Олимпијада во Скопје, но овој пат по руски!

Извор: Руска реч на македонски

Извор: Руска реч на македонски

Вчера во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје се одржа 45 Олимпијада по руски јазик на која учество зедоа ученици од основните и од средните училишта во Република Македонија.

Оваа година по четириесет и петти пат беше одржана традиционалната Републичка олимпијада по руски јазик за учениците од основните и од средните училишта од Република Македонија. Традиционално овој натпревар се одржува во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, а организатор е Катедрата за Славистика. 

На Олимпијадата секоја година со знаење од областа на рускиот јазик се натпреваруваат две групи ученици. Во првата група се натпреваруваа учениците од основите училишта, додека во втората оние од средните училишта. И оваа година учениците заедно со своите наставници покажаа голем интерес и голема подготвеност. 

Лингвистиката на работ на глобализацијата
Сакате да научите руски? Се плашите дека тоа е преголем залак за вас? Прочитајте го следново интервју, па потоа донесете решение!

Оценувањето на знаењата го вршеа наставници по руски јазик од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Натпреварот беше составен од три дела. Во првиот дел учениците пишуваа диктат, врз основа на кој се оценуваат нивните вештини за слушање, разбирање и пишување. Вториот дел се состоеше од тест, на кој учениците ги покажаа своите знаења од граматиката на рускиот јазик. Откако овие две писмени работи беа напишани и прегледани, најдобрите преминаа на устен дел. 

По писмениот дел, учениците, видно возбудени, ги очекуваа резултатите, се консултираа еден со друг, се сеќаваа каде згрешиле, каде одговориле точно. Во разговор со нив тие рекоа дека писмениот дел им бил тежок, но дека тие тоа и го очекувале, зашто сепак станува збор за републички натпревар.  

Сакам да им порачам на учесниците на овој натпревар да не застануваат тука, да продолжат да го откриваат јазикот на Достоевски, на Толстој, на Гагарин.

Михаил Лушин, Амбасада на РФ во РМ

И нивните наставници не можеа да останат рамнодушни. Ги прашуваа своите деца какви прашања добиле на тестот, како одговориле на нив, но доколку тие некаде и одговориле неточно, наставниците ги успокојуваа, велејќи им дека не е ништо страшно и оти секој може да згреши. 

Професорката Красимира Илиевска, која е шеф на Катедрата за славистика во врска со Олимпијадата изјави: „Многу ми е мило што ја продолжуваме традицијата и што по 45 пат го организираме републичкиот натпревар по руски јазик. Ова е можност не само да се види кој колку знае, туку и да се сретнеме со наставниците по руски јазик кои живеат и работат во другите делови на Македонија, да поразговараме за состојбите со рускиот јазик, да ги разгледаме проблемите со кои тие се соочуваат, а, доколку е можно, и да најдеме заедничко решение за нив“. 


Oрганизаторите  и учестниците на 45 Републичка олимпијада по руски јазик во Македонија. Извор: Руска реч на македонски

За наставниците овој натпревар е особено важен. Билјана Коцевска која предава руски јазик во две средни кумановски училишта со своите ученици доаѓа на Олимпијадата уште од 1990 година. „За учениците ова претставува можност да го покажат своето знаење, а за наставниците е место каде тие ги разменуваат своите мислења и искуства, место на кое можеме да ги разгледаме прашањата околу изучувањето на рускиот јазик. Лично јас сум многу задоволна и се гордеам со своите ученици. Тие секогаш знаат да возвратат за она што им го давам. Особено е пријатно кога ќе се види дека дел од нив тргнале по моите стапки. Веќе имам и ученичка која е сега моја колешка и која со своите ученици доаѓа на овој натпревар. Без разлика на тоа какви резултати моите ученици ќе покажат на натпреварот во моите очи тие секогаш ќе бидат победници“, вели Коцевска. 

Вова, Владимир, Владимир Владимирович: што значат руските имиња?
Многумина мислат дека човековото име влијае на неговата судбина. Кои имиња им ги даваат руските родители на своите деца и како со помош на имињата може да се изрази односот кон некого?

Како еден од поддржувачите на овој настан е и амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. На Олимпијадата присутен беше и аташето за култура при амбасадата Михаил Лушин. „ За мене претставува чест да бидам дел од Републичката олимпијада по руски јазик, која веќе по 45 пат се одржува тука, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Сакам да им порачам на учесниците на овој натпревар да не застануваат тука, да продолжат да го откриваат јазикот на Достоевски, на Толстој, на Гагарин. Исто така би сакал да им се заблагодарам и на наставниците, кои без оглед на можните тешкотии, прават сè за на своите ученици да им ја пренесат љубовта кон рускиот јазик“, изјави Лушин. 

Љубовта кон рускиот јазик се покажува и во активностите надвор од наставата. Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, во која како наставник работи Коцевска, има многу добра соработка со Гимназијата број 13 од Санкт Петербург. Од 2007 година се врши размена на ученици – една година македонските ученици заминуваат во Санкт Петербург, а следната руските доаѓаат во Куманово. Учениците од оваа кумановска гимназија мината година за прв пат зедоа учество на Меѓународниот детски фестивал на Литературно творештво во Санкт Петербург, а оваа година планираат повторно да учествуваат. Меѓу другото годинава тие преку видеоконференција на еден друг фестивал во Санкт Петербург направиле и своја презентација на локалитетот Кокино и на македонски народни инструменти, додека, пак, за преводот на збирката раскази на Димитриј Лешниковски „Нашето маало“ од македонски на руски јазик, 20 ученици биле наградени со дипломи. 

Сево ова покажува колку традицијата и нејзиното продолжување се важни не само за рускиот јазик во Македонија, туку и за тоа дека учениците навистина покажуваат голем интерес и љубов кон јазикот и кон културата и дека се навистина заинтересирани за продлабочување на знаењата, но и за зголемување на контактите со своите врсници од Русија. Сепак, децата се нашето богатство, а нивните интереси треба да се потхрануваат, со цел од нив да се развијат поколенија задоволни од она што успеале да го добијат во процесот на образованието.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња