметаат дека терористичкиот напад не е случаен. Така, Сергеј Гончаров, претседател на Асоцијацијата на ветерани од антитерористичкиот оддел „Алфа“ вели: „Терористичкиот напад се совпадна со денот на празнувањето на Курбан-бајрам, со роденденот на претседателот на републиката Рамзан Кадиров и со денот на градот Грозни. Очигледно, дека тој бил планиран. Терористот-самоубиец е сосема поврзан со војниците на Исламската држава“. Неодамна Кадиров остро одговори на испадите на Исламската држава во однос на Русија, изјавувајќи дека ќе ги штити нејзините интереси, потсетува Гончаров. Тој смета дека терористичкиот напад можеби е одговор на зборовите и на дејствијата на првиот човек на Чеченија“. 

Вадим Козјулин, експерт на ПИР-цетарот за политички истражувања, исто така не ја исклучува врската помеѓу терористот-самоубиец во Чеченија и исламистите од арапскиот свет, зашто современите средства за врска им даваат можност на терористите да одржуваат контакт, иако се наоѓаат во различни земји. „Воените специјалисти, кои се занимаваат со спречување на користењето на нагазни мини забележуваат дека во арапскиот свет пред две години се појавиле истите оние мини кои се користеа во воената кампања во Чеченија. Односно, размената на технологии одамна постои помеѓу Чеченија и арапскиот свет“, вели Козјулин. Според него, размената не се одвива само врз основа на технологиите, туку и со луѓе, кои се врбуваат во Исламската држава од Централна Азија, од Кавказот, од Русија. „Исламистите претставуваат закана со која нашиот регион ќе мора да се соочи во скоро време“, смета експертот. 

Брендот на радикалните исламисти 

Исламската држава до Путин: На пат сме за Русија
Членовите на Исламската држава, насилна група екстремисти која сега ги тероризира Ирак и Сирија, објави видео во кое му се заканува на претседателот Владимир Путин и во кое се колне дека ќе води војна во немирниот Северен Кавказ во Русија.

Никита Мендкович, експерт на Рускиот совет за меѓународни работи, вели дека директна врска помеѓу терористот во Чеченија и борците на Исламската држава засега не постои, а шпекулациите во врска со ова се поврзани со широко достапните информации за дејноста и за идеологијата. „Маргиналците со екстремистички цели го користат називот [Исламска држава] како позната етикета. Неодамна имаше случај кога во Узбекистан кога екстремисти во еден град истакнаа знаме на Исламската држава, но оваа акција воопшто не значи дека организацијата навистина проникнала во регионот на Централна Азија“, објаснува Мендкович. Според него, терористите од кавкаскиот регион максимум што можат да направат е да се допишуваат со претставниците на Исламската држава преку Интернет, па затоа да се зборува за проникнување на радикалните исламисти во Русија засега нема потреба. 

Тоа што современите средства за врски им дозволуваат на терористите да го демонстрираат своето присуство во регионот и да реагираат на чекорите на коалицијата за спречување тероризам, го потврдува и Вадим Козјулин: „Исламистите водат пи-ар војна против силите на коалицијата, реагирајќи во информацискиот простор на искажувањата на различни политичари. Во случајот со Чеченија, можеби, пораката била – власта е немоќна, а Кадиров зборува за џабе“. 

Сергеј Маркедонов, политиколог, доцент на катедрата за странски регионални студии и надворешна политика при Рускиот државен хуманистички универзитет смета дека засега околу терористичкиот напад во Чеченија е рано да се прават многу шпекулации и заклучоци. „Постојат малку информации за кавкаската дејност на Исламската држава. Дали терористичкиот напад во Чеченија е некаков сигнал за раководството на републиката или за Русија во целост, засега не е сосема очигледно“. Според него, Чеченија е многу постабилна во однос на соседните републики (како што е Ингушетија), но проблемите не исчезнале во целост. „Во голем дел стабилизацискиот модел на Рамазан Кадиров се сведува на тоа дека многу нешта постојат само на површината, а проблемите се премолчуваат. Нивното премолчување, порано или подоцна, може да се прелее во ваков терористички напад“, вели Маркедонов. Притоа политикологот не смета дека овој терористички напад може сериозно да ја наруши стабилноста во Чеченија. „Треба да се сфати дека стабилизацијата на начинот на Кадиров не е решение на сите проблеми. Би кажал дека тоа е повеќе нивно тактичко решавање“, подвлекува Маркедонов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња