Приднестровје: „дел од рускиот свет“?

Меморијал на Славата во Тираспољ, главен град на Приднестровје. Фотографија од слободни извори

Меморијал на Славата во Тираспољ, главен град на Приднестровје. Фотографија од слободни извори

На 2 септември во непризнаената Приднестровска Молдавска Република (ПМР) беше одбележана 24-годишнината од државноста. „Руска реч на македонски“ го објавува интервјуто со заменик-министерот за надворешни работи на републиката, Игор Шорников кој раскажа со какви тешкотии се судира ПМР денес и каква помош очекува таа од Русија.

Стремежот на Запад значително да ја намали зоната на руското влијание не се ограничува со активностите во Украина. Белата куќа се стреми да создаде колку што е можно повеќе тензични точки на постсоветските простори и стимулира заострување на „замрзнатите“ конфликти, како што се Нагорно Карабах или Приднестровје. За тоа што денес претставува Приднестровската Република, како  планира да преживее во изолација и зошто ѝ е потребна Русија, зборува заменик-министерот за надворешни работи на републиката, Игор Шорников. 

Населението на Приднестровје изнесува само околу половина милион. По која цена успевате да го одржите функционирањето на сопствените министерства и скапите државни атрибути?

Ние немавме можност да пренесеме дел од надлежностите на соседот, затоа самите моравме да ги формираме сите елементи на државност во полна мера. Имаме сопствен монетарен систем со стабилна валута, приднестровската рубља. Основата на нашата економија ја сочинува силниот реален сектор. Да, нашите молдавски опоненти во текот на последните 20 години нè обвинуваат дека сме се издвоиле и сме ја однеле индустријата. Меѓутоа во реалноста во Приднестровје имаше концентрирано помалку од 40 проценти од целиот индустриски потенцијал на Молдавската ССР и разликата меѓу нас и Молдавија е во тоа што Приднестровје го зачува потенцијалот во целост. Освен тоа, Приднестровците успеаја да создадат нови претпријатија. А што се случи со оние 60 проценти кои останаа во Молдавија? Од нив не остана ни трага. На пример, на просторот на фабриката „Сигнал“, која прва во СССР почна да произведува компјутери, сега работи хипермаркет. 

Дали Молдавија ќе војува со Русија за Приднестровје?
Постоеја многу причини за граѓанска војна во Молдавија во 1992 година. Треба ли сега Молдавија да се плаши од војна со Русија? Каква е врската помеѓу ситуацијата во Приднестровје и конфликтот во Украина? На оваа тема размислува Владимир Лорченков, руски писател кој живее во Кишинев.

Но, како го решавате проблемот со излез на надворешните пазари? 

Во 1997 година во Москва од страна на претседателите на Русија, Украина, Молдавија, Приднестровје, како и од вршителот на должноста претседател на ОБСЕ беше потпишан меморандум во кој особено директно се зборуваше за слободата на надворешноекономската активност на Приднестровје. Ние го користевме тоа право до 2001 година, кога Молдавија по совет на западните спонзори воведе режим на блокада. Тогаш нè спаси Украина, која не ја поддржа блокадата. Како резултат на тоа, нашето извозно производство се снабдуваше со царински декларации на Украина и излегуваше во странство преку нејзината територија. Во Кишинев почнаа да се обидуваат да се договорат со Киев и тоа им успеа по „портокаловата револуција“. Тогаш само интервенцијата на Русија ја спаси ситуацијата и овозможи да се олесни режимот на санкции. Благодарение на посредништвото на Русија, Молдавија се согласи приднестровскиот увоз да може да оди и преку Украина, меѓутоа стоката за извоз Приднестровците сепак се обврзани да ја носат во Молдавија, таму да ја царинат, а дури потоа да ја носат во потребниот правец. Поради тоа нашите претпријатија му плаќаа на буџетот на Молдавија од 30 до 50 милиони долари секоја година. А, да не зборуваме за дополнителните трошоци и за зголемувањето на цената на производството поврзани со транспортот.  

Вашиот основен пазар е Русија?

До 2006 година околу половина од вкупното производство одеше во Русија. По почетокот на блокадата ЕУ даде определени поволности за нашите компании на европските пазари, а трговијата со Русија, напротив, вештачки се отежнуваше. Како резултат на тоа, денес извозот во ЕУ достигнува приближно 30 проценти, а на Русија отпаѓа помалку од 14 проценти. Најголем извозен сектор е Молдавија со коефициент од 35 проценти.

Каква е реалната поддршка за Приднестровје од страна на Москва?

Поддршката е многу суштествена, пред сè во социјално-економската област. Така на пример, кај нас веќе една година работи автономната непрофитна организација „Евроазиска интеграција“, која планира до крајот на 2014 година да го доведе нивото на инвестиции во социјални објекти до 3 милијарди руски рубли. За тие пари кај нас се градат 12 социјални објекти од примарна важност – детски градинки, училишта, породилни и онколошки центри, зградата на медицинскиот факултет на Приднестровскиот државен универзитет. Исто така, Русија ќе им плати додаток на сите наши пензионери независно од државјанството - околу 15 долари. За нас тоа се сериозни пари: просечната локална пензија без додаток изнесува 60–70 долари, така што некому рускиот додаток ќе му го спаси животот. Најпосле, ние добиваме руски гас без да се бара итно да платиме за него. 

Во целост поддршката за Приднестровје ја чини Русија, според пресметките на некои наши експерти, до 1 милијарда долари годишно. Но, не е исклучено таа помош да се покаже како недоволна: по настаните во Украина и по потпишувањето на спогодбата за слободна трговија од страна на Молдавија со ЕУ, кај нас нагло се смалија буџетските приходи. Парадоксот на ситуацијата е во тоа што кога Приднестровје би станало признаена држава или ако едноставно не му пречат слободно да работи, таа би можела самата да се одржува. 

Абхазија, Јужна Осетија и Карабах – тоа се, во суштина, национални проекти со јасно изразен идентитет, Приднестровје е мултинационален. Ова пред сè ви пречи или помага? 

Еден од фундаменталните фактори е отсуството на етничкиот принцип во формирањето на нашата држава. Не постојат приднестровска националност и  приднестровски јазик, нема дури ни доминантна национална група – Русите, Украинците и Молдавците имаат приближно еднаков процент во општата структура на граѓаните на Приднестровје. Ако се погледне националниот состав на нашите органи на власта, тогаш таму можат да се видат не само Руси, Украинци и Молдавци, туку и Ерменци, Евреи, Бугари, Гагаузи. 

Изгледа, ваквиот интернационализам ни помага – искуството со градењето на моноетнички држави од мултиетнички заедници на постсоветските простори немаше некој особен успех.  Ние ја гледаме пропаста на државноста во Молдавија, каде 99 проценти од државниот апарат го сочинуваат луѓе кои припаѓаат на државотворната националност (дури и не едноставно на Молдавците, туку на оние што се убедени дека се Романци), иако националните малцинства таму се приближно 30 проценти.  Не изненадува  што таквиот пристап предизвикува центрифугални тенденции – така на пример, во Гагаузија повеќе од 90 проценти од населението се залага за откажување од евроинтеграциите и стапување во Царинскиот сојуз. 

Во Русија постои мислење дека проблемот на меѓусебните односи на Приднестровје и Молдавија  може да се реши со интегрирање на Молдавија во Романија. Зашто ако станува збор за спогодбата од 1940 година, тогаш тоа значи влегување во составот на Романија само на Молдавија, без Приднестровје, кое во тој момент било дел од советска Украина. 

Москва не сака заострување околу Приднестровје?
Потпретседателот на Владата на Русија Дмитриј Рогозин на Приднестровје по повод Денот на победата заврши со скандал. На државникот, кого Владимир Путин го именува за свој специјален претставник за овој регион, Романија и Украина едноставно не му дозволија да ја напушти непризнаената република. Дали овој инцидент ќе остане без последици?

Ова е многу популарно гледиште како во Русија, така и во Приднестровје. Но, во реалноста сето не е толку едноставно. Доколку Романија сакаше да ја проголта Молдавија без Приднестровје и неговиот економски потенцијал, тогаш таа уште одамна ќе го стореше тоа. Затоа не е исклучено дека амбициите на Романија ќе доведат до обнова на воениот конфликт во Приднестровје, и овој пат ние ќе мораме да се браниме не од Молдавија, туку од далеку посилна држава – членка на НАТО.  Тогаш Русија, контингентот со мировници што се наоѓа тука, ќе се најде вовлечен во тој конфликт. 

Уште повеќе, романската идеологија е насочена кон проширување на територијата и за сметка на земјата што се наоѓа зад Днестар. Затоа не е исклучено дека по  присоединувањето на молдавската територија ослободените средства (со кои Романија го одржуваше формираното од неа граѓанското општество на Молдавија, ја плаќаше работата на медиумите кои известуваа од проромански и проевропски позиции) веднаш ќе одат на реализација на проектот „Транснистрија“, кој ја вклучува во себе целата територија меѓу Днестар и Јужен Буг. Затоа сега Молдавија се јавува како браник што го штити Приднестровје од романска експанзија, и доколку одделни мислители сметаат дека откако ќе се ослободат од „баластот“ во вид на Молдавија, тие ќе го намалат бројот на проблемите што стојат пред Русија, тогаш тие грешат. „Да се слее“ Молдавија во Романија заради Приднестровје е несоодветно, исто како што е несоодветно „да се слее“ Приднестровје во Молдавија за да се зацврсти вторава во сферата на руското влијание. 

Оригинальниот текст може да се најде на expert.ru

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.