Русија ја поддржа резолуцијата 2166

Резолуцијата 2166 на ОН едногласно ја прифати резолуцијата за падот на Боингот 777 на „Malaysia Airlines“. Извор: Ројтерс

Резолуцијата 2166 на ОН едногласно ја прифати резолуцијата за падот на Боингот 777 на „Malaysia Airlines“. Извор: Ројтерс

Советот за Безбедност на ОН едногласно ја прифати резолуцијата за падот на Боингот 777 на „Malaysia Airlines“ на истокот од Украина. Документот на „најрешителен начин“ ги осудува дејствата кои довеле до уривање на авионот, и бара спроведување на сестрана и независна истрага за трагедијата „во согласност со раководечките принципи на меѓународната граѓанска авијација“.

Резолуцијата 2166 

Нацрт-резолуцијата беше поставена на разгледување од страна на Австралија, која како резултат на трагедијата изгуби 72 свои државјани. СБ на ОН „бара веднаш да се прекинат сите воени дејствија што се одвиваат во пределот на кој се случи несреќата, меѓу другото и од страна на вооружените групи, со цел да се обезбеди сигурност и безбедност при спроведувањето на меѓународната истрага“. 

Според резолуцијата, „вооружените групи, кои го контролираат местото на несреќата и околните предели“, треба да обезбедат пристап и да избегнат „уништување, преместување или оштетување на крупните или на ситните остатоци, на апаратурата, личните предмети и останките“. 

Како ли паднал Боингот 777?
Авионот Боинг 777, кој леташе од Амстердам во Куала Лумпур, во четврток навечер се урна на југоистокот од Украина. Според информациите од медиумите, врската со екипажот била изгубена кога авионот се наоѓал на 50 километри од руско-украинската граница. Во моментов постојат неколку верзии за трагедијата.

Документот исто така ја подвлекува неопходноста да се дозволи пристап кон местото на уривањето на „специјалната мониторинг-мисија на ОБСЕ и на претставниците на другите соодветни меѓународни организации“, а исто така и да овозможи безбедност при работата на специјалистите. 

Резолуцијата ги осудува дејствијата кои довеле до тоа авионот да биде урнат и бара „одговорност од соодветните лица кои се виновни за овој инцидент“. СБ на ОН изрази сочувство до членовите на семејствата за загинатите, а исто така и до народите и до владите на оние земји чии граѓани станаа жртви на уривањето на авионот. 

Изјави за време на заседанието 

Постојаниот претставник на САД при ОН Саманта Пауер изјави дека најверојатно, авионот бил соборен од ракета од класата „земја-воздух“. 

„Можеме да ги процениме доказите кои ги поседуваме во моментов – авионот бил урнат од ракета „земја-воздух“ на висина од 33.000 стапки (10.000 метри – заб. ред.), тој се движел по предвидениот коридор за комерцијални летови. Знаеме дека системите што ги поседуваат бунтовниците (ПЗРК), не можат да урнат авион... Бунтовниците на социјалните мрежи се пофалиле дека тие го урнале авионот, но потоа оваа изјава беше избришана. Исто така, бунтовниците не можеле самостојно да се користат со комплексите „Бук“ – би им била потребна помош од специјалисти“, изјави Пауер на првиот ден на вонредното заседание во ОН. 

Како што забележа претставничката на САД, на денот на уривањето на Боингот 777 украинските војници не испукувале ракети. 

„Доколку претседателот Путин продолжи да ја тера работата кон ескалација, меѓународната заедница ќе ги прошири санкциите“, додаде Пауер. „Русија треба да стави крај на оваа војна, и таа може да го направи тоа“. 

Претставникот на Украина во ОН за време на заседанието изјави дека силите на отпорот располагаат со два зенитно-ракетни комплекси „Бук-М1“. „Според прислушувањата на разговорите по радиолинија на предводниците на терористите, според видеоснимките кои ги имаат снимено граѓаните, терористите имаат два системи 'Бук'. Прашањето е од каде тие ја добиле оваа совршена техника. Познато е дека се пристигнати дваца државјани на Русија кои се специјалисти за огнена стрелба“, изјави тој. 

Виталиј Чуркин ги повика земјите „да се воздржат од избрзани заклучоци и од исполитизирани изјави“ до завршувањето на истрагата. Дипломатот исто така смета дека е неопходно истрагата за овој инцидент да биде „организирана со водечка улога на Меѓународната организација за цивилна авијација (ICAO)“. 

Претставникот на Кина во ОН Лу Ѕеи исто така се изјасни дека главната улога во истрагата треба да ја има ICAO. 

Тој додаде дека сега треба „да се концентрираме на дознавањето на вистината за уривањето на авионот“. 

„Дотогаш ниту една од земјите не треба да верува на каков и да е заклучок или да се впушта во заемни обвинувања“, резимираше кинескиот претставник. 

Премиерот на Австралија Тони Абот позитивно го оцени прифаќањето на резолуцијата. Според него „Австралија продолжува да прави сè што зависи од неа, со цел да гарантира коректна истрага во врска со овој варварски акт, со цел да се пронајдат виновниците и да се изведат пред лицето на правдата“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.