Приднестровје се подготвува

Додека руските мировни сили се подготвуваат за маневри, војниците од Приднестровје веќе минуваат низ интензивен тренинг. Извор: Ројтерс.

Додека руските мировни сили се подготвуваат за маневри, војниците од Приднестровје веќе минуваат низ интензивен тренинг. Извор: Ројтерс.

Ситуацијата околу Приднестровје се заострува. Властите на непризнаената република одбија да учествуваат во планираните преговори, обвинувајќи ја Молдавија за санкции, а Украина за блокада. Приднестровје, поттикнато од примерот на Крим, сака да се присоедини кон Русија, а Москва изразува подготвеност да примени сила против оние кои му се закануваат на Приднестровје и „секој агресор да го натера да го почитува мирот и демократските норми“.

Претставниците на Приднестровје нема да учествуваат во преговорите во формат „5+2“ (страните во конфликтот Молдавија и Приднестровје, со РФ, Украина и ОЕБС како посредник и САД како набљудувач), кои беа закажани за 10 и за 11 април во Виена. Ова се наведува во писмото на министерката за надворешни работи на Приднестровје Нина Штански, кое на 5 април беше упатено до сите учесници на преговарачкиот процес. Во него е образложено дека Приднестровје го одбива учеството во преговорите зашто Кишинев не го одржа ветувањето дека ќе ја укине увозната акциза која минатата година беше воведена за претпријатијата на Приднестровје. Во врска со тоа Штански соопшти дека е “невозможно да се оствари ефикасен дијалог во услови на постојани ограничувања и санкции“ и додаде: „Приднестровје не е подготвено да прифати покана за уште една средба во формат '5+2'“.

Ќе го употребиме сиот арсенал средства на политичко, дипломатско, економско, а ако биде потребно и вооружено влијание на секој агресорот, со цел да го натераме да ги почитува мирот и демократските норми.

Потпретседателот на Владата на РФ Дмитриј Рогозин

Неуспехот на преговорите потврдува дека односите помеѓу Кишинев и Тираспол се заоструваат. Причината не лежи само во економските несогласувања. Меѓу страните во конфликтот со нова сила изби и територијалниот спор, кој се однесува на неколку села кои се под јуриздикција на Молдавија, а кои Приднестровје ги смета за свои.

Во спор и со Украина 

Тираспол е во конфликт не само со Кишинев, туку и со Киев, кој пред повеќе од еден месец го заостри режимот за премин преку украинската граница за државјаните на РФ. А, во Приднестровје, кое е притеснето помеѓу Молдавија и Украина, руско државјанство има речиси секој втор граѓанин, така што потезите на Киев се протолкувани како блокада. 

„Тие [украинските власти] во март преку границата не пуштија над 200 граѓани на Приднестровје кои имаат руски пасоши. Во нашата Република живеат околу 200 илјади државјани на РФ, околу 100 илјади имаат украинско државјанство, при што многумина имаат роднини во соседните земји, па затоа овие мерки создаваат напнатост“, се пожали претседателот на Приднестровје Евгениј Шевчук. 

Во исто време Киев тврди дека заострувањето на контролата на границата е „внатрешна работа на Украина“. Москва, меѓутоа, има поинаков став. „Надворешната блокада“ на Приднестровје на 29 март претседателот на РФ Владимир Путин ја спомена во телефонскиот разговор со американскиот колега Барак Обама. „Претседателот на РФ обрна внимание на фактичката надворешна блокада на Приднестровје, која суштински прави проблеми во условите за живот на жителите на регионот, го отежнува нивното движење, нормалната трговија и економската размена“, соопшти службата за односи со јавност на Кремљ. Господинот Путин истото тоа го повтори на 31 март на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел. А, министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров темата за блокадата ја отвори на париската средба со државниот секретар на САД Џон Кери. 

Додека руските мировни сили се подготвуваат за маневри, војниците на Приднестровје веќе минуваат низ интензивен тренинг. Министерството за одбрана на непризнаената република минатата недела објави информација за одржување на борбени маневри на припадниците на тенковските, артилериските, ракетните единици и единиците за противвоздушна одбрана, како и за спроведување вежби во инженерските единици, кои реализираа поставување понтонски мост преку Днестар. Министерството за одбрана истакнува дека сите вежби се спроведуваат според постоечкиот план, а дека нивното сценарио е „одбрана од агресор“. 

За одбрана на Приднестровје, изгледа, е подготвена и Русија. Коментирајќи ја ситуацијата околу непризнаената република во емисијата „Руско прашање“ на ТВ каналот Центар, потпретседателот на Владата на РФ Дмитриј Рогозин изјави: „Ќе го употребиме сиот арсенал средства на политичко, дипломатско, економско, а ако биде потребно и вооружено влијание на секој агресорот, со цел да го натераме да ги почитува мирот и демократските норми“. Во Приднестровје оваа изјава веднаш почна масовно да се цитира. 

Претставниците на власта во Тираспол не кријат дека, поттикнати од тоа како Москва го реши „кримското прашање“, сакале што побргу да тргнат по патот на полуостровот. И сметаат на Русија. „На референдумот во 2006 година во Приднестровје над 97% од гласачите се изјаснија за независност и за присоединување кон Русија. Веруваме дека меѓународните партнери, имајќи ја предвид ситуацијата во светот која се менува брзо, ќе дојдат до заклучок дека праведната одлука е можна само доколку се почитува волјата на народот на Приднестровје“, уверен е Евгениј Шевчук. 

Рускиот текст на сајтот на Комерсант.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња