Нељубезното лице на Црна Гора

Пред само неколку месеци претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ во интервју за „Росијскаја газета“ ѝ се заблагодари на Русија за тоа што таа меѓу првите ја призна независноста на Црна Гора во 2006 година. Извор: Росијскаја газета.

Пред само неколку месеци претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ во интервју за „Росијскаја газета“ ѝ се заблагодари на Русија за тоа што таа меѓу првите ја призна независноста на Црна Гора во 2006 година. Извор: Росијскаја газета.

Деновиве дознавме дека Црна Гора, поддржувајќи ги САД и ЕУ, им се приклучи на санкциите против Русија „поради ситуацијата на Крим“. Премиерот Мило Ѓукановиќ на трансатлантскиот самит во Брисел ги увери европските чиновници и американските конгресмени дека главен приоритет на Црна Гора е членството во НАТО и во ЕУ и дека на патот кон оваа „највисока цел“ е подготвен да направи многу работи.

„Во согласност со обврските што ги имаме кон партнерите од САД и од ЕУ ние исто така се приклучуваме кон санкциите“, изјави Ѓукановиќ во Брисел. Неколку дена подоцна в Вашингтон тој го замоли потпретседателот на САД Џозеф Бајден што поскоро да ја прими Црна Гора во НАТО. 

Имајќи го предвид фактот дека против санкциите се изјаснија многумина високи функционери од земјите-членки на ЕУ, не се чини дека ваквиот став на Црна Гора кон Русија е политички сосема ефикасен. По одвојувањето на Црна Гора од Србија во 2006 година токму руските пари од сиромашната поранешна југословенска република создадoa земја која е меѓу првите според странските инвестиции, обезбедувајќи на тој начин доста удобен живот за своите жители. Во текот на неколку години Русите во економијата на Црна Гора вложија вкупно две милијарди евра. Од една страна , станува збор за големи компании кои инвестираа во локалните рударски и металуршки претпријатија, а од  друга страна, за илјадници наши сонародници кои откупија релативно евтини недвижности во Будва, Тиваат и во Котор.

Во согласност со обврските што ги имаме кон партнерите од САД и од ЕУ ние исто така се приклучуваме кон санкциите. 

Мило Ѓукановиќ, премиер на Црна Гора

Всушност, стручњаците истакнуваат дека властите на Црна Гора се погрижија односите на двете земји уште од првиот ден да наидат на проблем. Зад убавите цифри за порастот на бројот на руски туристи, со кои црногорските државници сакаат да го илустрираат „пријателството“ меѓу нашите држави (дури 300 илјади туристи во текот на минатата година!), се крие сосема поинаква слика: во последниве неколку години руските граѓани полека и без многу бука се потиснуваат од сите сфери на животот на оваа туристичка држава. 

Неофицијален извор од дипломатските кругови претпоставува дека едно од клучните барања на новите „ментори“ на Црна Гора за влез во НАТО било што побрзо да се ослободат од „претераното“ присуство на Руси. И покрај вековното пријателство меѓу народите и негативниот однос кон НАТО што дел од жителите го негува, власта на малата туристичка земја, така да кажеме, подготвено салутираше и премина на извршување на задачата. 

Владата на Ѓукановиќ вредно „ја чисти“ земјата од остатокот на руското влијание, не двоумејќи се да ги употреби сите расположливи средства. Така, црногорската полиција одби да реагира кога руската управа на железарницата во Никшиќ доби закани за физичко насилство. На крајот компанијата, која во модернизацијата на ова неуспешно претпријатие вложи десетици милиони евра, беше принудена во вонредни околности итно да ја напушти Црна Гора, а Владата повторно ја презеде железарницата и ја продаде на една англиска фирма.

Во текот на последниве неколку години поради делувањето на странските стручњаци за политичка кампања, проруските сили во власта се минимално застапени. 

Максим Кисељов, Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“

Минатото лето црногорските државни службеници го одзедоа од компанијата на рускиот милијардер Олег Дерипаска најголемото претпријатие во земјата, Комбинатот за алуминиум Подгорица (КАП) и го дадоа на продажба. Со последиците на политиката на Ѓукановиќ се соочија и обичните руски граѓани, сопственици на недвижнини во Црна Гора. Имено, полицијата покажува неажурност за време на решавањето на случаите на кражби во руските куќи, кои зачестија, како и за време на расветлувањето на големи афери во сферата на недвижнините, чии жртви се Руси. На нашите сонародници, сосопственици на заеднички претпријатија, под измислени изговори им се оневозможува влез во земјата, а во нивно отсуство едноставно им се одзема учеството во бизнисот. 

„Црногорските политичари имаат кратко паметење“, изјави амбасадорот на Русија во Црна Гора Андреј Нестеренко за локалниот весник „Дан“. „Високите црногорски претставници во 2005 година буквално не молеа да ја поддржиме слабата црногорска економија со инвестиции, велеа дека Русите и Црногорците се браќа, а сега нè бркаат“. 

Министерството за надворешни работи на Русија јавно го изнесе својот став по повод политиката на Ѓукановиќ: „Ваквиот вид изјави и ваквите потези се во директна спротивност со длабоко вкоренетата традиција на пријателство и заемно разбирање помеѓу нашите народи, која се потпира на 300-годишното искуство во руско-црногорските односи“, се наведува во соопштението на Министерството. Претседателот на Државната дума на РФ Сергеј Наришкин, пак, истакна дека „развојот на односите помеѓу Русија и Црна Гора не треба да зависат од геополитичките интереси и сметки на која било трета страна, особено не на оние прекуокеанските“. 

Некои извори наведуваат дека моментално сериозно се разгледуваат можните возвратни мерки. Тие тврдат дека руските пари од туризмот и од инвестициите во локалниот бизнис сочинуваат значаен дел од бруто домашниот производ на Црна Гора. Спектарот мерки чија примена се разгледува е широк: од регулирање на испораката на вино од Црна Гора во Русија (што изнесува 90% од црногорскиот извоз на вино) до воведување визен режим, што би можело да влијае врз туризмот (руските граѓани сочинуваат третина од бројот странски туристи во Црна Гора). 

„Секако, поголемиот дел од жителите на Црна Гора е проруски ориентиран. Но, во текот на последниве неколку години поради делувањето на странските стручњаци за политичка кампања, проруските сили во власта се минимално застапени“, истакнува Максим Кисељов, еден од авторите на рефератот „Црна Гора: цената на европските интеграции“ од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. „Незадоволството на жителите од политиката на Ѓукановиќ е сè поголемо и сосема е можно дека економскиот одговор на Русија ќе го поттикне процесот на уривање на оваа вештачки предизвикана политичка нерамнотежа на силите во земјата. Русија треба да ги заштити своите интереси и сопственоста на своите граѓани на Балканот“, смета Кисељов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња