На 10 април поради настаните на Крим ПССЕ ѝ го одзеде правото на глас на руската делегација. Извор: Ројтерс.
„Кога на делегацијата ѝ е оневозможено да влијае врз донесувањето одлуки, кога ѝ е оневозможено да влијае врз резултатите од гласањето и врз плановите за работа на ПССЕ кои ги изработуваат раководните органи, нејзиното значење е сведено на најнизок степен“, изјавува Пушков во интервју за радиото „Комерсант FM“.
Да потсетиме дека на 10 април поради настаните на Крим ПССЕ ѝ го одзеде правото на глас на руската делегација. Поради тоа Собранието донесе одлука за исклучување на Русија од раководните органи на ПССЕ до крајот на годинава.
Како што објасни Пушков, во официјалното писмо што претставникот на Думата (долниот дом на рускиот парламент) Сергеј Наришкин деновиве го упати при претседавањето со ПССЕ „се зборува за тоа дека ние не одбиваме дијалог, но дека го отфрламе јазикот на санкции, зашто тие ја прават соработката невозможна“.
Според овој пратеник, санкциите ќе бидат на сила до крајот на 2014 година. „Практично е невозможно да си претпоставиме дека ПССЕ ќе ги укине санкциите. Тоа досега се нема случено. Ако резолуцијата се усвои до крајот на годината, таа и важи до крајот на годината. Дури во јануари 2015 година на руската делегација ќе ѝ бидат вратени сите овластувања, кога повторно ќе бидат потврдени овластувањата на сите национални делегации“, истакна Пушков.
Во интервју за весникот „Известија“ Пушков потсети дека Русија ја има една од најголемите делегации во ПССЕ и дека таа е една од земјите кои најмногу учествува во буџетот на Советот на Европа. „Русија секоја година уплатува 23 милиони евра, а оваа сума ја плаќаат само уште четири други држави – Германија, Франција, Италија и Велика Британија. Најлошо нешто што ПССЕ може да направи е да ја изолира Русија, зашто на тој начин ризикува самото себеси да се изолира од Русија“, изјави пратеникот.
Притоа Пушков објасни дека Русија не сака да дојде до прекин на односите со Европа. Тој исто така изрази надеж дека во најбрзо време Европската Унија нема да ги прошири санкциите против Русија и дека ќе премине на воведување економски мерки. „Москва не доведе војска во Украина, па дури и изјави дека ги почитува резултатите од претседателските избори, и покрај големите сомневања во поглед на нивната легитимност... Ние, исто така, покажавме желба да го решиме проблемот со гасот. Мислам дека Европа го препозна тоа.“
Одлуката за тоа дека Русија нема да учествува во работата на ПССЕ наиде на различни оцени.
„На Русија на оваа седница ѝ е понудена улогата на жртва на критиката без право на глас. Таа може само да слуша“, изјави за весникот „Взгљад“ политикологот Сергеј Марков кој е близок на Кремљ. „Русија не е задоволна со ваквата улога, па затоа одлучи да не учествува на ова заседание“.
Членот на руската делегација во ПССЕ, сенаторот (член на Советот на Федерацијата на РФ) Антон Бељаков, се изјасни за продолжување на соработката. Според него, Русија не треба да ја изгуби можноста да го изнесува своето мислење на меѓународните платформи, па ни во ПССЕ. „Сигурен сум дека ова прашање предизвика сеопфатна дискусија“, истакна пратеникот. „Многу членови на делегацијата (меѓу кои сум и јас) сметаа и сметаат: на Русија ѝ е одземено правото на глас за време на гласањето, но не и кога треба да се обраќа, да учествува во работата на политичките групи, на комитетите и на комисиите. Сметам дека ова е важна работа и затоа ги имаме сите причини да продолжиме со работата. Тоа ни дава можност да учествуваме во дискусиите и западните колеги да ги запознаеме со ставовите на Русија“.
Текстот е напишан врз основа на материјалите на „Комерсанта“, „Известија“ и vz.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче