Што ги поврзува Русија и Украина освен границите и историјата?

Многу Руси имаат барем малку украинска крв и во Украина има многу луѓе чии роднини се Руси. Извор: AFP / East News

Многу Руси имаат барем малку украинска крв и во Украина има многу луѓе чии роднини се Руси. Извор: AFP / East News

„Руска реч на македонски“ собра приказни на Руси за кои сегашната криза во Украина не е едноставна политичка парола, туку нешто што тие длабоко го доживуваат.

Кризата околу Украина е чувствителна за руската заедница, бидејќи двата народа не ги поврзува само заедничката политичка историја, туку и вистинските судбини на мноштво луѓе кои растеле, оделе на состаноци, се женеле и одгледувале деца. 

Јуриј, 47 години 

Мојата сопруга Ира е Украинка, и моите родители се од Украина. Таму имам многу роднини. Живеат и на западот (Волињ, Лук), и во центарот (Киев) и на исток (Харков). 

Дедовците, кои живеат на запад, се присетуваат на советските времиња, кога живееле во богат колхоз. Денес речиси целата младина е отпатувана во Португалија или во Полска, оние што останаа не живеат добро. 

Роднините во Харков се активни револуционери, страсни поддржувачи на Батковшчината. На нас ги пренесуваа сите гревови. Политиката на Путин во последниве 10 години – „зошто ни го исклучувате гасот“ итн. 

Мојот внук живее и студира во Киев. Не оди на Мајдан, се обидува да студира. Постарите колеги не им дозволувале на бруцошите да одат „во огнот“, ги затворале во студентските домови и внимавале да не одат меѓу куршумите. 

Вестите за претстојниот референдум предизвикаа краток коментар на Скајп од Харков – „Окупатори“. За волја на вистината, ни се јавија на 8 март па зборувавме за животот. Сето тоа е еден голем циркус! 

Николај, 32 години 


Фотографија од лична архива

Баба ми е Украинка. Дојдена е во Москва во триесеттите години од минатиот век, за да се спаси од гладот. Се омажила, родила 4 деца. Мајка ми, нејзината сестра и братот во детството и како тинејџери секое лето го поминувале во Украина. Зборуваа украински исто толку добро колку и руски. Дома чуваме детски цртежи со стари селски куќи и со вишнови градини. 

Таму имаме многу роднини, кои понекогаш ни доаѓаат на гости, со себе носат како подарок неверојатно вкусен џем и овошје. Мајка ми и тетка ми исто така се трудат барем еднаш во неколку години да отидат во Украина, која им е татковина исто како и Русија. 

По распадот на СССР моите блиски никако не можеа да се навикнат дека Русија и Украина не се иста држава. 

Ми се чини дека сега е тешко да се најде човек во Русија кој не би имал барем малку украинска крв, а во Украина, особено во градовите, има многу луѓе чии роднини се Руси. 

Ана Ожерелева, 26 години

Фотографија оф лична архива

Баба ми и дедо ми по мајчина линија се Украинци. Баба ми е од Черкаси, а дедо ми од Полтава. И двајцата пред 65 години се преселиле во Москва, но и понатаму одржуваа врски со Украина. 

Во Черкаси имаме куќа. Сите летни распусти ги поминував таму. Се капевме во Днепар, се качувавме на големиот орев кој растеше во дворот и се обидувавме да ги пробаме сите многубројни видови украински сладолед.

Во Черкаси ја запознав и својата прва љубов. Таму заминав и на брачното патување. А, над Днепар јас и маж ми закачивме катанец со нашите имиња.

Многу ја сакам Украина. Тоа е место на кое душата ми се одмора. Се трудам да отидам таму барем еднаш годишно. 

Екатерина, 34 години 

Живеев во Крим 10 години, сега живеам во Москва. 

Всушност Крим отсекогаш беше руски. И тоа не само од гледна точка на територијалната припадност, туку во свеста на луѓето. 

Таму имам многу блиски луѓе и пријатели. Сите замолкнаа и го чекаат референдумот. Постојат цврсти врски меѓу нас, една држава е една држава, независно од тоа колку некој се обидува да ја „исече“ и да ја раздели. 

Ољга Горшкова, 26 години 

Фотографија оф лична архива

Баба ми и дедо ми заминале во Украинската ССР, кога мајка ми била малечка. Мајка ми се омажила во Архангељск, но бидејќи баба ми го водела породилниот оддел на градската болница во Херсон, јас и двете сестри сме родени токму таму. 

За мене Украина никогаш нема да биде „странство“, имаме многу работи што не поврзуваат со Украинците. Но, ги почувствувавме промените по распадот на СССР. 

Мојата постара сестра е родена во 1985, јас во 1987, а најмладата во 1993 година. Моите родители немаа проблем со вадење извод од матичната книга на родените за нас, постарите сестри. Но, одбија да ја регистрираат помладата сестра според местото на живеење на родителите. На крајот успеа да се регистрира откако се врати во Архангељск, и сега во нејзиниот пасош пишува дека е родена таму, иако не е, како и многу други членови на моето семејство, во Украина. 

Алиса Вермеенко, 25 години 


Фотографија од лична архива

Сите во моето семејство се родени во Харков, сега таму живеат баба ми и дедо ми. И денес се трудам да одам таму секое лето, во викендичката на дедо ми. За мене тоа е најдоброто место на светот.  

Сега сите се многу загрижени, кај нас никој не ги делел Русите и Украинските поради семејната историја. Но, сега баба ми, која живее во Украина, е навредена од постапката на Русија. Рече дека се дружела со демонстрантите од Мајдан, дека тие се пристојни и интелигентни луѓе, дека ѝ се допаднале. 

Навистина е срамота поради нечии политички амбиции, одеднаш да се искараме со народот кој ни е близок според духот. 

Подготви: Всеволод Пуља

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.