Извор: Photoshot/Vostock-Photo
Повод за обвинувањата е ситуацијата во Славјанск, каде како резултат на напади на непознати лица на контролен пункт беа убиени најмалку тројца локални жители. Во моментот на нападот на контролниот пункт се наоѓаа само невооружени луѓе, што е потврдено и од страна на МВР на Украина.
МНР на Русија настанот го нарече провокација на бунтовниците на „Десниот сектор“ и изјави дека тој сведочи за немањето желба кај киевските власти за разоружување на националистите и на екстремистите. Москва настојува на итно исполнување на обврските што украинската власт ги презеде во врска со деескалација на ситуацијата на југоистокот на Украина.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека сега женевската спогодба не се исполнува пред сè од страна на оние што ја презедоа власта во Киев. „Во женевската спогодба за Украина не се споменуваат рокови, но итно треба да се преземат мерки. Пукањето врз невооружени лица на велигденската ноќ е неприфатливо“, подвлече министерот. Според него, сè укажува на тоа дека киевските власти не можат или не сакаат да ги контролираат екстремистите, а нападите на вооружените бунтовници на југоистокот на Украина сведочи за желбата да се испровоцира граѓанска војна.
Исто така првиот човек на министерството за надворешни работи потсети дека Киев нарушува уште една од точките на женевската спогодба, според која се бара амнестија на политичките затвореници и учесници на протестите. „Наместо да ги ослободи веќе притворените, меѓу кои е и народниот губернатор на Донецк Павел Губарев, властите во Киев продолжуваат да ги затвораат политичките лидери од југоистокот“, изјави министерот.
Освен тоа Сергеј Лавров ја изрази својата увереност дека обидите на западните земји да ја изолираат Русија се апсолутно бесперспективни. Според него, поголемиот дел од државите во светот не сакаат никаква изолација на Русија. „Наместо да се поставува ултиматуми и да се заканува со санкции, Вашингтон треба во целосна мера да ја осознае одговорноста за оние кои ги донесе на власт во Киев“, заклучи министерот.
Министерството за надворешни работи на Украина излезе со свој одговор во кој заклучоците на МНР на Русија ги нарече „избрзани“ и „празни“ и соопшти дека властите започнале да го истражуваат нападот на контролниот пункт во Славјанск.
Киев повторно побара од руската страна „да изврши влијание врз приврзаниците на федерализацијата за ослободување на незаконски заземените простории, да ги деблокира патиштата, да го предаде оружјето и за спречување на крвопролевање“, како што е тоа предвидено со женевската спогодба.
На оваа основа прорускиот „народен фронт“ на Славјанск изјави дека нема да го предадат оружјето, сè дури не бидат разоружени бунтовниците на „Десниот сектор“ и на другите радикални националистички групи, кои ја поддржуваат власта во Киев.
Како што изјави за радиото Комерсант-ФМ политикологот Михаил Троицки од Московскиот државен институт за меѓународни односи, киевските власти тешко дека ќе успеат наскоро да ги разоружат бунтовниците од Мајдан. Според него, ниту една од страните во конфликтот во Украина не е подготвена да го направи првиот чекор. „Киевските власти и вооружените формации си ја префрлуваат еден на друг одговорноста за неисполнувањето на женевската спогодба и за обврските поврзани со разоружувањето. Мислам дека ова ќе трае уште долго, сè дури кризата сама по себе не исчезне“, забележува експертот.
По материјалите на ИТАР-ТАСС и Комерсант.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче