Затворениците нема да го градат мостот на Крим

Ивор: Getty Images/Fotobank

Ивор: Getty Images/Fotobank

Шефот на прес-службата на Федералната служба за извршување казни Кристина Белоусова во разговор со новинарот на „Руска реч на македонски“ го демантираше соопштението за учество на затворениците во изградбата на мостот преку Керченскиот теснец, кој треба да ги спои Крим со Русија.

Претходно голем број медиуми се повикаа на изјавата на заменик-директорот на Федералната служба за извршување казни од интервјуто за рускиот весник Комерсант, во кое стануваше збор за плановите на Москва да ги искористи затворениците за градежни работи. 

„Потребни се големи ресурси за изградба на мостот преку Керченскиот теснец – треба да се прави армиран бетон, да се обработува метал. Ние сме во состојба да помогнеме и сметаме дека ќе има големи нарачки, па затоа имаме намера во реализацијата да ги вклучиме сите затвори од југот на Русија. Згора на тоа, ова претставува добра можност за осудениците да заработат вистински пари“, изјави Коршунов. 

Сепак како што изјави раководителот на прес-службата на организацијата Кристина Белоусова, изјавата на заменик-директорот на Федералната служба за издржување казни била неточно интерпретирана. 

„Во интервјуто не е кажан ниту еден збор за испраќање на затвореници на изградба на мостот преку Керченскиот теснец. Нема тоа да го правиме, и немаме право да ги користиме затворениците за изградба. Не знам кој можел да го испреврти интервјуто“, изјави за „Руска реч на македонски“ Белоусова. 

Како што изјави таа Федералната служба за издржување казни може да  ги вклучи претпријатијата на затворите во изработка на градежни материјали и на други дополнителни работи, но никакви договори со власта не постојат. 

Мостот преку Керченскиот теснец директно ќе го поврзе копнениот дел на Русија со Крим. Во моментов на полуостровот од копнениот дел на Русија може да се дојде или преку територијата на Украина, или преку теснецот со брод. 

Како што изјави претходно вицепремиерот Дмитриј Козак, цената за изградбата на мостот се движи меѓу 150 и 200 милијарди рубли (од 42 до 56 милиони американски долари – заб. ред.) – во моментов се разгледуваат 74 проекти со различна вредност. 

Работа на затворениците во Русија 

Во моментов во заводите на Федералната служба за издржување казни казна затвор издржуваат 555 илјади лица. 

„Меѓу нив има инвалиди, пензионери, жени со деца, односно такви што не можат да работат. Работоспособни се само 252 илјади лица, при што во системот на Федералната служба за издржување казни има само 110 илјади работни места. Притоа вработени се 217 илјади лица, така што погрешно е мислењето дека се вработени 30-40% од затворениците“, изјави Коршунов во интервју за весникот Комерсант. 

Како што појасни тој, затворениците произведуваат повеќе од 100 илјади видови производи во износ од 32 милијарди рубли годишно (околу 912 милиони американски долари – заб. прев.). Исто така Федералната служба за издржување казни планира да создаде организации кои на затворениците ќе нудат работа. 

„Ваквите организации ќе им даваат на затворите склучени договори кои се засновани на пазарни цени. Притоа сфаќаме дека имаме нискоквалификувана сила, сфаќаме дека мора да даваме некој попуст“, додаде Коршунов. Според него, овие организации за затворот ќе ја покријат вредноста на производите, при што ќе може да се добие нормална сума за трудот на осудениците (не помалку од 10 илјади рубли).

Во рубриката „Накратко“ на нашиот портал, во која објавуваме куси вести, на 25 јули годинава беше објавена информација пренесена од дневниот весник Комерсант. Оваа информација беше демантирана од шефот на службата за односи со јавноста на Федералната служба за извршување казни Кристина Белоусова. Редакцијата на „Руска реч на македонски“ се извинува за направениот ненамерен пропуст.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња