Кој го брани Донбас?

Извор: РИА Новости

Извор: РИА Новости

Од самиот почеток на вооружениот отпор на југоистокот од Украина, во медиумите се појавија фотографии на луѓе со типична кавкаска надворешност кои смело се насмевнуваат на камерата со оружје во рацете. Новинарите постојано прашуваат од каде во редовите на силите на самоодбраната на Донбас борци со потекло од Кавказ.

Каков е националниот состав на жителите на Донецк? Според расположливите податоци од 2013 година, во овој град кој е престолнина на Донбас, но и во околните места Макеевка, Горловка и Краматорск, живеат 37.000 Ерменци, 21.000 Азербејџанци, 9.000 Осетинци, 4.700 Чечени, 2.700 Дагестанци, околу 3.000 Грузијци. Значи, Донбас е мултинационална средина. Сиве овие луѓе живеат тука со генерации и Донецк го сметаат за свој роден град. 

Еве како припадниците на кавкаските народи објаснуваат зошто стапиле во редовите на силите на самоодбраната на Донбас. 

Парламентот на Украина му даде посебен статус на Донбас
Врховната Рада на Украина донесе закон за посебен статус на Донецката и на Луганската област. Мислењата на експертите за југоистокот на Украина и за започнатиот мировен процес се противречни.

Заур, Дагестанец, 27 години, во самоодбраната е од март 2014 година 

Јас сум од Горловка и во силите на самоодбраната стапив многу брзо по немирите. Кога започнаа протестите и нередите на Мајдан стана јасно дека не можеме да седиме со скрстени раце. Моравме или да се браниме или да заминеме оттука. 

Арчил, Грузиец, 46 години, во самоодбраната е од средината на мај 2014 година 

Роден сум и пораснав во Донецк. Тука ми се жената и децата, а наскоро треба да станам дедо. Зарем требаше да прифатам некој кој дошол кој знае од каде да ми одредува што да мислам и да зборувам или како да се однесувам? Душата ме заболе кога видов како немилосрдно го уништуваат и го уриваат Донецк. Затоа со уште неколку пријатели решив да стапам во силите на самоодбраната. Ова го правам за иднината на моите деца. 

Аслан, Осетинец, 31 година, во самоодбраната е од мај 2014 година 

Кога на 2 мај се случи масакрот во Одеса, следното утро се пријавив во силите на самоодбраната. Повеќе не можев мирно да го гледам сето тоа. Решив да се борам за и во мојот Донецк да не се случи нешто слично. Овие нелуѓе треба да се запрат и да се казнат и тоа жестоко. Мораме да одговориме со сила зашто тие го разбираат само јазикот на оружјето. Со нив не може поинаку. Предизвикаа крвопролевање и треба што побргу да се запрат со оружје, не постои поинаков избор. 

Во Донбас, во редовите на силите на самоодбраната покрај локалните жители се борат и бројни доброволци од други региони на Русија. Според податоците на самопрогласената Донецка Народна Република околу 93% од борците се локални жители, а останатите 6-7% се доброволци. Поголемиот дел од нив се Руси и во Донбас се дојдени од различни делови на Русија. Некои се приклучиле во силите на самоодбраната од идеолошки причини, некои имаат роднини во Донбас, многумина претходно живееле тука и југоистокот на Украина го сметаат за свој роден крај. 

Олег, 42 години, Омск, во самоодбраната е од јуни 2014 година 

Јас сум митралезец. Роден сум тука. Донбас е мојот роден крај. До својата 23 година живеев во Краматорск, а тогаш целото мое семејство се пресели во Русија. Зимава, кога започнаа судирите, преку телефон разговарав со роднините и со пријателите. Сите беа многу исплашени. Не знаеја што ќе се случи со нив и како сево ова ќе заврши. Тогаш Украинците испратија војска тука, почнаа да гинат луѓе. Тогаш сфативме што се подготвува и дека наскоро ќе започнат чистки. Решив да дојдам во Донбас. Половината од моите пријатели од детството веќе беа во силите на самоодбраната, така што немав никакви проблеми да стапам во единиците. Како деца во дворот си игравме војна, но ова сега е вистинска војна и луѓето навистина гинат. Иако ми е тешко поради сево ова што се случува, друг излез нема, а и ние не го започнавме сево ова. 

Неколку дена без војна
Поминаа буквално неколку дена откако спротивставените страни дојдоа до договор за привремен прекин на огнот. Во Донецк се појавија првите знаци на нормализација на состојбата: речиси престанаа гранатирањата, повторно почна да работи градскиот превоз, почна да има повеќе производи во продавниците. Сепак луѓето се плашат од прекин на примирјето и обнова на борбените дејствија.

Николај, 34 години, Москва, во самоодбраната е од мај 2014 година, извидувач 

Секако, можев да си седам дома и да тагувам што се обидуваат да ги „скршат“ Русите и другите што зборуваат руски во Украина. Уште на почетокот беше јасно дека и за Русија би било лошо доколку падне Донбас. Мислам дека тука ги браниме и Русите, и нашите браќа Украинци, и Русија. Сигурен сум дека нема да нè скршат. Кај нас е како во Советскиот Сојуз: има борци од сите националности и сите добро знаат зошто се борат. 

Сиве овие луѓе се доброволно дојдени во Донбас, а многумина ризикуваат да бидат кривично гонети кога ќе се вратат дома. Ова пред сè се однесува на доброволците од оддалечените земји, на Србите, Чесите, Германците, Италијанците, Палестинците, Французите, Израелците и на Арапите од Сирија. 

Предраг, Србин, 34 години, во самоодбраната е од јуни 2014 година 

Овие судири ги предизвика НАТО. Ние во Србија сево ова веќе го имаме доживеано: и во нашата земја НАТО најпрво предизвика граѓанска војна, а пота нè бомбардираа и ни ја испратија својата војска. НАТО ја растури нашата Југославија и од тоа сè уште немаме закрепнато. Сега дојдоа во Украина, но нивната цел е Русија. И тука удри брат на брата. Во украинската војска заедно се Украинци и Руси, како и на нашата страна. Половината од заробениците се Руси. Ова е вистинска граѓанска војна. Но, во судирите во Југославија не беа користени системите „Град“, а тука со ова страшно оружје гаѓаат и по цивилите во градовите. Тоа ги прават за да предизвикаат уште поголема омраза, за луѓето меѓусебно да се сметаат за непријатели и за да продолжат да се убиваат еден со друг. Јас не сум единствениот Србин тука. нè има многумина од Србија, но во Донбас не дојдовме како платеници. Не добиваме никакви пари. Во силите на самоодбраната ми дадоа храна, униформа и оружје. Ништо друго не ми е потребно. Многу добро знаеме дека ако и тука го применат истото сценарио како и во нашата земја, за нас повеќе нема да постои никаква надеж. Но, ако Русија не потклекне, и Србија повторно ќе има шанса да ја поврати својата независност. Србија денес е како слепо црево на Европската Унија, кон нас се однесуваат како кон колонија. Тоа тука не може да се случи. Првите денови одевме на тенковите голораки. Сега имаме запленето многу оружје и сигурен сум дека ќе го одбраниме Донбас.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.