Ќе продолжи ли НАТО со конфронтацијата со Русија?

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Новиот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг стапува на должност на 1 октомври. Според мислењето на руските експерти, доаѓањето на новиот раководител нема да придонесе до подобрување на односите со Русија. Политиката на Северноатлантската алијанса ќе остане непроменета, зашто курсот на овој блок зависи од интересите на неговите водечки членки.

Алексеј Арбатов, политиколог, раководител на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи на Руската академија на науките 

Соработката на Русија и НАТО во најмала можна мера зависи од личноста на новиот генерален секретар. Нашите односи се сега во длабока криза, која има објективни причини. Овие причини се сложени и разнолики. Тука се односите во последните 20 години, и проширувањето на НАТО на истокот, и агресијата на Алијансата врз Југославија, која и ја оддалечи Русија од НАТО. 

Други извори на затегнатоста се внатрешната и надворешната политика на Москва. Оваа политика Русија ја исфрли од патот на европскиот избор, на кој се приближуваше во последниве 20 години. Нашето заемно отуѓување со текот на времето сè повеќе доаѓаше до израз, за на крајот настаните во Украина конечно да станат „јаболко на раздорот“, кое нè подели во толкава мерка што веднаш се присетивме на времето на Студената војна. 

Новиот генерален секретар, кој и да е тој, лично може да измени многу малку. Односите на Русија и НАТО зависат од тоа како ќе излеземе од украинската криза, како Москва ќе излезе на крај со своите внатрешни економски и политички проблеми и кога ќе може да се врати на европскиот пат. Нагласувам дека Русија е европска сила. За тоа се изговорени милиони зборови и напишани се цели библиотеки со книги, меѓу другото и на највисоко ниво. 

Иднината на нашата соработка зависи и од тоа во која мера Западот ќе ги земе предвид своите грешки и утки во односите со Москва, и што е најважно, во која мера светските лидери ќе можат да се совладаат себеси и да почнат да засновуваат односи со Русија врз нови принципи. 

Александар Коновалов, претседател на Институтот за стратешки проценки 

Дополнителен руски контингент на Крим
Министерството за одбрана на Руската Федерација смета дека е неопходно да се засили безбедноста на границата, што е поврзано со кризата во Украина.

НАТО тргна во правец на јакнење на одбранбената моќ и на создавање на единици за брзо реагирање на границата со Русија. Новиот генерален секретар ќе ја продолжи линијата која им одговара на политичките интереси на земјите-членки. Тој нема да воведува никакви значајни измени. 

Алијансата ќе продолжи да им ја демонстрира на земјите од Источна и од Централна Европа својата решителност во намерата да ги исполни обврските пропишани во петтиот член од Вашингтонската спогодба, чија суштина се сведува на принципот на „напад врз еден е напад врз сите“. За определени членки на Алијансата дојде златната доба. Тие со години се обидуваа да докажат дека за нивната заштита треба да се трошат повеќе средства и дека треба да се настапува порешително, зашто Русија е многу поопасна одошто изгледа на прв поглед. 

Сега е погоден момент. Земјите од Источна и од Централна Европа го користат во целост со цел од старата Европа и од САД да исцедат колку што е можно повеќе ветувања и конкретни чекори кои ќе придонесат во осигурувањето на нивната безбедност. 

Понатамошниот развој на односите на линија Русија – НАТО во голема мера зависи од чекорите на Москва. 

Виктор Литовкин, независен воен експерт

Последниот самит на НАТО во Велс влезе во историјата на Северноатлантската алијанса како самит со најизразена антируска насока во последниве дваесет и нешто години. Во прв план на средбата на највисоко ниво изби ситуацијата во Украина, како и плановите за спротивставување на Русија, која се третира како агресивна. 

НАТО одржа украински самит
Денес во центарот на вниманието на учесниците на самитот на НАТО беше разгледувано прашањето за состојбата на земјите членки кои се граничат со Русија. Москва беше предмет на жестоки критики практично од сите 28 членки на НАТО за наводниот упад на југоистокот од Украина и за присоединувањето на Крим кон Русија.

Андерс Фог Расмусен, сега веќе поранешен генерален секретар на НАТО, на самитот во Велс рече дека Русија и Исламската држава на Ирак и Левант се „главните противници“ на Алијансата. Ситуацијата е кристално јасна: периодот на кокетирање на Северноатлантската алијанса со Руската Федерација е завршен. Доаѓањето на Јенс Столтенберг на местото генерален секретар нема да го измени веќе зацртаниот курс кој е насочен кон барање „непријател“ и кон смислата за постоење на овој блок. 

Брисел одамна ја симна маската. НАТО е создаден поради одвраќање на Советскиот Сојуз, а сега и на Русија. Тој има вродена мана, и сега таа мана се покажа во своето вистинско светло. На Алијансата ѝ беше потребна слабата и послушна Русија, Русија која е подготвена да ги слуша „советите, односно инструкциите“ на Белата куќа, на Стејт департментот и на седиштето на Алијансата во Брисел. Не ѝ е потребна суверена и силна Русија која може да ги штити своите национални интереси како со политички, така и со воени средства. Поради тоа на Москва ѝ се припишуваат сите возможни и невозможни вини, вклучувајќи ја и вината за падот на малезискиот Боинг 777 на територијата на Украина. 

Навистина е невозможно да не се согледа сета сериозност на реакцијата на политиката на Русија во новиот „План за подготвеност за акција“(Readiness Action Plan – RAP), усвоен на самитот на НАТО во Велс. Овој план предвидува на територијата на источните сојузници да размести 7 илјади војници во склоп на Силите за брзо реагирање, односно истурени експедициски сили (Joint Expeditionary Force – JEF), како и дополнителна воена инфраструктура. Друг извор за загриженост се редовните воени вежби на Алијансата и летовите на нејзините авиони во близина на руската граница, а исто така и присуството на НАТО во Црното и во Балтичкото море.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња