Дипломатите бараат начин за крај на украинскиот конфликт

Ослободениот член на делегацијата на воените набљудувачи на ОБСЕ Аксел Шнајдер одговара на новинарски прашања во Славјанск. Извор: РИА Новости.

Ослободениот член на делегацијата на воените набљудувачи на ОБСЕ Аксел Шнајдер одговара на новинарски прашања во Славјанск. Извор: РИА Новости.

Москва предлага ЕУ и САД да го искористат потенцијалот на посредување на ОБСЕ за да влијаат врз актуелните киевски власти да го исполнат она на што се имаат согласено со потпишувањето на Женевската спогодба од 17 април, што подразбира соработка во правец на деескалација на затегнатоста и воспоставување национален дијалог во Украина, пред сè, во врска со реформата на украинскиот Устав.

Во екот на жестоката ескалација на насилство на југоистокот на Украина руските дипломати водат активни консултации со своите западни колеги, обидувајќи се да пронајдат начин за решавање конфликти. Вечерта на 17 април министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров одржа телефонски консултации со шефовите на дипломатиите на САД и на Германија, како и со претседателот на Швајцарија. 

Според официјалното соопштение на МНР на РФ, министерот за надворешни работи на Германија Франк-Валтер Штајнмаер за време на разговорите со Лавров се сложил дека е неопходно насилството да биде итно прекинато и да започне исполнувањето на договорот постигнат во Женева на 17 април. Министрите изразиле подготвеност да го поддржат почетокот на рамноправен дијалог помеѓу киевските власти и претставниците на југоистокот на Украина под покровителство на ОБСЕ, а со цел усогласување на практични чекори кои би воделе кон реализација на Женевската спогодба.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат
Неколку дена по потпишувањето на женевската декларација Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за нејзино нарушување. Москва се бори за разоружување на бунтовниците-националисти од „Десниот сектор“, а Киев бара прекин на проруските протести на истокот од Украина.

Нешто порано, за време на разговорот со шефот на Стејт департментот на САД Џон Кери, Лавров апелираше до Вашингтон да влијае врз властите во Киев да издејствуваат прекинување на воените операции на југоистокот на Украина. Рускиот министер истакна дека операцијата на југоистокот на Украина ја доведува земјата до „братоубиствени судири“. Лавров оперираше САД да „го употреби сето свое влијание“ за да го поттикнат режимот во Киев веднаш да ги прекине воените дејствија, да ја повлече војската и да ги ослободи учесниците на демонстрациите.

Во разговор со Дидие Буркхалтер, претседател на Швајцарија и актуелен претседавач со ОБСЕ, Лавров апелираше потенцијалот на ОБСЕ да се искористи за влијание врз Киев со цел запирање на воените операции во југоисточните реони на Украина. 

Да потсетиме дека на 3 мај Владимир Лукин, претставник на претседателот на РФ, успеа да издејствува ослободување на дванаесетте набљудувачи на ОБСЕ кои ги задржаа припадници на народната војска во Славјанск. Како што пренесува агенцијата ИТАР-ТАСС, Лукин објасни дека ослободувањето на набљудувачите не беше дел од спогодбата, туку „доброволен хуман чин“ на приврзаниците на федерализацијата. „Би сакале по овој чин да продолжат други хумани потези, како што е прекинување на борбите и почеток на преговори“, додаде Лукин. МНР на Украина ослободувањето на набљудувачите на ОБСЕ го нарече пример за исполнување на Женевската спогодба. Надворешнополитичкиот ресор на оваа земја го истакна значењето на „усогласените напори на руските посредници“.

Кремљ ги обвинува западните лидери за „недоразбирање“ 

Портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков на 3 мај го обвини Киев дека носи одговорност поради загинувањето на речиси 50 лица за време на вооружените судири во Одеса. „Властите во Киев не само што се одговорни за ова злосторство, туку се и соучесници во неговото извршување. Нивните раце се практично веќе крвави до лакти, при што се соучесници во ова злосторство и сите оние кои акциите на киевската хунта ги опишуваат како законски“, изјави Песков. 

Песков истакна дека „на големо жалење на Москва“ западните лидери покажуваат „целосно неразбирање на суштината на она што се случува, што може да се објасни со тоа дека тие или не можат да дојдат до сигурни информации или дека не сакаат да ги слушнат“.

Портпаролот на шефот на државата исто така истакна дека Кремљ ги смета за апсурдни плановите за одржување претседателски избори во Украина додека трае масовното крвопролитие. 

Во врска со ова Русија безуспешно се обиде од Советот за безбедност на ОН да издејствува осуда на насилствата во Украина. Постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин трагедијата во Одеса ја спореди со злосторствата на нацистите и апелираше до западниот дел од земјата да заземе појасен став. 

Според информациите со кои располага агенцијата Интерфакс, Чуркин изјавил дека властите во Украина фактички се откажале од дијалогот со претставниците на сите региони од земјата, што, според мислењето на РФ, сведочи за тоа дека тие не сакаат да го исполнат договорот од Женева. „Преземањето казнени мерки против сопствениот народ сведочи за тоа дека киевското раководство или не е во состојба или не сака да ги исполни обврските што ги има преземено со потпишување на изјавата во Женева на 17 април“, изјави Чуркин. 

Постојаниот претставник на Русија во ОН побара операцијата во Славјанск веднаш да биде запрена. „ Киевскиот режим поддржан од своите западни спонзори започна масовна примена на воена сила, со што фактички ја уништува последната надеж за делотворност на Женевската спогодба“, изјави Чуркин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња