Што да се очекува од преговорите за Украина во Минск

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Претседателите на Русија и на Украина, Владимир Путин и Петро Порошенко, ќе се сретнат на 26 август во Минск во рамките на самитот на Царинската унија – Украина. Засега е неизвесно дали ќе има прв круг преговори помеѓу двајцата претседатели. Сепак, како што претпоставуваат експертите, не треба да се очекува некакви крупни промени за решавање на политичката криза.

Алексеј Арбатов, раководител на Центарот за меѓународна безбедност при Институтот за меѓународна економија и меѓународни односи при Руската академија на науките, академик на РАН 

Пред сè, Украина се стреми да создаде впечаток дека таа бара политички пат за решавање на проблемот. Во Европа и во САД дипломатијата претпочита воено решавање на проблемите, па затоа Киев со сите сили ќе се обиде да создаде привид на желба дека сака да се договори со Москва. 

Украина ќе бара безусловно прекинување на поддршката за силите од Луганската и од Донецката Народна Република на преговорите во Минск. Москва не може да одговори на дадените услови, будејќи постојано велеше дека не постои воена поддршка на републиките од југоистокот. А, доколку позитивно одговори на условите на Киев, тоа ќе значи признавање за постоење на помош за сепаратистите од страна на Москва. 

Русија, од своја страна, бара од Украина да ги прекине воените дејствија на југоистокот и да дозволи премин на хуманитарниот конвој до републиките настрадани од војната. 

Русија, Украина и ЕУ се вратија на преговарачка маса
Шефовите на МНР на Русија, Украина, Германија и на Франција за првпат по еден и пол месец се сретнаа со цел да дискутираат околу ситуацијата во Украина. Преговорите кои се одржаа на 17 август во Берлин се покажаа како мошне тешки, така што страните не успеаја да се договорат за сопирање на огнот. Сепак „четворката“ има намера да продолжи со работа поврзана со подготовка на план за регулирање и подготовка на самитот ЕУ-Украина-Русија, на кој овој план ќе биде конечно утврден.

Се добива безизлезна ситуација која ќе биде тешко да се реши и не може со сигурност да се очекува зачекорување во решавањето на украинската криза на преговорите во Минск. 

Алексеј Суздаљцев, водечки научни соработник на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања на Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“ 

Формално ќе се разговара за санкциите што ги воведе Украина во однос на Русија, но фактички тоа ќе бидат разговори за економската војна што Киев ѝ ја објави на Москва. Исто така ќе се дискутираат проблемите за испорака на гас во Европа, а како што е познато последниот круг преговори во врска со ова прашање не доведоа до никаков резултат. И сега не се очекува некакво придвижување во врска со ова прашање. 

Порошенко доаѓа со претставници на Европската Унија и, формално, секоја од страните ќе ја претставува својата позиција, но во кулоарите веќе се шпекулира како треба да изгледаат договорите – заеднички за Украина и ЕУ. 

Руските медиуми многу зборуваат за загриженоста во самата Европа и за можните санкции на Украина во однос на транзитот на руски гас, но тоа всушност не е така. Во Европа само ќе се радуваат на тоа, зашто тој чекор на Киев ќе се искористи како уште еден начин за притисок врз Москва: продавајте го гасот на границата и толку, откажете се во целост од транзитот и нам не ни е потребен никаков Јужен тек. Затоа треба да се очекува ултиматум од страна на Украина и на ЕУ. 

Фјодор Лукјанов, главен уредник во списанието „Русија во глобалната политика“ и претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика

Средбата во Минск ќе се одвива во формат Царинската унија со Украина со учество на еврокомесари: ова е сложен, но што е најважно нов и нестандарден формат на преговори. За секоја страна темите се очигледни. Царинската унија Белорусија-Казахстан во најголема мера ќе биде заинтересиран како понатаму ќе се развиваат економските односи со Украина по ратификацијата на спогодбата со ЕУ. За Европејците важно ќе биде што ќе се случи со договорите за гас и со неговите испораки. Русија, пак, е заинтересирана за прекинување на војната на истокот од Украина. Сиве овие теми ќе влијаат една на друга во обидот да се најде рамнотежа и да се донесе некаков пакет решенија. Шансите за успех, уште повеќе брз и близок, се мали. 

Нема да дојде до политички прогрес во врска со прашањето за прекин на огнот на југоистокот од Украина. Тоа е поврзано со тоа што за учесниците на преговорите воените дејствија, за жал, претставуваат некаков аргумент за засилување на политичките позиции. Затоа логиката „да се прекине огнот, а дури потоа да почнеме со решавање на прашањата“ нема да профункционира. Најпрво ќе се бараат рамките на зделката која во себе ќе ги вклучи сите тие прашања, а дури потоа ќе може да се дојде до прекин на огнот. 

Сергеј Михеев, независен политиколог 

Преговорите во Минск се едноставно обид на Украина и Западот, кој стои зад неа, на извесен начин да ја натераат Русија да ја спонзорираат киевската економија која паѓа во пропаст. Не верувам дека Украина е подготвена на отстапки за политичките прашања, кои најверојатно таму нема ни да се дискутираат. Без Американците, кои стојат зад нив, нема смисла да се дискутира во врска со овие прашања. Тоа значи дека Киев сака да ги искористи преговорите за да изврши притисок врз Царинската унија и да ја натера Русија да ја поедностави економската политика во однос на Украина. Западот во таа смисла врзува ваков морски јазол: тие, можеби, ќе симнат дел од своите санкции, а ние ќе треба да симнеме дел од нашите. Но, во секој случај, виновна ќе биде Русија. 

Западот секогаш користи една иста варијанта: тој сака Украина во целост да биде ориентирана кон Западот, а во економска смисла Русија треба да го поднесе својот дел од одговорноста за поддршка на режимот кој е непријателски расположен кон неа. Во деведесеттите години од минатиот век тоа му успеваше, но на почетокот и средината на првата декада од овој век некако полошо им успеваше, што започна да создава затегнатост, која, по мое мислење, и се покажа на Мајдан. 

Овие преговори им се потребни на Киев, на Европа и на Американците, кои не сакаат да платат за украинските проблеми. Тие сакаат за нив да платиме ние, сакаат руските пазари да останат отворени за украинските производи, сакаат решавање на гасното прашање во корист на Украина. Не знам како ќе постапат Кремљ и Путин. Во овој момент ние не би требало да ја поддржуваме украинската економија, зашто тоа значи поддршка на киевската власт која е агресивно расположена кон нас. 

Не треба да очекуваме исчекор по прашањата за почеток на политичкиот процес во самата Украина. Киев ќе се обиде тие прашања да ги заобиколи, а Русија, можеби, ќе ги покрене. Целта на Киев е да ги надитри сите и да побара за себе преференција за економијата, а целта на Москва, во крајна мера треба да биде во дискутирањето за политичките прашања.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња