Кратка историја на пушењето во Русија

Советските граѓани чаделе насекаде: на работа и дома, во кафулињата и во рестораните. Пушеле писателите, уметниците, филмските ѕвезди и ликовите од цртаните филмови. Извор: ИТАР-ТАСС.

Советските граѓани чаделе насекаде: на работа и дома, во кафулињата и во рестораните. Пушеле писателите, уметниците, филмските ѕвезди и ликовите од цртаните филмови. Извор: ИТАР-ТАСС.

Од 1 јуни 2014 година на Русите им е забрането да пушат во возовите, во хотелите, во кафулињата и на детските игралишта. За една држава, каде тутунот е популарен повеќе од 400 години, ова воопшто не е прва рестриктивна мера од ваков вид.

Стаса тутунот 

Првото вовлекување чад од цигара во Русија е направено на дворот на Иван Грозни. Еве како се случило тоа. Во 1553 година еден англиски трговски брод, кого ненадејно го фатила бура, морал да застане на едно руско пристаниште. На бродот, меѓу другите производи, бил превезуван и тутун. Русите го пробале и им се допаднало. Што сè правеле со него: го пушеле, го џвакале, го шмркале, правеле алкохолни пијалаци кои ги туркале од нозе. 

Веќе по половина век се појавиле и првите забрани за пијалаци од чад. Се сметало дека пушењето е богохулно: чадот се поврзувал со нечистата сила. Поради пушење луѓето биле протерувани на Сибир, им биле корнети ноздрите и им ги сечеле усните. Но, очигледно не толку ревносно, зашто Русите продолжиле да пушат. 

Сè се изменило за време на владеењето на царот Петар Велики. Младиот цар, кој не го вадел лулето од уста, упорно ги учел Русите да пушат. Дури од тоа извлекол и корист: им продал на Англичаните монополско право за трговија со тутун во Русија (за волја на вистината, само на 7 години) за 200 илјади фунти. Во тоа време ова биле големи пари. Излегувањето на рускиот пазар чинело скапо. 

Царот парите ги употребил корисно – за војската, за флотата, изнајмил странски стручњаци. А, самиот тој, активно го промовирал пушењето во руските високи кругови. Во тоа време се пушело од глинено луле со долг чибук, најпрво биле увозни, а потоа од руско производство. Тутунот, пак, бил увезуван од Америка и од Турција. 

Дамите пушат? Ужас! 

Обичните граѓани, за разлика од благородниците, помалку пушеле тутун, ами повеќе го џвакале и го шмркале. Било забрането да се пуши на јавните места, додека џвакањето и шмркањето не биле. До средината на 18 век табакерите, од обичните дрвени до оние украсените, влегле во руската секидневност. 

Дури и царицата Екатерина Велика сакала да шмрка тутун. Од табакерата го земала исклучиво со левата рака, зашто десната ја испружувала за бакнеж, а и со таа рака ги потпишувала одлуките, како, да кажеме, онаа за раширувањето на тутунската индустрија во Русија. Така почнало да се сее американскиот тутун, а првите руски одгледувачи имале право на бесцаринска трговија за увоз и внатре во државата. Не е за чудење што тутунот поевтинел и уште повеќе се проширил. До 19 век тутунот почнал да се пуши насекаде: во куќите, во крчмите, во клубовите, во малите продавници за тутун. Еден новинар се чудел на четириесеттите години од 19 век: „Повеќе не пушат само светските фраери, туку и дамите! Ох, ужас! Дамите пушат тутун!“ Покрај тоа, лекарите во првата половина на 19 век пропишувале пушење за подобрување на видот, за подобро помнење и за смирување на нервите! Но, тогаш во Русија се појавиле фластери и апчиња за оние што сакале да се откажат од цигарите. Се рекламирале во весниците и во списанијата, најчесто на истите страници на кои се рекламирале нови цигари и тутун. 


За време на владеењето на Николај Први, кој не пушел, па не ги ни штедел пушачите, забранил пушење на улиците, во продавниците, на јавните места. Неговиот син Александар Втори, кој бил страстен пушач, ја укинал забраната на татко си и дозволил продажба на тутун, цигари и пури. Цигарите станале дел од изгледот на секој руски гимназијалец, офицер, чиновник и на првите еманципирани жени. Ги купувале, ги виткале и ги полнеле сами, рачно или со помош на специјални машинки. Современиците се сеќаваат дека Фјодор Достоевски додека пишувал пушел една по друга цигара. На неговата маса стоела кутија со тутун, ризла и вата за филтри. 

Тројцата последни руски монарси – Алексеј Втори, неговиот син Александар Трети и внукот Николај Втори – исто така биле пушачи. Престолнина на тутунот во Русија, секако, бил Петербург; до 1913 година во овој град постоеле многу фабрики, кои произведувале 80% од сите тутунски производи во државата. 

Тутун „Смрт на фашизмот“! 

По револуцијата и по граѓанската војна фабриките произведувале три пати помалку тутун одошто во 1913 година. Но, затоа цутела трговијата на црно. Со цигари тргувале бездомниците и инвалидите од Првата светска војна. Бизнисот бил успешен, сите сакале да пушат. Во 1931 година министерот Анастас Микојан велел: „Работникот, селанецот се мачи во работата и моли: дајте ни да запалиме една. Трактористите, рударите сакаат да запалат; па без тоа е многу тешко... Инженерите, одејќи кон градилиштата, велат: 'сè ќе направиме, само дајте ни цигари'... Кога луѓето ќе престанат да пушат, тоа веќе ќе биде друга работа, но сега тутунот е потребен“. 

Од почетокот на триесеттите години од минатиот век производството на тутун конечно се организирало, се појавиле вистински цигари, а во 1937 година се појавиле цигарите Беломор, кои своето име го добиле според Беломоро-Балтичкиот канал на Сталин на кој работеле затвореници. Повторниот процут на тутунската индустрија се усогласил со пушачот кој бил на власт. 

На почетокот на Втората светска војна имало малку тутун, а побарувачката постојано растела. Почнале да се појавуваат цигари со низок квалитет, но со многу лут тутун. Народот ги нарекол „Смрт на фашизмот!“ 

Министерството за здравство предупредува 

Советските граѓани чаделе насекаде: на работа и дома, во кафулињата и во рестораните. Пушеле писателите, уметниците, филмските ѕвезди и ликовите од цртаните филмови. Пушел и самиот претседател на државата Леонид Брежњев, иако, за волја на вистината, не ги рекламирал цигарите. Кога лекарите му рекле на Брежњев да намали со пушењето, тој си набавил табакера со тајмер, која се отворала на секои 45 минути. 


Првите советски мерки за ограничување на пушењето биле донесени дури во осумдесеттите години од минатиот век. Законот забранувал продавање цигари на деца помали од 16 години, вовел простории за пушење во институциите, а секоја штека цигари имала натпис: „Министерството за здравство предупредува: пушењето е опасно за вашето здравје“. 

Во осумдесеттите години од минатиот век имало криза. За цигари се чекало во ред по неколку часа, на пазарите се продавале догорчиња. Повторно почнала да цути трговијата на црно: Малборо или Кент можеле да се купат по астрономски цени, и тоа не во продавници, туку на улица, во тоалетите во хотелите каде отседнувале странци.

За волја на вистината, сето тоа траело неколку години. Веќе на почетокот на деведесеттите години од минатиот век светските тутунски индустрии купиле фабрики и ја ликвидирале кризата. Оттогаш во Русија можат да се купат цигари од сите водечки светски марки. Сепак, поголемиот дел од нив се произведуваат во Русија со дозвола.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња