Москва и Техеран ќе си помагаат

Фото: Едуард Песов.

Фото: Едуард Песов.

Министрите за надворешни работи дискутираа за економијата, санкциите и за Блискиот Исток.

На 29 август во Москва престојуваше министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џавад Зариф. Ова е веќе трето негово доаѓање во Русија оваа година и ова, според мислењето на иранската страна, сведочи дека „Техеран ѝ придава особена важност на соработката со Москва“. На агендата на разговорите беше продлабочувањето на трговско-економската соработка на РФ и Исламската република, намалувањето на тензијата околу иранската нуклеарна програма, како и ситуацијата во Сирија и Ирак.   

Главната цел на разговорите на Зариф со рускиот колега Сергеј Лавров беше подготовката за официјалната посета на Русија на претседателот на Иран Хасан Рухани. Таа е планирана за 29 септември и се совпаѓа со 4 самит на касписките држави што ќе се одржи во Астрахањ.

Затоа на средбата на рускиот и иранскиот министер се дискутираше за широк опсег билатерални прашања, меѓу другото и за развојот на трговско-економската соработка. Да потсетиме, министерот за енергија на Русија Александар Новак и министерот за нафта на Иран Бижан Намдар Зангане потпишаа на 5 август во Москва Меморандум за разбирање меѓу владите на двете земји на пет години. Конкретните спогодби и договори, според зборовите на Џавад Зариф, можат да бидат склучени веќе на 9-10 септември во Техеран. Таму ќе се одржи следната седница на руско-иранската меѓувладина комисија за трговско-економска соработка.

Москва и Техеран гледаат во вселената
Кон почетокот на мај се дозна дека е можна активација на руско-иранската соработка во областа на истражувањето на космичкиот простор.

Деловниот пакет на Москва и Техеран вклучува три основни проекти. Тоа е, како прво, „Големиот нафтен договор“ со обем од 20 милијарди долари и 500 илјади барели иранска нафта на ден, за која плаќањето ќе се врши со руското индустриско производство и со инженерски услуги. 

Како второ, „Енергетскиот мост“ со вредност од 8-10 милијарди долари, кој предвидува извоз на 500 Мегавати руска струја во Иран, изградба на нови производствени капацитети и практично целосна модернизација на иранските мрежи за дистрибуција на електрична енергија.

Како трето, „Железничкиот проект“ со вредност од 1 милијарда евра предвидува модернизација и електрификација на железничките пруги на Иран, што ќе овозможи намалување на цената на сообраќајот и зголемување на брзината на транспортот.

Ако бидат реализирани овие и други проекти, Русија и Иран ќе успеат да се најдат не само на нивото на соработка пред санкциите, туку и да го надминат, смета Лавров. А во новите услови, кога Русија како одговор на економските санкции на Западот воведе ембарго на производството од Европа и САД, Иран може да игра активна улога во испораката на овошје и зеленчук на рускиот пазар.

„Санкциите се незаконско средство за вршење притисок и наметнување политика отстрана и противречат на меѓународните норми“, - убеден е Џавад Зариф. Уште повеќе, тие се неефективни. „Санкциите нема да доведат до никакви резултати. Тие можат да извршат притисок врз народот во земјата, но не и повеќе од тоа. Мислам дека и народот на Русија е подготвен да го прифати тој притисок за заштита на своите законски права“ – продолжи иранскиот министер.

Деловниот пакет на Москва и Техеран вклучува три основни проекти.

Во присуство на новинарите тој му се заблагодари на Лавров „за позитивната позиција на владата на Русија“ во преговорите на Техеран со „шестката“ меѓународни посредници, како и за тоа, што „Русија му помага на Иран во решавањето на проблемот со иранската нуклеарна програма“.

По тој повод Лавров забележа дека Русија се застапува за такво решение, кое би се потпирало на почитувањето на правото на Иран на цивилна нуклеарна програма вклучувајќи го правото на збогатување на ураниум во работата на наведениот вид програма под контрола на Меѓународната агенција за атомска енергија (МАГАТЕ). „Сметаме дека обновените преговори во форматот „6 плус 1“ ќе помогнат да се дојде до токму такво решение“, - истакна тој.

Истовремено Лавров предупреди дека никој од учесниците во преговорите на Иран со „шестката“ не треба да извлекува еднострана полза. „Има такви обиди“, - забележа тој и потсети дека обновата на процесот на преговори за иранската нуклеарна програма стана возможна благодарејќи на активното настојување од страна на Русија на принципите на етапност и реципроцитет. „Токму принципите на етапност и реципроцитет за кои ние се залагаме легнаа во основата на пакетот кој беше формиран во ноември минатата година и кој овозможи доволно успешно да се помине првата етапа на решавање на иранската нуклеарна програма“, - рече Лавров. Најважно е што овој пакет отвора реална перспектива за излез во ноември 2014 година за долгорочно и сигурно решавање на иранскиот нуклеарен проблем.

Друго важно прашање на средбата меѓу Лавров и Џавад Зариф беше ситуацијата на Блискиот Исток. „Ние имаме единствено гледиште: алтернатива за скорешен прекин на насилствата и барање на мирни решенија во Сирија не постои, за што има добра основа – Женевското коминике од 30 јуни 2012 година, - појасни Лавров. – Ние сме за тоа во сите понатамошни чекори на меѓународната заедница за практичен напредок во мирното решение во Сирија Иран да земе непосредно учество. Ова одговара на интересите на мирот и стабилноста во САР и другите земји од регионот, особено во услови кога главен проблем таму станува ширењето на екстремизмот и тероризмот. Ова во полна мера се однесува на ситуацијата во Ирак“.

Според зборовите на Лавров, министрите се задоволни од исходот на разговорите во Москва. „Убеден сум, ќе имаме што да им пренесеме на претседателите на нашите земји“, - заклучи тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња