Извор: AP
Boeing-777 на авиокомпанијата Malaysia Airlines, кој леташе од Амстердам, денес се сруши 80 километри источно од украинскиот град Донецк - на територијата на Украина која е контролирана од силите на самопрогласената Донецка народна република.
Најверојатна причина за несреќата е ракета земја-воздух, соопштуваат неколку извори. Ракетата го погодила авионот на висина од околу 10 км.
Авионот требало да ја премине границата во 17:25 часот по московско време, но 50 километри пред да ја помине границата, тој започнал ненадејно да се спушта, изјави соговорник за „Интерфакс“.
Оваа информација ја потврдија украинските претставници на власта. „Boeing 777 кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур падна северно од селото Торез. Авионот се движел по дозволениот воздушен коридор“, изјави Владимир Селезнев.
Во авионот се наоѓале 280 лица и 15 членови на екипажот. Нема преживеани.
Силите на самоодбраната на Донецката народна република дошле на местото каде паднал авионот. Тие соопштуваат дека меѓу загинатите има многу деца, пренесува „Интерфакс“.
Се соопштува и за човечки жртви на земјата, односно во селото каде што паднал авионот. Неколку куќи се оштетени.
Малезиската страна ја потврди загубата на врската со авионот.
Властите на Донецката народна република изјавуваат дека авионот може да е погоден само од воените сили на Украина. „Авионот е срушен од украинската страна. Ние немаме такви средства за противвоздушна одбрана. Нашите средства за заштита од воздухот имаат домет од максимум 3 до 4 илјади метри, а „Боинзите“ летаат многу повисоко“, изјави за „Интерфакс“ Сергеј Кавтарадзе. Тој изрази сочувство на семејствата на загинатите од името на раководството на Донецката народна република.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче