Жителите на југоистокот на Украина сакаат на власт да бидат нивните претставници, а не чиновници кои се наметнати „одозгора“. Извор: Ројтерс.
„Москва со почит се однесува кон изразената волја на жителите на Донецката и на Луганската област и се очекува дека резултатите на референдумот ќе бидат практично реализирани на цивилизиран начин, без повторна употреба на сила, преку дијалог меѓу претставниците на Киев, Донецк и Луганск“, се наведува во соопштението на службата за односи со јавноста на претседателот на Русија, објавено во понеделникот.
Членот на претседателскиот Совет за човекови права Максим Шевченко, кој го следеше гласањето во Славјанск и во Краматорск, објасни дека жителите на југоистокот од Украина сакаат на власт да бидат нивните претставници, а не чиновниците кои им се наметнуваат „одозгора“.
Киев не е самостоен играч. Самостоен играч се Соединетите Американски Држави. Сè дури не се промени ставот на САД, нема да се промени ниту ставот на Киев.
Ростислав Ишченко, украински политиколог
„Сите сакаат ситуацијата во Украина да се смени. Луѓето велат: не сакаме повеќе да гласаме за политичари кои не прелажуваат, сакаме народна самоуправа, сакаме самите да ги контролираме буџетите во градовите и во регионите, сакаме сосема поинакви односи со Киев од оние кои постоеја досега, сакаме на власт да бидат наши претставници, а не оние што ни се наметнати“, изјави Шевченко за РИА Новости.
Набљудувачите го свртуваат вниманието на тоа дека Москва го искористила референдумот како повод уште еднаш да го повика Киев на дијалог со претставниците на југоистокот од земјата. „Со цел воспоставување на ваквиот дијалог го поздравуваме секој обид за посредување, меѓу другото и преку ОБСЕ“, соопшти службата за односи со јавност на претседателот.
Да потсетиме дека Киев го прифати предлогот на ОБСЕ за именување на германскиот дипломат Вофганг Ишингер за модератор на внатреукраинскиот дијалог во име на ОБСЕ.
Во меѓувреме министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција на 12 мај изјави дека е бесмислено да се зборува за одржување на „Женева-2“ (нова меѓународна средба) за Украина без учество на претставник од југоистокот на земјата: „Засега не се планирани нови средби за Украина, но ние би сакале напорите да продолжат, да не запираат и што побргу да добијат форма на некаков процес, зашто повторното собирање со учество на четири страни не изгледа перспективно. Ако во директниот разговор во врска со прашањата за излез од кризата не се вклучат опонентите на режимот, ништо нема да се постигне. Ова го признаваат и моите соговорници, меѓу кои се и државниот секретар на САД Џон Кери и министерот за надворешни работи на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, кои се залагаат за тоа женевските принципи да се применат во директен дијалог меѓу украинските страни“.
Духот е пуштен од шишето
Некои руски стручњаци претпоставуваат дека Крим нема веднаш да ги признае резултатите од референдумот. „Русија попрво ќе ги искористи резултатите од гласањето во Донбас како една од причините за водење преговори“, објасни за весникот Комерсант потпретседателот на ПИР-Центарот (Центар за политички истражувања на Русија) Дмитриј Поликанов. „Ова не е Крим. На Москва не ѝ одговара да ги признае резултатите од референдумот што се одржа во неделата, зашто не знае што понатаму да прави со нив“.
Кремљ сега не треба да ја заострува ситуацијата, но не е паметно ниту да се покорува на волјата на западните политичари, смета докторот на политички науки, професор Сергеј Черњаховски. „Во кризата на односите помеѓу Западот и Русија почна фронтален судир, што значи дека ќе изгуби оној што ќе попушти. А, прашањето 'треба ли да се расипуваат односите со Западот или не' денес, од гледна точка на големите политички настани, воопшто не е важно“.
Украинскиот политиколог и претседател на Центарот за системска анализа и прогноза Ростислав Ишченко смета дека од Киев не треба да се очекува никаква особена реакција. „Киев константно изјавува дека на југоистокот насекаде има руски единици, терористи донесени од Русија итн. Тие ќе продолжат да водат војна и за сето тоа да ја обвинуваат Русија. Ништо нема да се смени, сè ќе продолжи како и досега, затоа што во овој случај Киев не е самостоен играч. Самостоен играч се Соединетите Американски Држави. Сè дури не се смени ставот на САД, нема да се смени ниту ставот на Киев“, објаснува Ишченко.
Поликанов притоа смета дека ниту една надворешна сила не ги контролира во целост настаните во Украина. „Ниту Западот не ги држи своите луѓе сосема под контрола, ниту Русија не може да гарантира стопроцентно влијание врз своите приврзаници“, објаснува тој. „Духот е пуштен од шишето и не може туку-така повторно да се врати во него“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче