Неколку дена без војна

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Поминаа буквално неколку дена откако спротивставените страни дојдоа до договор за привремен прекин на огнот. Во Донецк се појавија првите знаци на нормализација на состојбата: речиси престанаа гранатирањата, повторно почна да работи градскиот превоз, почна да има повеќе производи во продавниците. Сепак луѓето се плашат од прекин на примирјето и обнова на борбените дејствија.

Eден од резултатите на привременото примирје е прекинот на гранатирањата врз населените делови на Донецк со повеќецевни ракетни системи, тешка артилерија и минофрлаќи. Меѓутоа не може да се зборува за целосен прекин на огнот. Артилериска стрелба со среден интензитет се слуша во реонот на донецкиот аеродром и железничката станица, особено ноќно време. На другиот крај на градот, во Петровскиот реон, исто така се слуша стрелба, овде гранатите долетуваат и до домовите. Соопштенија за жртви немаше, сепак, многумина жители на овој оддалечен реон на градот по навика ги минуваат ноќите во подрумите и скривниците.

Сепак, без оглед на периодичните нарушувања на прекинот на огнот, ситуацијата се менува кон подобро. Уште пред една недела во централното градско подрачје се тресеа ѕидовите од експлозиите и гранатите буквално рушеа цели катови од зградите. 

Однадвор гледано, во градот има малку позитивни промени, но сепак ги има. На улиците почнаа да излегуваат повеќе луѓе, барем во централното градско подрачје. Некако оживеа и автомобилскиот сообраќај: последните два дена има повеќе единици на јавниот превоз - како на градскиот, така и на приватниот. Има и повеќе приватни возила.

Во Донецк  жителите реагираа на примирјето со нескриен, но претпазлив оптимизам.

Елена, медицинска сестра: „Се уморивме, едноставно се уморивме. Секој ден стрелба. Па кој ќе го издржи тоа. Нека се договорат, ние сакаме мир, нам оваа војна не ни треба.  Повеќе не можам да гледам ранети, просто ми се плаче, одвај се воздржувам. Итно е потребен мир.“

Светлана Николаевна, пензионерка: „Па зошто не можеа веднаш да разговараат со нас, зошто нашата земја нѐ убиваше нас? За потоа да земат да се договорат? А колку народ испоубија. И зошто? Кому му треба таква земја? А ако потоа нешто не им се допадне, повторно ли ќе нѐ бомбардираат?“

Има повеќе производи, но нема готовина

Има позитивни промени и со снабдувањето. Во супермаркетите и продавниците се појавија производи, кои едноставно не можеа да се набават последниот месец. Ова особено се однесува на цел спектар млечни производи, храна за деца, сезонски зеленчук. Се прошири асортиманот на вода за пиење, сокови и пијалаци.

Ситуацијата со испораката на месо, леб и пекарски производи засега е сѐ уште напрегната, но има надеж дека во најскоро време ќе се подобри. 

Андреј, возач на автобус: „Барем со храната е малку подобро. Ќерка ми е малечка, а храна за деца едноставно не можам да најдам. Сега се појави. Мора да одиме во центар, но барем можеме да ја купиме.“ 

Како и претходно, во Донецк критично е прашањето на финансиите. Основен проблем е отсуството на готовина кај луѓето. Банкарскиот систем е практично парализиран, банкоматите не функционираат. Притоа се врши електронско плаќање, т.е. жителите можат да плаќаат со платежни картички доколку во продавницата има соодветен терминал. Но луѓето немаат никаква можност да добијат пари во готовина. Ако луѓето добиваат плата или пензија, тогаш можат да симнат пари од картичка само во две одделенија на Сбербанк, но и тоа е многу комплицирано. Готовина не се дава секој ден и за да се добие, треба да се стои во редица неколку часови.

Олег Николаевич, пензионер: „Еве, ми ја префрлија пензијата за јули, веќе пет часа стојам во редица. И вчера стоев, и токму пред мене кажаа дека снема пари. Сега ќе стојам до крај. Сега барем не е страшно да се стои, ми се чини дека не бомбардираат.“

Исто така, засега во целост е парализиран деловниот живот на Донецк. Повеќето бутици и продавници за бела техника, салоните за убавина, автосалоните засега се затворени. Поради борбените дејствија , големиот одлив на население и отсуството на пари кај луѓето што останаа во градот, водењето бизнис е ем опасно, ем непрофитабилно. Не работат и повеќето кафулиња и ресторани, затворени се кината и спортските клубови.

Албина, тренер по фитнес: „Се води војна и со мирниот живот е завршено! Нема да отидеш на кафе со другарка, нема да отидеш на концерт, моето студио сега е затворено. Во суштина,  кај нас брзо сѐ ќе си дојде на своето место, сигурна сум во тоа. Едноставно треба да прекинат бомбардирањата, и воопшто, војната треба да заврши. Сега дури и се плашам да верувам во ова примирје, сакам тие веќе јасно да се договорат и сѐ да заврши. Многу сакам да има мир.“

Има уште еден проблем, кој ќе се покаже многу брзо. Поради масивните артилериски гранатирања, неколку илјади станови останаа без прозорци. Со доаѓањето на есенските студови, животот во тие станови ќе биде едноставно неподнослив.

Олга, жител на Киевскиот реон: „Јас живеам на проспектот „Партизански“. До нас имаше експлозија, двајца загинаа на место. А кај нас на четири куќи сите прозорци испопукаа. Јас и маж ми летово штотуку ставивме ПВЦ-прозорци. Сега имаме заковано шперплочи, седиме како глувци. И кој ќе го плати сето тоа?“

Такви прашања се насобраа многу, но засега луѓето го чекаат најважното – да настапи долготраен мир. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња