Фото: Роберт Ној
Името Беслан ќе биде засекогаш поврзано со апсолутно најголемите злосторства што некогаш биле извршени во човечката историја.
Изморен од сонцето, влегувам во продавничката на Борис на проспектот Коста. Владикавказ, главниот град на Република Северна Осетија. Задушливата жега воопшто не му помага на мојот изглед; мојата кошула е валкана и мокра од пот. Еден човек со побелена коса се појавува од задната соба. Тоа е Борис. Живее во Беслан и ќе ме прошета низ градот.
Се возиме низ Осетинската степа, оставајќи ги извишените врвови на Кавказ зад нас. Борис ме покани речиси веднаш, неговата сопруга кимна со главата во знак на согласност за нешто што е уште одамна решено. Седнувам во една црвена Лада без задни седишта, со спуштен прозорец до долу.
Вртиме во улицата на Борис. Ѕидови од црвена тула ги кријат градските дворови, кујните во дворовите, куќите и градините. Лозниците се извиваат сè до прозорецот на неговата дневна соба. Старата мајка ме фаќа за рака и ми се заблагодарува што сум ѝ гостин денес. „Седни, јади“, - гласно ѝ наредува на својата снаа, - „нахрани ги нашиот гостин и твојот сопруг.“
Осетинците го немаат сменето својот гостопримлив манир ниту ронка по терористичкиот чин во 2004. Борис ми налева чашка. „Не сакаме да се опиеме, меѓутоа така бара традицијата“. Лупи лук, крши леб, ја крева чашката. Се разлева мелодија, пофална химна посветена на гостопримството, на странците чие присуство носи богатство во домот. Далеку зад правливите стапалки, сè уште морам да оставам сè зад себе. Трогнат, го залевам искрениот гест и се поклонувам кога огнената вода разгорува горчлива патека надолу во моето грло. По три чашки, традицијата престанува со своите барања.
„Кога ги зачув првите истрели, кога оние терористички свињи ги зедоа во заложништво нашите надежи, нашата иднина, нашите сакани, јас ја грабнав мојата пушка. Моите деца беа во дворот, Господ да ги чува. Моите деца, мојата крв, мојата сопруга, мојата мајка, сите беа на безбедно“.
Тие останаа зад ѕидот од тули и лозници. Три дена лежеа на земја и ја избегнуваа улицата. Насекаде беше хаос. Вооружени мажи, војници и граѓани, имаше насекаде. Кој можеше да каже дека нема терористи меѓу нив? „Некои побегнаа.“. Така велат. „Училиштето беше превртено од вооружениот хаос. Не знаев што се случува. Не спиев, не плачев, не јадев, не живеев три дена. Само напрегнато гледав во празнината и се грижев за моето семејство“.
Големи дрвени штици ги блокираат прозорците на Средното училиште број 1. Отвораме железна врата и влегуваме во дворот. Чуварот спие во куќичката. Го будиме пред да почнеме да одиме крадешкум по уништената сала. Препарирани животни на секој агол. Голем крст. Шишиња вода. Три дена немало вода. Обрач за кош стои како тажен потсетник.
Беслан изгледа како добро одржуван град. Патуваме низ градот на велосипед. Асфалтот е нов и покривите се цврсти. „Сето тоа доаѓа од пари добиени како компензација“, вели Борис. Но, нема цена за таквиот вид на страдање. Нови ПВЦ прозорци и ограда? Смешна алтернатива за децата, родителите, роднините и пријателите.
Поминавме покрај новата џамија, реновирани куќи додека одевме до гробиштата. Деца врескаат додека играат топка на новото игралиште што се отвора пред нас. Најмодерните тениски терени јужно од Москва секако се во Беслан. Проектори осветлуваат сè, можеби се обидуваат да внесат светлина во мрачното минато на градот.
„Што сметате дека е нормално?“, го прашувам Борис. Тој гали една надгробна плоча. Лесно можеа тоа да бидат неговите деца. Тој размислува. Мермерните надгробни плочи се протегаат длабоко во далечината.
„Толку многу изгубивме, но сепак има иднина за нашите деца“.
Продавничката на Борис му овозможила тој да ја испрати најстарата ќерка на факултет во Санкт Петербург. „Одев на гробиштата стотина пати. Да оддадам почит на пријатели и познаници. Никогаш нема да биде нормално овде. Секоја плоча претставува дупка во нашите срца и во нашите души“. Тие се обидоа да ги пополнат сите дупки. Со асфалт на улиците. Со споменик над салата. Изградија игралишта како штит против мрачни мисли и проектори против мракот. Но, дупките во душите сепак се многу подлабоки. Може да се почувствува тоа во Беслан.
Борис ме чува како татко. Споделува приказни и мисли со мене, го споделува своето време со мене. Неговото семејство не загубило никого. Но јас сè уште можам да ја видам длабоката дупка што го брчка неговото лице.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче