Ходорковски сака да се врати во политиката

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Михаил Ходорковски првпат по излегувањето од затвор отворено искажа намера да се вклучи во политичка борба. Тој изјави дека ја разгледува можноста да земе учество во политичкиот живот на Русија. Властите во Кремљ, меѓутоа, не гледаат повод да ги коментираат ваквите изјави. Експертите, впрочем, не се убедени дека поранешниот прв човек на ЈУКОС ќе успее да најде доволна поддршка за реализација на своите политички амбиции.

Михаил Ходорковски на 20 септември го објави „рестартирањето“ на својот проект „Отворена Русија“. Организацијата, која престана со својата работа по апсењето на поранешниот прв човек на ЈУКОС, сега ќе постои во нов формат. „Ние го споделуваме она што се нарекува „европски вредности“ и не се согласуваме со политичкиот курс кој ги прогласува  овие вредности за незаконски“, изјави тој за  весникот Le Monde. Според мислењето на Михаил Ходорковски, „за ефикасен отпор не е потребна во борбата за власт партија со уште една „вертикала“, туку „хоризонтална“ алијанса на многубројни „мали невладини групи“, кои можат да се обединат за заедничко дејствување. 

„Отворена Русија“ е руска невладина организација основана од акционери на компанијата ЈУКОС и група приватни лица во 2001 година за реализација на добротворни, едукативни и просветителски проекти. Претседател на управата беше Ходорковски, а во советот на директори влегоа Хенри Кисинџер и Јакоб Ротшилд. Во 2004-2005 година делуваа околу 50 филијали на „Отворена Русија“ во регионите на земјата. 

Пари за граѓанско општество 

Дали работата на „Отворена Русија“ ќе биде успешна, зависи од финансирањето, објасни за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на Центарот за политичка информација Алексеј Мухин. „Судејќи според сѐ, Михаил Ходорковски планира да троши лични средства за, како што вели тој, изградба на граѓанско општество. Но, земајќи ја предвид руската реалност, такви пари веќе подолго време нема доволно, ќе мора да се привлекуваат средства од страна, на пример, од емигрантите-олигарси или средства од други држави“, претпоставува експертот. 

„Отворена Русија“, забележа Михаил Ходорковски, нема намера да учествува во изборите како самостојна политичка сила, туку е подготвена да дава поддршка на „достојни“ кандидати. „На тој начин, главната цел на отпорот се избори на сите нивоа, но пред сѐ, се разбира, тоа се изборите за Државната Дума во 2016 година“, истакна тој.   

Професорот на Московскиот државен институт за меѓународни односи, доктор на историски науки, Валериј Соловеј изјави за „Руска реч на македонски“ дека „Отворена Русија“ ќе чувствува тешкотии, во прв ред поради активноста против властите. „Ќе има административен и политички притисок. Веројатно тоа ќе стане главен проблем за обновената „Отворена Русија“, објасни политикологот.

Како втор проблем Валериј Соловеј ја наведе потребата одново да се изгради позитивен лик како на „Отворена Русија“, така и на самиот Михаил Ходорковски. „Сега неговата репутација и во очите на руското население, и меѓу либералното движење е далеку од позитивна“, истакна експертот. 

Политички амбиции 

Што велат експертите за ослободувањето на Ходорковски?
Претседателот на Русија Владимир Путин потпиша указ за помилување на поранешниот претседател на ЈУКОС Михаил Ходорковски. Указот стапува во сила од денот на неговото потпишување, 20 декември 2013 година. Аналитичарите се уверени дека ова е мошне добра вест за Русија. Според социолошките анкети, граѓаните исто така позитивно ја прифаќаат оваа вест.

Ќе напоменеме дека за помилувањето на поранешниот прв човек на ЈУКОС се дозна на 19 декември  2013 година за време на прес-конференцијата на претседателот на Русија Владимир Путин. Веднаш по излегувањето на слобода Ходорковски изјави дека планира да се фокусира на активистичка дејност. 

Изгледа дека оттогаш плановите на Михаил Ходорковски се смениле. Во своето интервју за весникот Le Monde тој потсети дека после ослободувањето од затвор вети  „да не се занимава со враќањето на имотот на ЈУКОС, ништо друго не вети“. Ходорковски истакна дека нема намера да седне во претседателската фотелја во време кога Русија „се развива нормално“. „Но ако се појави потреба за надминување на криза и спроведување уставни реформи, чиј основен дел ќе се состои од прераспределба на претседателските овластувања во полза на судската власт, парламентот и граѓанското општество, тогаш јас би бил подготвен да го земам врз себе тој дел од работата“, објасни Ходорковски. Во интервју за весникот поранешниот прв човек на ЈУКОС исто така изрази подготвеност да стане „кризен менаџер“, доколку „луѓето сакаат да го сменат системот на владеење со посовремен, а не само Путин лично“. 

Властите во Кремљ не гледаат повод да ги коментираат последните изјави на Михаил Ходорковски. „Овде нема никаков повод за коментар“, изјави за „Комерсант FM" прес-секретарот на престседателот на Русија Дмитриј Песков. „Јас би рекол дека Ходорковски сега се обидува да го испита теренот. Нему му е важно да разбере какво расположение владее во либералниот кампус, чиј дел, патем кажано, не е одушевен од неговата намера“, изјави за „Руска реч на македонски“RBTH професорот на Московскиот државен институт за меѓународни односи Валериј Соловеј. Според мислењето на политиколозите, Михаил Ходорковски покрај сето останато се обидува да објасни колку е голем оној дел од руската елита кој би можел да поддржи алтернатива на Владимир Путин. „Така што сега за сега тоа не е извидување за борба, тоа е само извидување оддалеку“, заклучи експертот. 

„Ходорковски оди по патеката по која одеше на почетокот на 2000-те. Тој ја почнува својата политичка кариера или, како што вели сега, општествена кариера, со лаги. Тој многупати има изјавено дека нема да се занимава со политичка активност, но околностите излегоа посилни од него. Своето главно ветување – да се кандидира за претседател – Михаил Ходорковски нема да може да го исполни“, изјави за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на Центарот за политичка информација Алексеј Мухин. 

Михаил Ходорковски реално нема шанси да седне во претседателската фотелја во најблиска иднина. Во февруари оваа година стапија на сила новите измени на законот за основните гаранции на избирачките права. Сега осудените за тешки дела ќе можат да бидат бирани дури 10 години по истекот на казната. За Михаил Ходорковски овој рок ќе истече за осум години. Или порано, доколку судот донесе соодветна одлука.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.