Извор: Аљлона Репкина
Многумина сметаат дека корпоративната култура во Русија, ако не отсуствува во принцип, барем е лошо развиена и наведуваат примери за корпоративни култури во крупните западни компании. Сепак корпоративната култура во Русија постои, и, секако, таа си има свои особености.
Царско-Советски корпоративизам
Мислењето за тоа дека корпоративната култура се појавила во Русија дури по распадот на Советскиот Сојуз пред 20 години, е апсолутно погрешно. Русија познава корпоративни култури од различни чиновнички компании од царската епоха, кои се прекрасно опишани во делата на Достоевски и на Чехов. Русија генерирала корпоративна култура во советските „канцеларии“ и во партиските организации на претпријатијата.
Во периодот на пазарната реформа во Русија се појави корпоративен стил кој беше изграден врз идеалите на бандитските „сфаќања“. Од почетокот на минатата деценија младата Русија активно побрза да го воведе западниот стил во корпоративното управување. Русија не изгуби ниту една од своите метаморфози на корпоративната култура, што денес резултира како неспојливо единство, на сè што беше наведено погоре.
Познајничка идеологија
Странските компании што доаѓаат на рускиот пазар се изненадени од неможноста на руските работници да им се влее љубов кон компанијата, кон брендот и кон нејзината идеологија. Тие нема да ги учат законите и химната на компанијата.
Историјата ги лишила Русите од секаква верба во која било идеологија. Царот и Бог паднаа под ударот на пролетерската револуција и на атеизмот. Ликот на Сталин, Водачот на Народот, беше дискредитиран на 20 конгрес на Комунистичката партија. Перестројката и либералните пароли доведоа до распад на земјата, неконтролирана сиромаштија и до процветување на криминалот во деведесеттите години од минатиот век. Зошто да се верува во нешто, ако утре истото тоа стане неприфатливо.
Според резултатите на анкетите, помалку од 15% од Русите ѝ посветуваат внимание на политиката на компанијата и само 6% се раководат од идеолошки причини при изборот на местото за работа. Најважно е добро да се плаќа, а уште подобро доколку таму работи пријателот Васја, некој другар од детството, сватот на сестрата или поранешен колега од факултет. Проблемот е во тоа што во текот на многу години Русите не се научија да веруваат во што и да е, освен во луѓе. Приврзаноста кон идеалите никому не му донела добро, а вистинското пријателство, цврстите човечки односи – да.
Луѓето во Русија, заминувајќи си од една компанија, преминуваат во друга по партии, носејќи ги постепено другите. Кога ќе си најдат работа, се обидуваат на тоа место да вработат некој роднина, пријатели и поранешни колеги.
„Несомнено, 'своите' луѓе се секогаш повредни. 'Кланство' постои дури и во крупните руски компании, но не секогаш се тоа пријатели или роднини. Може да станува збор за луѓе од ист факултет, од ист град, од претходното работно место. Опкружувајќи се себеси со свој круг луѓе, лично јас чувствувам голема увереност, заштитеност, сила. Ги знам слабите и силните страни на луѓето, а тоа не е напишано во резимето“, изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на една крупна новинска агенција. Како што рече адвокатот на опалниот олигарх Березовски во лондонскиот суд: Во Русија бизнисот се гради на доверба.
Новото поколение Руси кои матно се сеќаваат на деведесеттите години на минатиот век, во кои им поминало детството, веќе се доволно возрасни и сега почнуваат да се вработуваат, да основаат свој бизнис. Тие избираат работи според брендови, веруваат дека светот може да се измени, дискутираат нови идеи, смислуваат свои, отпочнуваат стартапи со глобални планови. Но, тие се сега на почетокот на патот, тие формираат своја култура, но таа сè уште не е станата масовна. Можеби тие ќе успеат да поверуваат во некои нови идеали. Компаниите како што се ABBYY, Kaspersky, Yandex, VKontakte и некои други ја развиваат корпоративната култура во западен стил, но засега тоа се само исклучоци кои го докажуваат правилото.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче