Советскиот војник Иван Бивших и Германката Елизабет Валтхелм се венчаа 62 години по Втората светска војна. Извор: Неизвестнаја Сибир.
Необична свадба
Новинарите многу рано почнаа да се собираат пред матичното во сибирскиот град Краснојарск, многу пред почетокот на церемонијата. Ги имаше стотина: од Москва до Берлин, од локалните весници и списанија. Тие до крајот не веруваа дека ќе се случи она за кое треба да пишуваат вест и за кое треба да снимаат прилози. Поранешниот војник на Црвената армија и некогаш обичната девојка од гратчето Хајероде решија да се венчаат, иако сега веќе имаат по осумдесетина години.
Младоженецот и невестата со стил пристигнаа пред Дворецот за венчавки: излегоа од црн „Линколн“. И веднаш почна да се слуша чкрапотењето на фотоапаратите. „Што за вас претставува денешнава свадба?“, довикуваа новинарите од една страна. „Како воопшто се најдовте?“, ги надвикуваа оние од другата страна. Веселбата сè уште не беше почнала, а веќе се имаше претворено во импровизирана прес-конференција...
Иван Бивших со ордени од Советската армија. Фотографии од личната архива. |
„Дали вашата одлука да стапите во брак беше искрена и слободна?“, ги прашува матичарката. „Да! Да, секако“, одговара Елизабет со насмевка. Се смееше и од среќа и од тоа што очигледно сè уште не им веруваше на своите очи. Две години траела нејзината бракоразводна парница во Луксембург, потоа не сакале да ѝ дадат виза, за одеднаш сè да тргне на добро. Фрау Валтхелм и Иван Бивших ги разменија венчалните прстени. Она кон што тежнееле во долгите 60 години се оствари за само неколку минути.
Веднаш по свадбата „младиот брачен пар“ се всели во голем стан. Го добија како подарок од поранешниот губернатор на Краснојарскиот крај. Елизабет во Германија добивала солидна пензија, па затоа решила самата да го уреди новиот стан. Купила теписи, садови, кауч и две фотелји. Така започна нивниот нов живот, како да се работи за обичен постар брачен пар. Многу шетаа, читаа и разговараа. А, разговараа главно на германски, оти Иван го памти германскиот уште од времето на војната...
Војната
Кога неговиот полк се разместил во Тирингија, дваесетгодишниот водник Иван Бивших бил поставен за командант во три германски населби: Хејероде, Дидорф и Ајхенриден. Тоа се случило во ули 1945 година. Велат дека Русите и Германците во тоа време не се дружеле, но Иван Бивших тврди дека тоа не е вистина.
Елизабет Валтхелм. Фотографија од лична архива. |
Тој многу се дружел со Гинтер, Германец од гратчето Хајероде, кој бил некогашен војник на Вермахтот. Често се гледале, многу разговарале, па Германецот еднаш го запознал со својата помлада сестра Елизабет. На војникот од Црвената армија му било забрането да се гледа со германските девојки, но Иван таа забрана не го спречила. Се вљубил во Лизхен (така тој ја нарекува својата Елизабет) и изнајмил мал стан, каде почнале заедно да живеат. Сите знаеле за неговата врска со Германката, но поголемиот дел му гледале низ прсти, сè дури Иван Бивших не објавил: „Ќе се оженам со Елизабет!“ Тогаш веднаш го вратиле во СССР, а несреќната Лизхен останала во Германија. Тие не знаеле дали повторно некогаш ќе се видат, но во писмата постојано си пишувале за долго очекуваната средба. Нивната преписка траела десет години. Иван Бивших тврди дека во тоа време дури и не гледал по други девојки, а Елизабет не се омажила. „Го чекав Вања, се надевав. Мислев дека сè ќе се среди кога ќе умре Сталин“, изјави таа во едно интервју.
Преписката ја прекинал Иван Николавич, кога во 1956 година надлежните органи го повикале и побарале од него да ги прекине „тие глупости со Германија“. Му се заканиле дека ќе го депортираат на Север. Тој тогаш ѝ напишал на Лиза проштално писмо, собрал сили и ѝ го испратил. Набргу потоа се оженил, а Елизабет се омажила. Но, кога во старост останал сам, краснојарскиот пензионер почнал често да се сеќава на минатото, особено на неговиот најсветол дел – животот во малиот германски стан со својата Лизхен.
Средба
... Колегите го замолиле Иван Николаевич да се избричи и да облече свечен костум, зашто наводно требал да се види со важна личност која се интересирала за неговата работа во Историско-генеалошкото друштво. Дошле по него со автомобил рано наутро и го одвеле некаде. „Не сум дете вака да ме возите. Што е ова?“, мрморел Иван Николаевич. „Кажете ми веќе еднаш каде одиме!“ Колата застанала пред некоја непозната зграда. „Сега убаво качете се“, го замолиле организаторите на изненадувањето. На катот покрај прозорецот стоела една постара дама со седа коса и со пријатен изглед и му мавтала. Сè било како на сон. Ниту Иван, ниту Елизабет долго не можеле да си поверуваат на своите очи. „Како ме најде?!“, се чудел тој. Излегло дека колегите на Иван Николаевич веќе одамна добро ја изучиле неговата биографија и знаеле за Елизабет, па ја нашле во Европа, ѝ се јавиле и ѝ предложиле да дојде во Краснојарск...
Елизабет Валтхелм умрела пред 4 години. Се разболела и заминала во Германија на лекување. Оттаму му се јавувала на Иван Николаевич секој ден по неколку пати. „Ќе се вратам дома за еден месец, најдоцна за два“, му ветувала таа на својот сопруг. И одеднаш престанала да се јавува. По една недела му се јавила нејзината братучетка и му рекла: „Лиза е неподвижна“. По неколку дена стигнала веста за нејзината смрт. Иван Николаевич не заминал на погребот на Лиза. Не го пуштиле децата, плашејќи се дека неговото старо срце нема да ја издржи возбудата. „Јас ја сакам како и порано“, вели воениот ветеран. „Многу, многу ја сакам“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче