Нацрт-законот за проширувањето на статусот на Донецката и на Луганската област беше предложен од претседателот Порошенко за гласање во Врховната Рада по проширеното заседание на Кабинетот на министри од 10 септември. Извор: Ројтерс
На 16 септември 2014 година Врховната Рада на Украина изгласа закон за статусот на Донецката и на Луганската област, кој претходно беше предложен од претседателот Петро Порошенко. Пратениците го поддржаа законот, зголемувајќи ја за три години автономијата на некои делови од југоистокот на Украина. Режимот на прекин на огнот останува и понатаму, но легитимитетот на мировните договори предизвикуваат многу дискусии кај руските и кај украинските експерти.
За законот гласаа 277 од 450 пратеници на Врховната Рада. Во законот станува збор за посебен статус за Донбас, за спроведувањето избори и за слободното користење на рускиот јазик. Порошенко изјави дека донесениот закон ќе овозможи децентрализација на власта на југоистокот од земјата. Претседателот има намера исто така да направи и извесни измени во уставот на земјата.
Нацрт-законот за проширувањето на статусот на Донецката и на Луганската област беше предложен од претседателот Порошенко за гласање во Врховната Рада по проширеното заседание на Кабинетот на министри од 10 септември. Тогаш шефот на државата за првпат изјави дека е подготвен да направи отстапки и да ја прошири автономијата на Донбас.
На 9 септември претседателите на Украина и на Русија имаа телефонски разговор во кој констатираа дека режимот на прекин на огнот продолжува. Во рамките на започнатиот мировен процес започна размена на воените заробеници, испорака на хуманитарна помош на населението од настраданите региони, повлекување на незаконските вооружени формации. Во Кремљ појаснуваат дека дијалогот помеѓу двајцата лидери ќе продолжи.
Во меѓувреме, Киев започна со прегрупирање на силите за антитерористички операции, а претставниците на самоодбраната уверуваат дека во Донецк и во Мариупољ се слушаат престрелки.
Долгорочното водење на мировниот процес предизвикува многу дискусии кај експертите. Тие се согласни само во тоа дека преговорите за статусот на југоисточните области на Украина треба да бидат продолжени.
Тимофеј Бордачев, директор на Центарот за европски и меѓународни истражувања при Националниот истражувачки универзитет – Виша школа за економија, не е уверен дека мировниот процес на истокот од Украина ќе трае долго. „Украинските власти се зафатија со отворено уценување на Донецката и на Луганската област откако беше постигнато примирјето. Изјавите од Киев за изградба на ѕид и за создавање на некакви резерви на руската граница го потврдуваат тоа. Дејствијата на властите во Киев се цинични. Тие ги претставуваат преговорите помеѓу Порошенко и Путин како доказ за тоа дека Русија е една од страните во конфликтот“.
![]() |
ЕУ го призна долгот на Украина Според мислењето на експертите почетокот на есента и доаѓањето на грејната сезона треба да бидат фактите што ќе ги натераат страните за решавање на конфликтот. |
Главниот успех на започнатиот мировен процес на истокот од Украина Вадим Карасев, украински политиколог, директор на Институтот за глобални стратегии во Киев, го гледа во прекинот на обемните воени дејствија.
„Путин и Порошенко се главните учесници и актери во преговарачкиот процес. Како се нарекува сегашниот план на премиерот? „Планот на Путин“. Како се нарекуваше планот за мирно регулирање кој беше донесен во јуни? „Планот на Порошенко“. Со тоа е сè кажано! Леонид Кучма и ретседателите на самопрогласените ДНР и ЛНР – Игор Плотницки и Александар Захарченко – не го определија исходот на преговорите во Минск. Примирјето ќе трае сè дури тоа им е исплатливо на двете страни“, го изнесува за „Руска реч на македонски“ Вадим Карасев.
Прашањето за определувањето на политичкиот статус на Донецката и на Луганската област ќе се растегне, смета Андреј Сушенцов, политиколог, управувачки партнер на агенцијата „Надворешна политика“. „Првите чекори во процесот на мирното регулирање повеќе имаат технички карактер. Толерантност во врска со идниот политички статус на Донецката и на Луганската област не постои. Порошенко е задоволен што силите на самоодбраната не ја имаат раширено зоната на територии што се под нивна контрола. За Киев неуспешната, според сите параметри, кампања не заврши со катастрофални резултати, како што можеше да се случи. Во текот на една или на две години претседателот ќе се обиде да најде со нив заеднички јазик, зачувувајќи го притоа унитарниот карактер на државата. Тој дури не ни смета дека Донецката и Луганската област може да земат учество во парламентарните избори. Можеби тој не ни сака таму да се одржат избори“, вели Сушенцов.
Јуриј Фјодоров, политиколог, член на советот на ПИР-центарот смета дека „на Киев му е потребна пауза за консолидација на власта, за спроведување на избори и, најважно, за создавање на современи вооружени сили. Путин и неговата клика теоретски можат да го окупираат цел Донбас и да создадат коридор кон Крим. Задачата на ОБСЕ е да даде извесна почит кон оние договори што ќе бидат постигнати, ако бидат постигнати, помеѓу Порошенко и Путин. Мирот во Украина ќе дојде тогаш кога и ако Киев се реши да се откаже од „определени делови“ на Донбас, давајќи им независност и со тоа ослободувајќи се себеси од тежината на трошоците за поддршка на инфраструктурата, за возобновување на економијата. Засега продолжува состојбата ниту на мир, ниту на војна“.
Меѓу другото, претставници на Донецката и на Луганската област изјавија дека тие на законот што го усвои Радата гледаат како на „точка за иден дијалог“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче